ВМРО-ДПМНЕ десеткувана во парламентот


Почнаа со 51 пратеник, за сега да се сведат на 39, со тенденција за понатамошно раситнување… Осумтемина пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, кои во петокот кажаа „да“ за пристапување кон уставни измени, според засега непотврдени информации може да формираат посебна пратеничка група која, практично, би била четврта по бројност во законодавниот дом, по пратеничките групи на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Кон крајот 2016 година, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ влезе во парламентот со најголем број пратеници – 51 наспроти 49 членови на пратеничката група на СДСМ. Но, и покрај тесната предност што ја оствари ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ на изборите на 11 декември, неможноста да формира влада значеше постепено раситнување на опозициската пратеничка група во месеците што следуваа. Во изминатиот период коалицијата ја напуштија Чедомир Саздовски, кој беше избран како пратеник на ГРОМ, Амди Бајрам од Сојузот на Ромите и Јусуф Хасани од Демократската партија на Турците, кои, всушност, овозможија окрупнување на парламентарното мнозинство.

Сепак, најголемото десеткување ВМРО-ДПМНЕ го доживеа мината седмица, кога осуммина пратеници од коалицијата гласаа „за“ пристапување кон уставни измени, наспроти ставот на ВМРО-ДПМНЕ за отфрлање на владиниот предлог.

По исклучувањето на седумтемина пратеници од членство во ВМРО-ДПМНЕ, со исклучок на Владанка Авировиќ која е од редовите на СПМ, пратеничкото јадро на водечката десничарска партија во земјава е сега сведено на 39 пратеници. На таа листа фигурира сè уште и името на Никола Попоски, поранешниот шеф на дипломатијата, кој беше единствен отсутен пратеник на кризната седница во петокот, кога неговите колеги во законодавниот дом се пребројуваа „за“ и „против“ уставните измени.

Затоа, пак, реални се шансите пратеничката група да ја напушти сега единствениот пратеник на ГРОМ – Панчо Минов. Некогаш член на СДСМ и на ЛДП, поранешниот градоначалник на Кавадарци остана во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и кога неговиот доскорешен сопартиец и пратеник на ГРОМ, Саздовски, пред неколку месеци се врати во таборот на социјалдемократите. Минов, иако имаше поумерен став во однос на уставните измени, гласаше против пристапување кон процедурата за нивно донесување. Сепак, разрешувањето на актуелниот градоначалник на Кавадарци, Митко Јанчев, од потпретседателската функција во ВМРО-ДПМНЕ, се чини, ја прели чашата на Минов. Тој најави можно излегување од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, кога среде дебата на ТВ 24 стигна веста за разрешувањето на Јанчев.

– Ова се недемократски методи – реагираше Минов непосредно по информациите за одлуките на централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Сè до петокот пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ имаше 48 члена – бројка со која, можеби, ќе продолжеше да функционира доколку партиското раководство не им свртеше грб на пратениците кои настапија по сопствено убедување на седницата за уставните измени. Сега, со максимум 39 пратеници, ВМРО-ДПМНЕ, според проценките, ја нема истата тежина во парламентот како претходно, кога ја користеше својата бројност за да опструира дел од процесите или да помага во носење на реформските закони.

Доколку во наредниот период, на пример, паралелно со уставните измени, бидат пуштени во собраниска процедура законите од областа за правосудството, владејачкото мнозинство може, наместо со ВМРО-ДПМНЕ, да влезе во разговори со осумтемина „одметнати“ пратеници, како и со четворицата пратеници од тетовското крило на Беса и од Алијансата за Албанците, во обид да обезбеди двотретинско мнозинство. Со слична таква ситуација, ВМРО-ДПМНЕ се соочуваше во периодот на претходното владеење на СДСМ, односно по формирањето на ВМРО-НП, кога тогашното владејачко мнозинство за клучни прашања главно обезбедуваше консензус со поконструктивното пратеничко лоби на Љубчо Георгиевски, наместо со пратениците што му останаа лојални на тогаш опозицискиот лидер Никола Груевски.

Инаку, парламентарното мнозинство моментно има 68 члена, откако му се приклучија тројца пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа, по излегувањето на Алијансата на Албанците од владата, во владејачката коалиција влегоа скопското крило на Беса и ДПА – со вкупно пет пратеници.

Ќе се шири ли мнозинството за уставните амандмани

Од двете опозициски партии од албанскиот блок стигнаа деновиве нови најави за поднесување „поинакви“ амандмани во следните фази од уставните измени. Од Беса на Биљал Касами најавија амандмани за целосна еднаквост на Албанците во Македонија и целосна официјализирање на албанскиот јазик. Со слични најави излегоа и од партијата на Зијадин Села. Наспроти тоа, владејачките ДУИ, ДПА и Беса на Африм Гаши сметаат дека сега не е време за поднесување амандмани, туку е многу побитно да се отвори евроатлантскиот пат за Македонија.

Оттаму се наметнува дилема, дали парламентарното мнозинство, кое привлече во петокот осуммина опозициски пратеници за поддршка на уставните измени, може сега да се доведе во ситуација да изгуби четворица пратеници од албанскиот блок, кои најавуваат свои предлог-амандмани на Уставот, надвор од договорот со Грција.

Вицепремиерот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски уверува дека нема да дојде до тоа. Тој смета дека во следните фази уште поголем број опозициски пратеници ќе се охрабрат да дадат поддршка за уставните измени што произлегуваат од договорот од Преспа.

– Очекувам низ ова дебата, низ овој инклузивен процес, низ кој заеднички ќе се подготвуваат амандманите за промена на Уставот, ова парламентарно мнозинство за поддршка на измените да се зголемува. Тоа е мое лично мислење. Не мислам дека овој процес може да биде поврзан со кое било друго прашање, затоа што јасна е определбата на граѓаните во делот на зачленувањето на Македонија во НАТО и во ЕУ – изјави Спасовски.

За денеска во парламентот е најавена координација околу формирање на т.н. собраниско тело за национално помирување. ВМРО-ДПМНЕ засега не возвраќа позитивно на повиците од парламентарното мнозинство за вклучување во телото за помирување. До крајот на оваа работна недела се очекува во собраниска процедура да бидат пуштени нацрт-амандманите на Уставот, согласно договорот од Преспа.   Александра М. Митевска