Груевски ќе го зачува мандатот, ама не и слободата


Мали се чинат шансите за одземање на пратеничкиот мандат на поранешниот премиер Никола Груевски поради правосилната пресуда за случајот „Тенк“. Двотретинското мнозинство, со кое беше донесена одлуката за пристапување кон уставни измени, најверојатно, нема да се повтори во случајот со Груевски. Неговите довчерашни сопартијци, кои се сега дел од новата независна пратеничка група, најавија дека нема да дадат поддршка за одземање на мандатот на поранешниот премиер. Во најдобар случај, според проценките, може да се обезбеди мнозинство од 72 гласа, наспроти вкупно 48 гласа на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, плус осумтемина пратеници што беа исклучени од тој табор.
Кај другите парламентарни партии, главно, има расположение за одземање на мандатот на Груевски, со оглед на тоа што предметот „Тенк“ е само еден од случаите што против него ги отвори СЈО, а за кои сè уште течат судските постапки или се во фаза на (пред)истрага. Од тој аспект, проценките се дека собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетски прашања, која ќе заседава утре, ќе донесе заклучок со кој ќе му препорача на собранискиот пленум да го прифати предлогот за одземање на мандатот на Груевски, врз основа на добиено известување од Одделението за организиран криминал при Основниот суд –Скопје 1. Но во парламентот тешко дека ќе се обезбедат потребните 80 гласа за Груевски да замине во затвор без пратенички мандат.
Затоа, пак, задржувањето на пратеничкиот мандат не е пречка за Груевски да оди во затвор. Особено откако во петокот судот го одби неговото барање за одложување на казната поради обврски во парламентот. Според тоа, поранешниот премиер треба да се јави во затворот во Шутка најдоцна до четврток, иако од неговиот адвокатски тим најавија дека денеска ќе поднесат жалба на одлуката на судијата за извршување санкции.
ВМРО-ДПМНЕ деновиве, се чини, подготвува терен за да го прикаже Груевски како жртва на политичко-правен прогон, кој е сега соочен со можност да остане и без пратеничката функција. Во таа насока е и изјавата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, дека е безобразно тоа што му се случува на поранешниот премиер во однос на предметот „Тенк“.
„Прекршени се сите правила. Човекот одговара за тоа што се возел во службено блиндирано возило. Нема таму ни криминал ни корупција“, истакна Николоски во интервју за „Фактор магазин“.
Од ВМРО-ДПМНЕ излегоа вчера со соопштение во кое го вперуваат прстот во премиерот Зоран Заев, посочувајќи дека тој бил единствениот аболиран политичар на премиерска функција во светот.
– Преку случајот „Глобал“ украде цели осум милиони евра од државата, а спасот го најде во неговиот ментор Бранко Црвенковски. Со доаѓање на власт криминалот го мултиплицираше. Додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, а бројот на лица што живеат во сиромаштија се искачи на 460.000, Заеви по багателна цена купуваат цели индустриски гиганти“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ возвратија со реакција дека, додека граѓаните масовно осиромашуваа, врвот на ВМРО-ДПМНЕ неконтролирано ја задолжуваше државата.
„Парите на граѓаните се трошеа за луксуз, барок, споменици и криминални тендери, само за да се остварат криминалните интереси на Никола Груевски и соработниците. За разлика од таквиот пристап на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Груевски, Владата предводена од СДСМ работи домаќински и одговорно управува со парите на граѓаните“, нагласуваат од СДСМ.
Известувањето за Груевски што судијката Добрила Кацарска го испрати до спикерот Талат Џафери, а врз основа на кое ќе заседава деловничката комисија, е во согласност со член 59 став 1 во собранискиот Деловник во кој пишува: За пратеникот осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на пратеничката функција известување до претседателот на Собранието доставува судот кој ја изрекол казната. Претседателот известувањето веднаш го доставува до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.
Според Уставот, на пратеник му престанува мандатот кога е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години. Од друга страна, на пратеник може да му биде одземен мандатот и кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци.
Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања во овој состав, кон крајот на минатата година, препорача одземање на имунитетот на шестемина пратеници од таборот на ВМРО-ДПМНЕ кои беа тогаш осомничени за настаните на 27 април. Предлогот на Комисијата помина и на пленарна седница, но со таа разлика што за одземање на имунитетот се потребни 61 глас.

Во затвор ќе добива плата од Собранието

Доколку не му биде одземен пратеничкиот мандат, Никола Груевски, според собраниски толкувања, и натаму ќе може да остварува дел од привилегиите што ги има како пратеник. Од друга страна, доколку замине во затвор, нема да може редовно да ги извршува пратеничките обврски, како, на пример, за комуникација со гласачите во својата изборна единица или за присуство на плернарни и комисиски седници.
Во таков случај, Груевски и натаму би добивал плата од Собранието. Но, не се знае дали тоа би била целата месечна плата или, пак примањата би му биле намалени, согласно со Законот за пратеници. Оваа регулатива предвидува можност за намалување за две третини на плата на парламентарец кој не учествува во работата на Собранието. Но тоа, главно, се однесува, кога е во прашање бојкот.
Според Законот за пратеници, ако пратеникот неоправдано отсуствува од седница на Собранието, односно од седница на работното тело чиј член е, соодветно му се намалува платата и другите лични примања и не се пресметуваат надоместоци на трошоци. Според тоа, висината на платата што ќе ја добива Груевски зависи од тоа дали тој редовно ќе ги правда во парламентот своите отсуства од пленарните седници и седниците на комисии во кои членува. Од друга страна, Уставот предвидува одземање на пратеничкиот мандат за неоправдано и континуирано отсуство од парламентот во период од шест месеци.
Под претпоставка, Груевски да почне да ја издржува на осми овој месец двегодишната затворската казна, и ако, во меѓувреме не дојде до нејзино скратување или до нова правосилна пресуда, тогаш тој би можел да се врати во Собранието пред истекот на мандатот на овој состав (кон крајот на 2020 година), освен во случај на вонредни избори. Но, негова евентуална нова кандидатура за пратеник, според толкувањата, би зависела од тоа дали е осуден на друга затворска казна – за друго дела и дали ја има одлежано. (А.М.М.)