„Да“ за Северна


Со 81 глас „за“ македонското Собрание ги усвои амандманите на четирите члена од уставот и со тоа го прифати договорот за името со Грција. Откако парламентот во Атина ќе го ратификува процесот, нашето ново име ќе биде Република Северна Македонија, а ќе има и други интервенции во уставот. За возврат, Македонија уште годинава ќе добие покана за членство во НАТО, а ќе се приближи и до Европската Унија. Со оваа одлука Македонија го реши проблемот што две и пол децении го кочеше напредокот на земјава, но компромисното решение со Грција остави незадоволство кај граѓаните, кои, сепак, го прифатија договорот како влог во иднината.
Ниту вчерашниот ден не помина без драма, иако со денови се шпекулираше оти власта има договорено мнозинство. До последен момент не се знаеше кој ќе крене рака „за“: Беса, некој од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ или некој од коалицијата на опозицијата. Стартот закажан за 12 часот беше одложен за три часа. Премиерот Зоран Заев беше на итен состанок со Билал Касами, кој со своето крило на Беса има двајца пратеници. Официјалните информации беа дека никој не попушта, па се лиферуваше вест оти Беса ќе најде компромис: еден ќе гласа „за“ (Теута Билали), а Фадил Зендели ќе биде против, иако во изминативе денови му вршеле притисок од страна на американската, косовската и албанската амбасада.
„Не притискајте ме, ќе напуштам политика“, наводно рекол Зендели.
Ниту во 15 часот не започна седницата. Околу 16 часот, стигна белиот чад од владејачкото мнозинство.
„Уште еднаш потврдуваме дека државјанството е македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, притоа прифатен е амандман на Уставниот закон со кој се потврдува државјанството македонско/граѓанин на Република Северна Македонија и се појаснува како ќе гласи за граѓаните Албанци на албански јазик, и ќе се утврди во сите закони каде што е тоа потребно. Истовремено, се прифати амандманот на уставниот амандман XXXVI со кој се потврдува дека Републиката еднакво води грижа за дијаспората на сите свои граѓани“, информираа Владата и Беса во заедничко соопштение.
Нивната осумдесетка беше засилена со Панчо Минов од Гром, кој активно учествуваше во подготовка на амандманите, а и одамна најави оти ќе ја напушти опозицијата откако неговиот сограѓанин, Митко Јанчев, беше разрешен од потпретседателската функција на ВМРО-ДПМНЕ. Со тоа немаше потреба некој од опозициските пратеници да премине на страната на власта. А отворено се лицитираше со нивните имиња.
„Се вршат жестоки притисоци од власта и премиерот Зоран Заев за обезбедување мнозинство за гласање на уставните измени. Се гази демократијата и Заев по секоја цена, спротивно на волјата на граѓаните, тргнал кон промена на името. Заев е уплашен човек, всушност, операцијата за промена на името станува операција за спас на неговата кариера. Националното обезличување станува негов врвен приоритет“, рекоа од ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот Христијан Мицкоски свика вонреден состанок на Извршниот комитет на партијата во време кога траеше седницата во Собранието. Сакаше да се осигура дека нема да му се случи 19 октомври кога дел од пратениците, кои се колнеа на верност, во последен момент се премислија и гласаа за отворање на Уставот.
„Ја информираме јавноста дека со заедничко учество успеавме да постигнеме договор за конечноста на уставните амандмани и уставниот законик со што се обезбедува најмалку двотретинско мнозинство во парламентот. Добивме максимално можно добар текст на уставните амандмани и уставниот законик за спроведување на договорот од Преспа, со што уште еднаш се потврдува македонскиот идентитет, внатрешна примена на договорот од Преспа и стапувањето во сила на уставните амандмани. Уште еднаш потврдуваме дека државјанството е македонско/ граѓани на Република Северна Македонија“, соопштија вчера попладне „независните“.
Седницата почна нешто пред 18 часот. Првиот амандман со кој „независните“ бараа името Северна да се користи само за надворешна употреба беше одбиен. Поранешната министерка Елизабета Канческа-Милевска ја искористи шансата да удри по раководството на ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи го за лажен патриотизам. Против беа 70 од вкупно 81 присутни во тој момент. За другите амандмани немаше спротивставувања од страна на договореното мнозинство.
„Тешкиот процес успеавме гордо да го истераме. Им се заблагодарувам на сите поединечно“, рече поранешната соработничка на Никола Груевски.
За тоа време, надвор пред Собранието се одвиваа млаки протести, кои им наштетија единствено на граѓаните кои заглавија поради блокираните улици.
Македонија го заврши својот дел од задачата, по што процесот се сели во Грција. Во парламентот во Атина, исто така, ќе биде потребно мнозинство за да се потврди договорот од Преспа. Доколку биде обезбедено, земјите членки на НАТО ќе добијат уверување дека процесот е завршен, по што ќе можат да почнат со ратификација на поканата на нашата земја за членство во воениот сојуз. Доколку се случи чудо и грчкиот парламент рече „не“ за преспанскиот договор, нема да важат уставните измени што ги гласа Македонија, спогодбата не важи и работите се враќаат по старо какви што беа пред Никола Димитров и Никос Коѕијас да го потпишат документот во Мала Преспа. Вчерашното гласање предизвика голем интерес кај меѓународните медиуми. Само од Грција во земјава беше дојдена поголема група новинари.

Горан Адамовски