Груевски се појави на протестот пред Судот, атмосферата живна

Стотина граѓани и поддржувачи на ВМРО-ДПМНе денеска излегоа на мирен протест пред Кривичниот судот во Скопје, да го изразат незадоволството од полициската акција во која беа приведени 36 лица поврзани со настаните во Собраните од 27 април годинава.

На протестот се приклучи и целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ. Присутни се и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски, поранешниот градоначалник на Аеродром Ивица Коневски, Соња Тарчуловска, сопругата на пратеникот Јохан Тарчуловски, актерот Тони Михајловски, поранешниот директор на Архивот на Македонија Филип Петровски…

Атмосферата живна кога на протестот се појави и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој претходно одржа прес-конференција и побара итно ослободување на приведените лица.

Граѓаните извикуваат „Никола, Никола“, „Слобода, слобода“, а побараа и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да го напушти Собранието, да им се приклучат на улиците и на тој начин да го изразат незадоволството од за полициската акција.

Лицата кои протестираат се на платото пред Судот, сообраќајот на булеварот околу Судот е блокиран, а просторот е обезбедуван од полицијата.