Брзо „помирување“ или одложена амнестија


Во Собранието се размислува за некој вид „амнестија“ за дел од обвинетите за крвавиот четврток, ама останува неизвесно дали таа ќе биде спроведена брзо или по завршувањето на судскиот процес што се води против триесетмина, од кои повеќето се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок.
Според собраниски извори, не е исклучено со преодни одредби да се предвиди амнестијата да стапи во сила по завршувањето на судскиот процес за врз основа на тоа да може да се цени кои од обвинетите не биле директно вклучени во насилствата на 27 април и не биле меѓу организаторите. Другата варијанта е проценката да се носи врз основа на обвинителниот акт, со оглед на тоа што амнестијата не е поединечен и поименичен чин, за разлика од помилувањето, што е во надлежност на шефот на државата.
Како што се најавува, можните модели на амнестија, најверојатно, би произлегле од новоформираната Комисија за помирување, во која учествуваат пратеници од сите партии, освен од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Според информациите, оваа тело би заседавало кон крајот на оваа седмица, затоа што се чека од службен пат да се врати една од претседателките – Фросина Ременски од СДСМ. Според собраниски извори, во текот на процесот би требало да бидат консултирани и правни експерти, затоа што намерата е да се направи дистинкција меѓу обвинетите, во зависност од тоа кои од нив (не) учествувале во насилствата и (не) биле организатори. Исто така, треба да се најде решение и со оглед на тоа што судскиот процес за 27 април е сè уште во тек.
Активностите во парламентот во врска со амнестијата се преземаат откако премиерот Зоран Заев, во интервју за „360 степени“, најави можно помилување на дел од обвинетите за 27 април.
„Јас немам проблем да го направиме помирувањето преку оние што не учествувале во насилството и не биле меѓу организаторите внатре. Тоа може да биде закон за амнестија, донесување одлука на парламентот во рамки на своите надлежности. Тоа не е мешање во судството, парламентот има свои надлежности“, изјави Заев.
Наспроти тоа, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ веќе поднесе во Собранието закон за амнестија за 27 април и тој е на дневен ред на седницата што почнува на 26 ноември. Но, овој предлог е неприфатлив за владејачкото мнозинство поради тоа што, како што беше речено, предвидувал целосна амнестија – на сите обвинети за крвавиот четврток минатата година. По најавите на Заев, пак, за можно помилување на дел од учесниците, од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека не прифаќаат селективна амнестија.
Според Уставот, една од надлежностите на Собранието е да дава амнестија. За донесување закон за амнестија е потребно обично мнозинство. Таква регулатива последен пат беше донесена во почетокот на годинава, кога од одговорност беа ослободени 670 правосилно осудени лица на казна затвор до шест месеци, а над три илјади лица повисоките казни од шест месеци им беа намалени за 30 отсто. Оваа амнестијата не се однесуваше на лицата осудени на доживотен затвор и за кривични дела – убиство, силување, педофилија, тероризам и за дела против државата, човечноста и меѓународното право. Исто така, амнестијата не важеше за лица по кои била издадена потерница. (А.М.М.)