Датуми не доаѓаат на послужавник


Одложувањето на одлуката за отворање на преговори за членство во Европската Унија, ја изненади домашната јавност. Гласната поддршка од европските и светските политички центри за прифаќање болен компромис во спорот за името со Грција не беше наградена со конкретен датум. Приврзаниците на власта се обидуваат случувањата од Советот на ЕУ во Луксембург и препораката за можно отворање на преговорите во јуни 2019 да го претстават како голема победа, опозицијата тврди дека сме доживеале катастрофа, најголем дел од неутралните граѓани се разочарани, а експертите предупредуваат дека нѐ чекаат тешки 12 месеци, имајќи предвид што сѐ треба да исполниме за да добиеме шанса да бидеме дел од Унијата. Се поставува и прашањето како ќе се одрази ова врз есенскиот референдум за договорот со Грција, односно дали и колку расположението на граѓаните ќе влијае врз (не)успешноста на плебисцитот.

Професорот Денко Малески, кој беше прв министер за надворешни работи на Македонија, вели дека ние можеме како народ и како држава да бидеме незадоволни што не добивме точен датум за почеток на преговорите, но доколку ги погледнеме реалностите на меѓународната политика и фактот дека ЕУ има сопствени проблеми, можеме да бидеме многу задоволни.

Се работи за 12 месеци, кои се оставаат пред нас за да средиме некои работи дома, да покажеме дека сериозно сме се определиле за тој пат и оти нема да свртиме ниту лево ниту десно, за на крајот од таа година да почнеме со формалната процедура на зачленување во ЕУ. Секако дека сите ние посакувавме конкретен датум и веднаш да се почне со преговорите, но во меѓународните односи не ги добивате работите на послужавник и мислам дека во недостиг на посакуваното, треба да бидеме задоволни и со ова што го добивме. Да го разбереме како мотивација и мотив да работиме напорно“, вели Малески.

Тој беше постојан претставник на нашата земја во Обединетите нации во периодот од 1993 до 1997 година, па сегашната атмосфера го потсетува на ситуацијата кога Македонија стануваше дел од ОН.

Се сеќавам дека имаше страшна злоупотреба на фактот дека во однос на приемот сме зад Словенија и Хрватска, се драматизираше ситуацијата, па требаше да поминат години за да сфатиме дека во ОН влеговме само 11 месеци зад тие две држави. Апелирам сега да не ни се случи истото, опозицијата да не го злоупотребува моментов, а власта да објасни дека 12 месеци не се ништо во споредба со 27 години стагнација. Ние мора да работиме силно, да го разбереме ова како дополнителен мотив. Вратите ни се отворени, да продолжиме да чекориме по патот, а сметам дека сме на прав пат. Во нашата историја досега не сме пропуштиле пригода да пропуштиме пригода, да не биде така и овој пат. Моралот не смее да падне, имаме поддршка и од еврокомесарот Јоханес Хан, кој рече оти од утре може да почнеме да подготвуваме за преговори“, коментира Малески за „Независен весник“.

Неговиот колега, Антонио Милошоски, смета дека одлуката на Франција, Холандија и Данска да не дадат согласност за почеток на преговори e дипломатски дебакл на премиерот Зоран Заев и на шефот на дипломатијата, Никола Димитров.

Трите земји сметаат дека земјава ги нема исполнето основните предуслови од извештајот на Рајнхард Прибе и планот 3-6-9, особено во однос на владеењето на правото, судството, администрацијата и корупцијата. Пораката од Луксембург до Заев и Димитров е дека нивната подготвеност да ги сменат националното име и Уставот не е доволна за да ја покријат погрешната политика на владата на СДСМ во клучните сектори за државата“, вели Милошоски.

Аналитичарот Жидас Даскаловски заклучува дека е очигледно оти домашната задача не е завршена. Според него, реформите и демократизацијата се процес што постојано треба да се развиваат и да се работи на нив без оглед на надворешните приоритети на земјата.

Европската Унија е комплексно тело. Одлуките се донесуваат со дебата и во интерес на сите нејзини членки. Во случајов, сметам дека земјите што се против давањето датум за Македонија имаат некои свои внатрешни интереси да се одложи и услови почетокот на преговорите со нашата земја“, потенцира Даскаловски.

Според заклучокот од Луксембург, доколку Македонија ги исполни четирите услови, првата меѓувладина конференција би почнала пред крајот на 2019 година.

Горан Адамовски

Заев: Одлуката е мотивирачка

Премиерот Зоран Заев изрази огромно задоволство од завчерашната одлука за добивање датум за преговори со Европската Унија во јуни 2019 година.

Имајќи предвид дека во мај 2019 година се изборите за Европскиот парламент, одлуката на ЕУ е комплетно со нашите очекувања. Ние сме среќни и дополнително мотивирани“, рече Заев.

Тој им се заблагодари на сите земји членки на Европската Унија за оваа, како што рече, мотивирачка одлука за Македонија, а особено на Бугарија и на Грција, кои воделе плодна дискусија и се избориле за неа. Премиерот извести дека в петок ќе има состанок со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, по што ќе ги објават очекувања од претстојниот самит на Алијансата, на кој би требало Македонија да добие покана за членство.

Мицкоски: Доказ дека сме надвор од патот на ЕУ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оцени дека Македонија со владата на Зоран Заев продолжува да биде надвор од патот на ЕУ.

Македонија не доби чиста препорака веднаш, како што ветуваа Зоран Заев и Владата, туку само надеж дека идната година ова време можеби целосно ќе се исполнат критериумите за определување датум за преговори. Македонија цела година ќе мора да тапка во место затоа што согласно извештајот потребно е да се направи прогрес во борбата против корупцијата, суштински реформи во повеќе области и создавање на услови за независно судство“, посочи претседателот на партијата.