Груевски доби азил зашто не ги среди затворите


Лошите услови во затворите во Македонија се еден од аргументите поради кои унгарските власти му дадоа азил на поранешниот премиер Никола Груевски, кој вчера самиот соопшти дека неговото барање е одобрено по експресен пат.
Слично како што јави дека пребегал во Будимпешта, Груевски се јави повторно со статус на Фејсбук за да објави дека азилот му е одобрен. Меѓу аргументите со кои го поткрепил своето барање, тој наведе сознанија дека му се подготвувало убиство во затворот во Шутка каде што требаше да ја издржува двегодишната казна за случајот „Тенк“.
Ден претходно, одговарајќи на пратенички прашања во парламентот во Будимпешта, Гергели Гулаш, шефот на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан, рече дека при одлучувањето за барањето на Груевски се земени предвид македонскиот правосуден систем и условите во затворите кои се лошо оценети од Европската комисија и Советот на Европа. Тој додаде дека не е сигурен дека Груевски добил фер судење при изрекувањето на двегодишната затворска казна.
Неизвесноста околу тоа дали на поранешниот македонски премиер му е доделен политички азил траеше вчера до доцна попладне, откако унгарските медиуми објавија утрото дека Канцеларијата за имиграции и азил донела таква одлука. „Хунгаријан тајмс“, повикувајќи се на владини извори и на извори во Канцеларијата за имиграции и азил, извести дека одлуката за барањето на Груевски е донесена по скратена постапка.
Македонските власти, во текот на вчерашниот ден, немаа службена информација за тоа до каде е процедурата околу можниот азилантски статус на Груевски. Кога од Унгарија стигна веста дека одлуката за давање азил е донесена, во Министерството за правда се правеа последните подготовки за испраќање на барањето за негова екстрадиција. Министерката за правда Рената Тренеска-Дескоска рече дека има правен основ за екстрадиција на Груевски и очекува тој да биде вратен во земјава. Според неа, нема причина Унгарија да му додели азил и очекува неговото барање да биде одбиено.
Сепак, вчера попладне барањето за екстрадиција беше испратено кон Унгарија и тоа се однесува на извршување на правосилната пресуда и на четирите кривични постапки што се во тек пред домашните судови. Исто така, се укажува дека за Груевски се водат и четири истраги, како и една предистражна постапка.
Во барањето е образложено дека ниту едно од делата, за кои Никола Груевски е правосилно осуден или се водат постапки против него, не е политичко или воено кривично дело, односно, овие дела не се предвидени во Европската конвенција за екстрадиција како дела за кои може да биде одбиена екстрадиција. Од Министерството за правда наведуваат дека правата на Груевски во секој момент биле обезбедени вклучувајќи го и правото за одбрана пред судските органи.
– Груевски се бранел од слобода и во ниедна постапка не му е изречена мерката притвор. Имал обезбедено повеќе бранители по сопствен избор со кои имал непречени можности за комуникација и ги користел сите права што му се на располагање согласно Законот за кривична постапка – наведуваат од Министерството. Оттаму укажуваат и дека судската постапка во која е донесена пресудата и другите постапки што се водат против Груевски се мониторирани од ОБСЕ, чија членка е и Унгарија.
Мисијата на ОБСЕ во Скопје во август годинава го објави првиот преоден извештај за активностите и предметите во надлежност на СЈО и за ниту еден од мониторираните предмети не е истакната забелешка во поглед на правата на обвинетите ниту може да се истакне какво било сомневање дека кривичните постапки се политички мотивирани.
Во барањето за екстрадиција се наведува и дека Груевски, како поранешен премиер, имал лично обезбедување од шест припадници на МВР и дека никогаш не пријавил дека неговиот живот и личен интегритет биле во опасност. Се укажува и на ништовноста на помилувања од претседателот на Македонија кои беа отповикани, а Груевски самиот се откажа од даденото помилување.
Михајло Маневски, поранешниот министер за правда од првите години на владеењето на Груевски, пак, смета дека не постојат правни лекови да се врати Груевски назад бидејќи Унгарија со таа конечна одлука, како што вели, му гарантира заштита до крајот на животот.
– Единствено можеше да се направи нешто доколку Министерството за правда реагираше побргу со барањето за екстрадиција, но не ми е јасно зошто толку бавно се подготвува овој документ. Роковите се пробиени и тамошните служби не би требало да го земат тоа во предвид штом ќе пристигне – изјави Маневски за „Фактор“.

