Бачев до Заев: Ако сум зел пари, да ги распуштиш службите


Моќни грчки бизнисмени, кои имаат симпатии кон Русија, финансираат луѓе во Македонија за да се организираат протести и насилства против договорот за името со Грција, односно влегувањето на Македонија во НАТО. За таа цел биле исплатени десетина илјади долари пред клучниот референдум наесен, кој ќе покаже дали малата балканската држава ќе може да се приклучи на воениот сојуз. Истрагата е во тек.

Со вакви тврдења излезе премиерот Зоран Заев во интервју за познатиот американскиот портал „Базфид“ дадено по самитот на НАТО во Брисел минатата недела, на кој Македонија доби покана за членство откако ќе ги спроведе сите обврски од договорот со Грција, кој предвидува новото име на нашата земја да биде „Република Северна Македонија“. Заев одби да именува кој стои зад плаќањата, наведувајќи ја тековната истрага и чувствителноста на дипломатските односи околу кандидатурата на земјата за членство во НАТО. Тој рече дека полицијата дознала за плаќањата откако притвори повеќемина учесници во насилните протести пред Собранието во јуни.

За време на самитот, Заев рече дека приватно побарал помош за референдумот од американскиот претседател Доналд Трамп, кој вчера се состана со рускиот претседател Владимир Путин, само неколку дена откако беше подигнато обвинение против 12 руски агенти дека се вмешале во претседателска кампања во 2016 година, објавувајќи доверливи мејлови од штабот на демократите.

„Базфид“ потсетува дека најголемата пречка за членството на Македонија во НАТО беше долготрајниот спор со соседна Грција, која инсистираше на тоа дека земјата мора да го смени своето име пред да се приклучи кон меѓународните институции.

„Македонците ќе бидат замолени да ја одобрат промената на името во ‘Северна Македонија’ на референдумот оваа есен, по што грчките водачи ветија дека ќе ја следат промената на името со гласање за нормализирање на односите. Но двата процеса се далеку од сигурни бидејќи на договорот жестоко се противат националистите од двете страни на границата, како и Русија“, нагласува американскиот медиум.

Непосредно пред лидерите на НАТО да се согласат за поканата за влез на Македонија, беше објавена веста дека Грција протерала двајца руски дипломати, а на други двајца им забрани да влезат во земјата поради нивно мешање во договорот за името.

„Руските претставници кои беа тука, а и другите од Москва, не кријат дека се против нашата интеграција во НАТО. Дел од нив се поврзани со медиумите, дел од нив ги поттикнуваат младите луѓе да протестираат пред парламентот, да нападнат полицајци… Многу е очигледно“, рече Заев во интервјуто.

Од „Базфид“ се јавиле кај портпаролот на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова, но не добиле одговор.

Македонскиот премиер и вчера од Скопје потврди дека стои врз кажаните обвинувања.

„Зборувам од тоа што го читам во извештаите што ги добиваме. Тие млади момчиња ‘комити’, кога нападнаа полицајци, беа повикани во полицијата на исказ, па спомнуваа бизнисмени од Русија дека давале пари, заради тоа се тука и оти немаат ништо против или слично“, вели Заев.

Тој дополнува дека Македонија е мала земја и сака да гради пријателство со сите, вклучително и со Руската Федерација.

„Мора уште еднаш да потврдиме нема алтернатива за Република Македонија освен рамноправно членство во ЕУ и НАТО. Од тој аспект секогаш ќе бидеме со доза внимание и навистина нема да дозволиме да се поминат меѓународните договори, декларации, резолуции, применети во Македонија во делот на таквиот однос, зашто дигнитетот на државата е многу важен. Како што ние го почитуваме насекаде во светот, така сакаме да биде почитуван и овде во Македонија“, заклучи претседателот на Владата.

Обвинувањата за руско влијание врз земјите од Балканот зачестија последниот период. Не е тајна поврзаноста на рускиот и српскиот народ, поради што проруските партии уживаат голема доверба во Србија и во Република Српска. Единствено нивните водачи Александар Вучиќ и Милорад Додик беа повикани на инаугурацијата на Путин за претседател на Русија. Во Македонија единствена партија што отворено се залага за сојуз со Русија е Единствена Македонија, поради што, кога ќе се споменат руски пари и влијание, веднаш се асоцира на партијата на Јанко Бачев. Тој во изјава за „Независен весник“ демантира дека зел пари од Москва.

„Што да кажам на ваквите обвинувања на Заев? Оваа марионетска влада никако да сфати дека тоа што го планираат: разнебитување на македонскиот народ и држава нема да им успее. Се поставува прашањето ако навистина некој зема пари од Русија за да предизвика насилства, каде се тогаш службите што ги контролира да реагираат? Веднаш да ги распушти полицијата, обвинителството, Управата за јавни приходи, за перење пари… Јас знам дека нему, па и на оние од ВМРО-ДПМНЕ, кои се исти со СДСМ и кои се финансирани од исти извори од ЕУ и од САД, му е тешко да сфати дека некој работи од идеологија, а не од интерес. Граѓаните масовно ја поддржуваат нашата иницијатива за сојуз со Русија“, вели Бачев.

Последните случувања го тестираат и односот меѓу Грција и Русија, кој досега беше коректен, но наклонетоста на Атина да нè внесе во НАТО ги смени работите. Никос Џидакис, заменик-министер за надворешни работи на Грција за европски прашања, рече дека нема информации за наводното плаќање на македонски граѓани, но оти владата има сознанија оти други земји сакаат да имаат влијание.

Пораката на Грција кон Русија беше многу јасна, рече тој, дека договорот за името е помеѓу Скопје и Атина. Во саботата, функционер на грчката влада во изјава за „Фајненшел тајмс“ вели дека Русите го засилиле своето мешање во Грција, при што протераните руски дипломати се обиделе да поткупат грчки воен офицер. Обидот за поткуп се случил во пристанишниот град Александропулос, каде што егзистира помала руска заедница.

Горан Адамовски

Фото: Борис Грданоски