Рашковски разрешен од владин претставник во Телеком

Генералниот секретар на Владата Драги Рашковски не е веќе владин претставник во Акционерското собрание на Телеком.

Владата, на денешната седница, го смени Рашковски и за своја претставничка во Телеком ја назначи Тања Чачарова Илиевска, советник за правда во канцеларијата на премиерот.

Пред неколку месеци, опозицијата реагираше за именувањето на генералниот секретар на Владата за владин претставник во Телеком.

На владината седница се донесени и други кадровски решенија, односно се именувани неколку нови директори на државни инспекторати.

За директор на Државниот инспекторат за шумарство и ловство е именуван Ејуп Јахја, за директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа е назначен Сеад Садуковски, а директор на Државниот пазарен инспекторат стана поранешниот пратеник Стојко Пауновски.

Владата ги назначи Димка Митева, Љубица Станковска и Владимир Мартиновски за претставници во Советот на Јавната научна установа Институт за македонска литература.