Влада на РМ: Нацрт амандманите ги штитат македонскиот и идентитетот на другите заедници


Јавните дискусии по нацрт амандманите за уставни измени со цел решавање на долгогодишниот спор со Грција, со што треба да се овозможи пристапување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО, завршија во предвидениот рок од пет дена и опфатија широк спектар на засегнати страни, се наведува во соопштението од владината прес-служба.

Оттаму посочуваат дека во рок од два дена после јавната расправа, Владата на РМ, како овластен предлагач за уставни измени, до Собранието на Република Македонија ќе достави сублимиран извештај од главните сугестии и предлози за усовршување на нацрт амандамните, или како амандмани на амандманите.

Процесот на уставните измени треба да заврши со усвојување на предложените амандмани после јавната расправа и со Одлука за измена на Уставот што ќе ја донесе Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, на седница која е предвидено да се одржи на 15 јануари 2019 година.

-Уверен сум дека процесот ќе го затвориме во рамките на договореното и онака како што ќе пишува во одлуката за донесување на уставните измени во Законот за Уставни измени, односно дека амандманите се составен дел на Уставот на Република Македонија и ќе влезат во сила со денот на влегување во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО од страна на Република Грција, рече премиерот Заев на една од јавните расправи, и потенцираше дека измените на Уставот ќе важат откако Грција ќе ги спроведе своите обврски, односно кога, во ист ден, ќе ги ратификува Конечната спогодба за решавање на спорот со името и Протоколот за нашето членство во НАТО.

Јавната дискусија започна со дебата во Владата на Република Македонија, и потоа продолжи со отворени настани за предложените уставни измени во МАНУ, на Универзитетот ФОН, во Општина Штип, и во Тетово на Универзитетот на Југоисточна Европа, со учество на претставници на академската и експертската јавност, претставници од граѓанскиот сектор, како и на граѓани кои покажаа голем интерес на отворената покана на Владата на РМ.

Освен премиерот Заев, како претставници на Владата на РМ, учество на овие дебати зедоа и вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров, како и повеќемина професори, академици и експерти за политички систем и уставни прашања кои беа поканети да го дадат своето стручно мислење за прашањата поврзани со уставните измени.

Како сугестија која се зеде предвид, беше расправана и опцијата во Уставот да се наведе дека Република Македонија освен за грижата за македонскиот народ во дијаспората, се грижи и за дијаспората на другите етнички заедници.

За време на дебатите беше разговарано дека предложените уставни измени и амандмани се прифатливи и од аспект на идентитетските одредници утврдени во Уставот, и дека сите предложени решенија се во рамките на уставно-правниот јазик.