Не се договоривме вака

Гордана Попсимонова

Морам да признаам дека ме затече сликата од Митко Чавков како со лисици на рацете седи во судската чекалница, а уште повеќе фотографијата направена додека е пуштен на прошетка во Истражниот затвор во Шутка. Посебно ми создаваат мачнина мноштвото сеирџиски коментари по тој повод на социјалните мрежи, кои одат во неартикулирани распони од изживување и потсмев до најпогрдни закани и несоодветни споредби. Потполно истото го доживувам и за останатите непримерни реакции и за другите приведени и притворени.

При сето тоа, одбивам да ги заборавам сцените на тепаните студенти во текот на изборите за Студентскиот парламент, кога имаше повеќе специјалци и помногубројни бојни коли од несреќните настани во Диво Насеље. Ќе ја помнам пораката „Сликај, Чавков!“ кога при секој протест уредно се документираа учесниците. И секако, никогаш нема да ми излезе од глава коментарот на студентите – „Професорке, како да останеме овде?“

При сето тоа, одбивам да ставам знак на равенство меѓу она што слугите на Груевизмот ѝ го сторија на мојата земја и „општонародната веселба“ за реакцијата на правната држава. Еве, да проговориме за настаните од 27 април, бидејќи сегашните мерки се изречени токму за нив. И малите деца знаат дека тие беа испланирани и изрежирани. Дека целта беше да се предизвикаат улични конфронтации со евентуални жртви, што би му дало причина на Ѓорге Иванов да прогласи воена состојба и да го суспендира штотуку избраниот нов собраниски спикер, односно новото собраниско мнозинство кое автоматски доби мандат да избере нова влада. Значи, сценариото беше да му се оневозможи на Заев да формира влада. Тоа, почитувани дами и господа, другари и другарки, се вика обид за државен удар. Што само по себе е тешко кривично дело. И точка.

Среќата, или мудроста, се состоеше во тоа што во тие клучни моменти не се случи она што режисерите го предвидуваа: не се собра народ од спротивната страна и покрај страшните сцени за насилство врз пратениците од страна на протестантите, координирани и насочувани од луѓе со маски преку лицата. Обидот едноставно пропадна, што не значи дека за неговото инспирирање, организирање и спроведување никој нема да одговара. Напротив.

Сите ние, неколку месеци наназад сме сведоци на засилена активност на Обвинителството во прибирање доказни материјали за настаните од 27 април. И сите ние очекувавме работите да почнат да се движат кон целосно расветлување на случката.

И токму деновиве, кога истражните и судските органи стапија на сцена, кога започнаа приведувањата, кога беа изречени првите мерки притвор и кога сосема очекувано, Груевски и неговите најблиски почнаа да лелекаат за некаков политички реваншизам, токму сега, ние кои бевме во првите борбени редови во уривањето на еден недемократски режим, треба да покажеме дека не сме како нив.

Да покажеме дека почитуваме пресумција на невиност. Дека сме принципиелни во нашите барања срочени во паролата – „Нема правда, нема мир“. Дека нема да се откажеме од барањето одговорност од сите оние што извршија злостор врз сопствената држава и народ. Дека имаме разбирање за нашите заблудени сограѓани кои, секој од свои причини, потпаднаа под влијанието на Груевизмот. Дека ќе вршиме притисок и врз сегашната власт да не забега под импресиите на моќта. Дека секој од нас поединечно ќе се бори за новите демократски вредности. Дека патриот е оној што се бори за просперитет на својата држава и народ, а не за една распојасана и забегана клика.

Токму затоа дечки, морам да повторам: Не се договоривме да бидеме продолжение на Груевизмот и на неговите манири на владеење, манипулирање и одмазда кон различните од нас. Не сакам да гледам сеирење, омаловажување, потсмевање, понижување, навредување, кодошење, мешање на семејствата и личниот живот на осомничените, или со еден збор – спуштање на нивното ниво.

Бевме на барикадите на одбрана на слободата и правдата. Да не заборавиме никогаш, ние не сме како нив. Ќе бараме почитување на претпоставената невиност и заштита на човечкото достоинство за секого и фер и чесно судење за секој обвинет.
За тоа се боревме.