Ако не ја реши корупцијата, власта ќе изгори на патот кон Унијата


Незадоволството кај граѓаните од промената на името, власта треба во 2019 година да го компензира со конкретни внатрешни политики и економски потези што би овозможиле функционални институции и повисок стандард, порачува експертската јавност.

Иако системот целосно крахираше изминатата декада, година и половина беше сепак доволно да се детектираат недостатоците и да почне да се работи на нив. Тоа, според експертите, сè уште не се случува, па постои опасност за владејачката гарнитура (која направи неколку вонсериски чекори на меѓународен план), да изгори брзо на евроинтегративниот пат.

Попусти се добрите планови, искреноста и посветеноста, ако веќе зад првиот агол затајуваат правдата и правото, а општеството останува да се тетерави во атмосфера на коруптивни скандали и афери.

„По целиот фокус кон најкрупните политички проблеми во 2018 година, ако успешно се заврши процесот со Преспанската спогодба, дефинитивно на дневен ред треба да дојде економијата, покрај потребните структурални реформи во судството, јавната администрација, медиумите и други што произлегуваат од извештајот на Прибе“, смета академик Абдулменах Беџети.

Владата и одговорните економски институции, според него, ќе треба да дизајнираат економски мерки што ќе бидат спроведени во дело, а не само како декларација за добра волја.

„Да се исчистат сите зачепените трансмисиски канали за примена на мерки од преоптоварената и корумпирана масовна бирократија, особено менаџментот од средниот слој, кои за да ја оправдаат својата егзистенција, измислуваат пречки кои не постојат во духот на регулативата“, вели Беџети.

Тој очекува да се спроведат „чистки“ без разлика на „наши и ваши“ туку според критериуми за неефикасност и коруптивност кои, како што вели, се огромни.

„Ако се реагира бескомпромисно со овие пречки, ќе може и да се успее. Во спротивно, многу брзо ќе помине и годинава без видливи резултати, не само преку стапката на раст туку пред сè преку подобрување на стандардот на граѓаните и намалување на емиграцијата посебно на тие кои се наједуцирани“, нагласува Беџети.

Капиталните инвестиции, според него, се неопходни за да се придвижи рѓосаниот инвестициски запчаник. Приоритет треба да се даде на секторите автопатишта, енергетика/гасовод, образование/сите циклуси, здравство (посебно примарното), екологија потоа другите сектори како земјоделство, туризам и сл.

„Позитивната меѓународна клима и поддршка на земјата треба да покаже синергија и во економија. Движењата во Европа во последните месеци и не се баш најдобри, особено во т.н. 3-М зона – Макрон, Меркел, Меј – поради социјалните немири во Франција против политиките на Макрон, привршување на мандатот на Меркел, како и „Брегзитот“ на Меј. Придружени со десницата во Италија и другите десничарски струи во Европа, тие движења не ветуваат многу. Сите овие предизвици треба со внимание да се предвидуваат и менаџираат“, вели Беџети.

Реформите, според експертите, може да бидат дополнително забавени со оглед на тоа што 2019 е изборна година. Освен претседателските избори (како прв барометар за расположението кај граѓаните), не се исклучуваат и предвремени парламентарни избори. Тоа значи повеќе време за политички кампањи и пропаганда, а помалку за системските реформи. Затоа професорката Мирјана Малеска новата 2019 ја дочекува со голема надеж, но и со стравувања. Надежта е резултат на неколку исправни чекори во минатата година.

„Конечно тргнавме во вистинска насока. Смената на режимот, по масовните кршења на човековите права, ослободи голема општествена енергија за демократски промени, која се надевам нема да биде залудно потрошена. Исплива во нашите мозоци, после долго време, сознанието дека власта не смее да се злоупотребува бидејќи на крај следува одговорност и казна. Исплива во нашите мозоци, по долго време, дека мораме да преземеме решителни, дури ризични чекори, за да ги подобриме односите со нашите соседи, а со тоа да покажеме дека сме подготвени да станеме членки на ЕУ и НАТО. Склучен е договор со Бугарија за добрососедство, кој допрва ќе отвора болни теми од минатото, но од друга страна тоа може да биде добро за психичкото здравје на нацијата и за достоинството на граѓаните. Уште повеќе тоа важи за склучениот договор со Грција. Милијарда евра се потрошени за т.н. антиквизација која само им даде аргумент повеќе на Грците за територијалните аспирации на македонскиот национализам. Со Преспанскиот договор треснавме на земја од високо, но тоа го заслуживме. Зашто, ќе се согласам со грчкиот поет од 19 век, Соломос, нацијата мора да научи да го смета за национално само она што е вистина!“, вели Малеска.

Сепак, таа стравува дали ќе ги доведеме започнатите процеси до формален крај, без притоа за влеземе во некоја идна, тешка политичка криза.

„САД се повлекуваат од Балканот, ЕУ има големи проблеми со ‘Брегзит’ и слични аспирации, Франција има внатрешно незадоволство, а во Германија се подготвува смена на врвот на власта. Тенденциите во Босна се повеќе кон разединување отколку кон интегрирање а тенденции за промена на границите постојат и во Косово и Србија. Сè тоа директно влијае врз нашата кршлива мултиетничка заедница и иднината на државата така што моментот да влеземе во НАТО час поскоро треба да се зграпчи“, вели Малеска.

И таа, како и Беџети, нагласува дека време е сета општествена енергија што се троши на овие крупни политички проблеми да се насочи кон подобрување на животот на граѓаните и отворање на нови работни места и можности.

„Нови предвремени избори можат да бидат оправдани само доколку придонесуваат да се остварат овие цели – инаку не. Поразително е колку млади луѓе си заминуваат или сакаат да заминат од земјата. Не се секогаш во прашање парите. Ни треба верба, ни треба успех на кој ќе се гордееме и ни треба демократски уредена, функционална, правна и праведна држава“, вели Малеска.

Наум Котевски