Уште колку време треба за промени во образованието?

Најавените сериозни поместувања во образованието, за кои од надлежното министерството ветуваа и ветуваат дека ќе биде европско, уште немаат видено бел ден, а за месец и пол завршува првото полугодие. Месеци поминаа во подготовка на втората верзија на предлог-законот за основно образование, ама и тој не е комплетиран. Изјавите во јавноста кои во неколку наврати ги даде министерот за образование и наука Арбер Адеми како да навестуваа дека за промени ќе се почека, и тоа најзасегнатите од  проблемите – учениците, наставниците и родителите. Адеми потенцираше дека за крупни законски решенија не треба да се брза.

„Се работи за многу значаен закон и затоа треба да се најде најдоброто законско решение. Се работи за креирање квалитетен воспитно-образовен систем за иднината на нашите деца“, рече Адеми во јули.

Вакви одговори од Министерството новинарите и сега добиваат.

Спласнаа сите надежи. И годинава учениците од прво до трето одделение немаат по четири часа дневно, сите учат според наставните програми „Кембриџ“. Освен средношколците за кои Министерството стопираше и тие да не учат според оваа програма. Бројот на паралелки не е намален. И натаму во одделенијата има над 30 деца, како што е во училиштата во скопската општина Аеродром.

Заменикот министер за образование Петар Атанасов за „Независен весник“ вели дека во Министерството интензивно работат на втората верзија на предлог-законот за основно образование. Сè што е подготвено во првата верзија во предлог-законското решение, тој тврди дека ќе остане, како што се намалениот број часови и помалку ученици во паралелка. Во подготовките на втората верзија се разгледуваат и дополнувања. Да има етаблирање на заедница на наставници и формирање посебен столб во основното образование во секое училиште. Станува збор за концепт што ќе предвидува наставниците што имаат над 20 години работно искуство да имаат намален број часови, ама да работат со наставниците кои се почетници и со другите во училиштето, а со цел да има  подобрување на наставата.

„Ние нема да го менуваме доброто ставено во првата верзија од предлог-законот за основно образование, ќе биде оставено внатре – намалениот број часови, намалениот број паралелки, намалување на административната работа на наставниците – не се откажуваме од ништо. Во втората фаза разгледуваме дали можеме да направиме нешто плус. Во основното образование промени ќе има од почетокот на учебната 2019/2020 година“, вели Атанасов.

Во новиот закон ќе се најде и новината за национално тестирање на учениците кое ќе ги опфати основците. Натамошната процедура Министерството ќе ја пропише со Државниот испитен центар, орган што ќе го спроведува тестирањето. Деветтоодделенците два пати во текот на основното образование ќе бидат на тест и тоа по образец на Словенија. Атанасов потенцира дека оценките од тестирањето нема да  влијаат врз успехот на учениците, нема да има ни казни за наставниците ако во неколку наврати имаат отстапување во оценката која ученикот ја добил на тестот со онаа што му е впишана во дневникот. Тој објаснува дека во Словенија оценката од тестирањето им стои во документ на учениците.

„Главна институција за националното тестирање ќе биде Државниот испитен центар, кој ќе има помош од УНИЦЕФ, ОЕЦД. За да помогнат во тестирањето, заинтересирани се и од Европската Унија. Ќе им бидат дадени насоки, да биде  национално тестирање по примерот на Словенија. Национално тестирање ќе има два пати во текот на деветолетката. На средина, четврто или петто одделение, другото во осмо или деветто, бидејќи треба да се направи пресек во средината и на крајот од образованието“, додава Атанасов.

Кои слабости ги констатираа надлежните кај екстерното тестирање кое беше укинато пред година и пол? Анализата требаше досега да ја подготви Државниот испитен центар, јавноста досега не ја виде, чека да ја види и заменикот министер.

 

Три центри за средно стручно образование

 

Три големи центри за средно стручно образование ќе бидат отворени во земјава и тоа најверојатно од учебната 2019/2020 година. Во периодот што следува ќе се прави изборот на области кои ќе ги изучуваат учениците и ќе се дефинираат локациите на центрите. Плановите се да се изучуваат седум или осум области, меѓу кои машинство, туризам, угостителство. Она што е сигурно е дека центрите нема да бидат во Скопје, бидејќи во метрополата се повеќето од средните стручни училишта. Владата овој проект го подготвува во соработка со Европската Унија, која ќе го финансира. Заменикот министер за образование и наука, Петар Атанасов, за „Независен“ вели дека Министерството работи за реализирање на проектот, учениците ќе учат по нови наставни програми, наставниците ќе се дообучуваат, центрите ќе имаат соработка со стопанството, а целта на ваквиот влог е младите да се стекнат со квалификации што ќе им овозможат полесно и побрзо вработување. Европа бара во македонско образование да има повеќе практика и современи програми.

„Мора да направиме поместување да се подобри ситуацијата, да се сменат програмите за средното стручно образование, да се вложат ресурси, таму да се обучуваат наставници за на децата што се во средното стручно да им овозможиме што полесен и побрз влез на пазарот на трудот. Интензивно се работи на реформирање на четиригодишните наставни програми, вклучувајќи ја и националната рамка за квалификации. Ние образовавме илјадници деца, а немаме резултати во општеството“, вели заменикот министер.

Атанасов подвлекува дека е важно што ќе ги искористат кадрите што работат во постојните училишта. А допрва ќе се прават анализа и оптимизација на училиштата со мал број ученици, оти за таму се одлеваат многу пари.

ЕУ е расположена да вложува за поквалитетно образование во земјава. Лани беше донесена сеопфатната Стратегија за образование, преку која расположливи се близу 37 милиони евра за реформи во образованието, дообуки, вклучително и средното стручно образование. Стратегијата е меѓу Македонија и ЕУ.

Вероника Мароска-Леова