„Транспаренси интернешенел“ и нејзините ограноци во Македонија и во Унгарија испратија вчера заедничка изјава со која ги повикуваат унгарските власти да ја исполнат својата посветеност на меѓународната правда и да го екстрадираат Груевски со цел, како што наведуваат, поранешниот македонски премиер да се соочи со правдата за своите корумпирани дела. Според директорката Патриша Мореира, и Македонија и Унгарија треба да постапат во согласност со владеењето на правото, а Груевски мора да покаже одговорност пред граѓаните на Македонија за неговите корумпирани дела додека беше премиер. На ниту еден политичар не треба да му биде дозволено да се извлече од обвиненијата за корупција, особено откако судовите јасно одлучиле во корист на пресудата, порача таа.

– Унгарските власти треба да постапат според европските и меѓународните судски прописи и стандарди. Откако еден политичар ќе биде осуден од независен суд, ниту една од владите не треба да им обезбеди план за бегство и неказнивост – вели извршниот директор на „Транспаренси интернешенел“ -Унгарија, Јозеф Петер Мартин.

Според информациите од Министерството за правда, Европската конвенција за екстрадиција и Законот за меѓународна соработка во кривичната материја. се правен основ Македонија да побара екстрадиција од Унгарија за Груевски. Со Законот за меѓународна соработка во кривичната материја од пред неколку години е воведена можност за скратена постапка за екстрадиција, која му дава можност на бараното лице да се согласи да биде предадено на правосудните органи на сопствената земја, без при тоа да биде спроведена формална постапка за екстрадиција. Во оваа постапка роковите за преземање се многу кратки и тоа може да се реализира и за помалку од еден месец, но не подолго од два месеца. (А.М.М.)

Затворските услови посебно критикувани во време на ВМРО-ДПМНЕ

Во клучните наоди на извештајот на Европската комисија за Македонија за минатата година, кој генерално беше позитивен во однос на исполнувањето на политичките критериуми, не се третира нагласено состојбата во затворите во земјава. Затоа, пак, се посочува дека судскиот систем достигнал одредено ниво на подготовка и дека е постигнат добар напредок, така што назадувањето од претходните години почна да се менува преку решителни чекори, особено во насока на обновување на независноста на судството. Во делот на СЈО се посочува дека сега се соочува со помалку опструкции од судовите овозможувајќи поефикасно работење.
Во претходните години, пак, пред смената на власта во земјава, состојбите во затворите беа цел на критика на повеќе извештаи во делот на човековите права. На пример, во извештајот на Стејт департментот за 2014 година, за Македонија се наведува, меѓу другото, дека во затворите не се исполнуваат европските стандарди, дека честопати се преполни, со недоволно вработени и дека не нудат соодветна здравствена нега.
Во извештајот на Стејт департментот за минатата година, пак, е наведено дека неказнивоста останува широко распространет проблем во Македонија. Најзначајни прашања во однос на човековите права во земјава се во насока на извештаите за тортура од страна на затворските чувари, мешањето во приватноста, недостаток на независност во судството и насилството против лицата на ЛГБТИ-заедницата. Во извештајот за 2017 година е посочено и дека во најголем број случаи, судовите се придржуваа до процедурите за притвор, а владините статистики покажуваат дека обвинителите барале наредби за притвор во пет отсто од сите случаи.