Го сака Макрон, не го сака францускиот предлог

На самитот Мицкоски се сретна и со германскиот канцелар Фридрих Мерц кој заедно со Макрон излезе со нова идеја за градуално пристапување во ЕУ


 

Премиерот Христијан Мицкоски објави фотографија од денешниот самит ЕУ-Западен Балкан во Тиват каде цврсто се држи за рака со францускиот лидер Емануел Макрон.

„Пријателска и срдечна средба со францускиот претседател Емануел Макрон. Разговаравме за регионот, за прашањата важни за иднината на нашите граѓани и за европските перспективи, теми на кои долго време работиме.

Франција е една од највлијателните држави во Европа, па затоа е важно да се разговара отворено, директно и со јасно изразени очекувања. Нашата цел е да градиме пријателства, да отвораме врати и да обезбедиме поголемо разбирање и поддршка. Продолжуваме посветено и со јасна цел цврсто да чекориме напред“, напиша Мицкоски на Фејсбук. 

Од овие фрази може да се сфати дека Мицкоски сака да оди на самити, да седи на иста маса со францускиот лидер и цврсто да се ракува, но не и да го испочитува францускиот предлог бидејќи има други очекувања.

На самитот Мицкоски се сретна и со германскиот канцелар Фридрих Мерц. 

„Денес во Тиват остварив средба со германскиот канцелар Фридрих Мерц. Разменивме мислења за европските перспективи на регионот, предизвиците со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан и важноста од продлабочување на соработката и европската интеграција.Ваквите средби претставуваат можност за градење нови партнерства и зајакнување на врските кои се од значење за иднината на нашиот регион“, напиша Мицкоски по средбата.