Блокирањето на договорот за името не е решение


„Го поздравуваме договорот за името, за кој сметаме дека е историски. Ја поздравуваме добрата волја и храбрите чекори што беа преземени од двете земји членки на Советот за Европа, со што дадоа вистински вреден придонес кон стабилноста на целиот регион. По ратификацијата на договорот, Грција презеде обврска да ја тргне блокадата од преговорите за евроинтеграциите, а НАТО од своја страна ќе ги отвори вратите за земјата. На крајот, преку референдумот народот ќе одлучи што сака да се случи. Добивме уверување дека референдумот ќе биде спроведен фер и демократски и  ќе биде набљудуван од меѓународната заедница. Веруваме дека има доволно време граѓаните да се запознаат што губат, а што добиваат доколку гласаат вака или онака. Тоа е врв на демократијата. Јас сум од Норвешка, во мојата земја двапати беше одржуван референдум за влез во ЕУ и двапати одговорот беше ‘не’“, рече норвешката пратеничка Лизе Кристоферсен, која заедно со Валериу Гилетчи од Молдавија изминатите два дена беа во посета на Македонија како коизвестувачи на Парламентарното собрание на Советот на Европа.

Како што рекоа самите, нивна цел била да увидат до каде е процесот на реформи, но тие биле засенети од настаните околу името. Изразија разбирање за загриженоста кај дел од граѓаните, побараа дебатите да бидат аргументирани и мирни.

„Насилството, заплашувањата и реториката што разгорува немаат место во ваквата дебата и мораат да бидат осудени од сите страни“, нагласи Кристоферсен.

Во разговорите со лидерите на политичките партии и власта, претставниците на ПССЕ ја нагласиле потребата во овој клучен момент да се обезбедат инклузивни процеси.

„Дијалог со главната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, единствена парламентарна партија која е против овој договор и со граѓанското општество за да се обезбеди доверба во процесот. Во овој контекст гледаме на одлуката на ВМРО-ДПМНЕ оваа пролет да се врати во парламентот, како политичка одговорност и да овозможи носење на клучни закони кои се од корист на целото население“, рече Гилетчи.

Пратениците на ПССЕ очекуваат сите партии вклучени во процесот да преземат активна и одговорна улога за ефикасно функционирање на изборната администрација, со што ќе се овозможи референдумот да се одржи во добри услови. Кога е во прашање најавената блокада на договорот од страна на претседателот Ѓорѓе Иванов, потенцираа оти тој мора да дејствува согласно своите овластувања, а тука е и Уставниот суд да процени.

„Блокирањето на легално избраниот проект не е решение и не е начин на кој се решаваат проблемите во една демократија. Но, од друга страна, го имате референдумот на кој луѓето ќе можат на демократски начин да ја изразат својата волја и можеби тоа е еден од начините за излез од таа ситуација“, рече Кристоферсен.

Гилетчи рече дека за тоа што ќе се случи доколку не успее референдумот разговарале со претставниците на политичките партии и оти веруваат дека во овој процес важно е да се комуницира со народот.Норвешката пратеничка, пак, рече дека тие ќе апелираат до меѓународната заедница да даде целосна поддршка за Македонија во овие круцијални времиња.

На средбите станало збор и за реформите, пред сѐ во судството. Според пратениците, тоа е долготраен процес и не може веднаш да се унапредат транспарентноста, отчетноста и ефикасноста.

„Потребно е да се смени начинот на размислување“, забележа Норвежанката.

Околу насилствата пред парламентот во неделните протести против промена на името, гостите од Советот на Европа рекоа дека не можат да судат според тоа што го прочитале во весниците и слушнале од очевидци, но нагласија оти протестите се демократско право на секој граѓанин, а полицијата е должна да реагира за да го обезбеди јавниот ред и мир. Дали имало прекумерна употреба на сила ќе треба да се истражи. И овој инцидент ќе биде ставен во извештајот за дводневната посета што ќе биде доставен до парламентарното мнозинство на Советот на Европа, а конечната оценка ќе биде донесена идната година. (Г.А.)

Вајгл: Иванов да мисли за иднината

Европратеникот и известувач за Македонија во Европскиот Парламент Иво Вајгл запрашан да го коментира ставот на Претседателот Ѓорѓе Иванов за Договорот со Грција, порача дека од ЕУ во повеќе наврати му испратиле порака дека Македонија мора да гледа кон иднината.

– Обврска на политиката, на политичките партии и на претседателот на државата е да водат грижа за перспективите на младите генерации Македонци и Македонки. Таа перспектива најсигурна е со членството во ЕУ, па и во НАТО. Така што не би смеело да има дилеми за тоа каков би требало да биде ставот на претседателот на државата, кој не смее да биде претставник на својата политичка партија туку на целата Македонија и на сите Македонци. Тоа е порака за Иванов. Тоа би било многу корисно и за Македонија, а и за него, како ќе го памтат луѓето кога тоа би го сфатил, изјави Вајгл.