Една ДИК – и за референдум и за претседателски избори

Истиот состав на ДИК, кој во септември годинава го спроведе референдумот за името, напролет следната година ќе ги спроведе и шестите претседателски избори во Македонија.
Пратениците до вчера доцна попладне не стигнаа да ги донесат измените во Изборниот законик со кои се предвидува продолжување на мандатот на актуелните членови на Комисијата, најдолго за две години. Сепак, извесно е дека овој предлог ќе помине во Собранието, со оглед на тоа што негови предлагачи се координаторите на пратеничките групи на СДСМ, ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ. Најголемата опозициска партија прво, пред распишувањето на референдумот, го блокираше изборот на овој состав на ДИК, за по референдумот да излезе во јавноста со многу забелешки за нерегуларности при гласањето, за што поднесе и кривични пријави. Сепак, сега опозицијата нема ништо против да ѝ биде предложен мандатот на ДИК, чиј претседател е Оливер Деркоски, поранешен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Мандатот на актуелните членови на ДИК, кои првично требаше да бидат на функциите само половина година, односно до крајот на јануари се продолжува на максимум две години, според неофицијални информации, поради тоа што не е постигнат сè уште договор меѓу партиите околу изборната реформа која требаше да биде завршена работа во текот на оваа есен. За таа цел, уште пред неколку месеци беа формирани работни групи од претставници на мнозинството и опозицијата, но исходот од разговорите меѓу партиите е неизвесен. Во меѓувреме, единствено, на инсистирање на ВМРО-ДПМНЕ, пред референдумот беа донесени измени во Законот за финансирање на партиите, иако за таа регулатива се преговараше паралелно со разговорите за новите изборни правила.
Темелните измени во Изборниот законик се сметаат за една од европските директиви за Македонија, затоа што произлегуваат од забелешките и препораките на тимот на Рајнхард Прибе. Според првичниот договор што го постигнаа лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ – Зоран Заев и Христијан Мицкоски, ДИК би се рекомпонирала како административно тело, без партиски членови во нејзините редови. Партиите единствено би делегирале свои набљудувачи во ДИК неколку месеци пред избори, но тие би немале право на глас. Но, овој концепт, очигледно, нема да се реализира до претстојните избори. Редовните претседателски избори ќе ги спроведе досегашниот состав на ДИК, во кој има седум члена предложени од најголемите парламентарни партии, односно тројца од СДСМ, двајца од ВМРО-ДПМНЕ (од кои едниот е претседател) и по еден од ДУИ и од опозициската Беса.
Како главна причина за одолговлекувањето на изборната реформа се посочуваат политичките турбуленции што се случуваа во последните месеци во земјава, почнувајќи од блокадата на распишувањето на референдумот, неговото одржување, а потоа и пристапувањето кон уставни измени. Со тоа, како што се тврди, се изместил фокусот од реформите, што се очекува да биде надоместено во наредниот период, паралелно со понатамошното спроведување на договорот од Преспа.
Сепак, неофицијално, како уште една причина за одолговлекувањето на измените во Изборниот законик се посочуваат несогласувањата меѓу партиите околу евентуалната промена на моделот за избор на пратеници. Односно, наспроти заложбата на СДСМ и на другите партии од предизборната коалиција на оваа партија државата да биде една изборна единица, според пропорционалниот систем, ВМРО-ДПМНЕ преферира враќање на мнозинскиот систем за избор на пратеници или задржување на досегашниот модел – со шест гласачки региони. ДУИ, пак, е за „средно решение“, односно за намалување на бројката на изборни единици на три региони, а ако нема согласност за тоа, партијата на Али Ахмети, исто така, „навива“ за задржување на досегашниот модел, но е против воведување само една изборна единица. Дискутабилно за партиите е и прашањето за воведување на т.н. отворени листи.
Најавите се дека во наредниот период ќе продолжат разговорите за подобрување на изборната регулатива, при што ќе бидат земени предвид и забелешките на ОБСЕ/ОДИХР за последните избори. Процесот мора да продолжи затоа што промените во Изборниот законик се предвидени во извештајот на експертскиот тим на ЕК кој ги скенираше проблематичните области во Македонија за време на политичката криза во земјава. Во препораките на Прибе, меѓу другото, се наведува дека ДИК игра централна улога во контролата на изборите. Секое вмешување во работата на ДИК е неприфатливо. Комисијата како независно тело треба да развие култура на двопартиски пристап кон работата базиран на опсежно искуство и треба да одолее да ги носи мнозинството одлуки во согласност со политичките табори. Целосно внимание треба да посвети на одредување суштински број членови на Комисијата кои докажале независност и слобода од некакви политичко партиски конекции. (А.М.М.)