БПЦ не ја „посвои“ МПЦ


Бугарската православна црква реши делумно да го прифати барањето на Македонската православна црква да ѝ биде црква мајка. На вчерашното заседание Синодот на БПЦ – Бугарска патријаршија заклучи дека негова света должност е на МПЦ да ѝ понуди целосна соработка, посредување и застапување пред другите православни цркви, односно да преземе сѐ што е потребно за утврдување на канонскиот статус на македонската црква, но, сепак, не донесе одлука за признавање на автокефалноста. И покрај тоа, МПЦ – Охридска архиепископија веднаш им се заблагодари на бугарскиот патријарх Неофит и на членовите на Светиот архиерејски синод на БПЦ изразувајќи надеж за скоро решавање на деценискиот проблем со непризнавањето на нашата црква.

Поглаварот на БПЦ и митрополитите се собраа на вонредно заседание за да го разгледаат писмото на МПЦ, во кое таа побара да биде признаена како независна црква, а БПЦ да биде нејзина црква мајка. И покрај студеното време, десетици граѓани, интелектуалци и лица од јавниот живот на Бугарија се собраа пред седиштето на Синодот за да изразат поддршка на барањето на МПЦ.

„Треба да ја прифатиме подадената рака од Македонија“, изјави патријархот Неофит при влегувањето во Светиот синод.
Два часа подоцна, стигна „бел чад“ и признавање дека БПЦ никогаш не била рамнодушна кон страдањата на МПЦ.

„Во ситуација кога Македонската православна црква ја признава Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија за своја црква мајка, БПЦ – БП го смета за своја света должност ангажманот да понуди целосна соработка, посредство и застапување пред помесните православни цркви, преземајќи сè што е неопходно за утврдување на канонскиот статус на МПЦ“, пишува во одлуката на Синодот на БПЦ.
Кратко време подоцна, се огласи и црковно Скопје.

„Донесеното решение на САС на БПЦ дава надеж за конечно решавање на статусот на легитимната автокефалност на Македонската православна црква во семејството на помесните православни цркви. Очекуваме, и во иднина, Бугарската православна црква на МПЦ – ОА да ѝ биде постојан сотрудник во остварувањето на потребната богоугодна цел“, се вели во соопштението од МПЦ.

Од МПЦ посочуваат дека двете цркви имаат одговорност пред своите едноверни, благочестиви и православни народи кои споделуваат мноштво заеднички христијански вредности низ вековниот опстој.
Професорот Цане Мојаноски, кој е поранешен претседател на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, вели дека одлуката на БПЦ треба да се поздрави.
„Услишана е една молба. Таа е чекор повеќе од стоење во место. Сепак, овој настан треба да се набљудува само како почеток. Формирањето на Комисија е почеток. Дали и колку тој ќе ветува зависи од многу фактори. Ако сè се одвива според добрите намери, треба да очекуваме во догледно време нерешеното црковно прашање да е минато. Но тука има едно големо ако…“, вели Мојаноски за „Независен весник“.

Според него, искуствата од решавањето на другите отворени прашања во православниот свет покажуваат дека ќе следува отпор и непризнавање.
„Земете го примерот со Руската задгранична црква. И ние не треба да исклучуваме однесувања, кои нема да бидат поинакви од досегашните. Но треба да очекуваме дека закрилата на Бугарската православна црква ќе ги отворат можностите за приклучување на МПЦ во светот на православните народи.

Во таа смисла можни се приговори и отпори не само на српската, туку и на други помесни цркви, но авторитетот на БПЦ ќе го расчистува тој отпор. Јасно е дека тоа нема да оди ниту лесно ниту брзо, но битно е да оди, да се движи кон остварувањето на црковната полнота, односно кон прифаќањето на автокефалниот статус“, заклучува Мојаноски.

Верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски, пак, смета дека одлуката на Синодот на БПЦ не е она што МПЦ очекуваше да го добие кога го испрати своето писмо. Тој потсетува дека во писмото се наведуваше оти ние ќе ја признаеме БПЦ за мајка црква, а таа со нас ќе воспостави евхаристиско единство, дека прва ќе ја прифати и признае нашата автокефалност, која потоа ќе ја обзнанува и актуализира, претставува и ќе се застапува пред неа пред Вселенската патријаршија и пред другите православни цркви“.

„Значи, баравме БПЦ да нѐ признае како автокефална црква и да сослужува со нас и тоа да биде потоа основа за единство со други православни цркви. Мислам дека тоа не го добивме. Ако внимателно го читате ставот од БПЦ, се гледа дека тие се задоволни од тоа што МПЦ ја признава БПЦ за своја мајка црква. И сега, БПЦ ја смета за своја света должност да понуди целосна соработка, посредство и застапување пред помесните православни цркви, преземајќи сè што е неопходно за утврдување на нашиот канонски статус. И ќе формира комисија, која ќе преговара со други православни цркви за воспоставување канонски статус на МПЦ. Внимавајте, зборуваат за утврдување канонски статус, а не за автокефалност. Никаде во нивното писмо не се спомнува зборот автокефалност“, нагласува Ѓорѓевски.

Тој очекува дека БПЦ ќе продолжи да ја застапува МПЦ пред другите цркви, како што го правеше и досега, но без ефект. Скептик е дека сега ќе има нешто повеќе и разочаран е што бугарските владици немале поголема храброст да донесат одлука барем да сослужуваат со нас, што ќе беше еден вид признавање, иако не формално, но со силна порака кон другите цркви.
Премиерот Зоран Заев ја оцени одлуката на БПЦ како исклучително позитивна.

„Како православен верник сум радосен, но уште еднаш ќе повторам, Македонија е секуларна држава. Ние не сакаме да се мешаме во односите меѓу црквата, но оваа порака е исклучително позитивна и можам само да ја поздравам затоа што дефинитивно правиме напредок и во делот на признавањето на нашата Македонска православна црква“, изјави Заев и изрази надеж дека и другите православни цркви ќе го следат примерот.
Со сегашниот статус што го има, МПЦ не е третирана како предмет на канонско право, ниту свештенството е викано на православните собири во Истанбул, односно Цариград. Автокефалност самостојно прогласи во 1967 година, додека Српската православна црква во 50-тите години од минатиот век ѝ даде само автономија. Од тогаш траат превирањата меѓу двете цркви. Во мај 2002 година во Ниш беше постигнат договор според кој Србите ни даваа поголем степен на автономија, ама не и одвојување. Не го доведуваа во прашање јужниот национален идентитет, дозволуваа висок степен на независност, како и богослужење на македонски јазик, но не и одвојување. Еден месец подоцна МПЦ рече дека договорот е само работен документ и не е обврзувачки. Изминативе години тензиите особено беа изразени поради апсењето на расчинетиот владика Јован Вранишковски, кој пред две и пол години беше пуштен на слобода за да се ослободи пат за продолжување на преговорите меѓу МПЦ и СПЦ. До тоа не дојде.
Според аналитичарите, една од целите на писмото што беше испратено до црковна Софија беше токму тоа – да ѝ се испрати порака на СПЦ дека излегува од игра и не е повеќе фактор од кој ќе зависи признавањето на МПЦ.

Горан Адамовски