Почна пријавувањето на полуматурантите за упис во средно


За 20.699 полуматуранти за упис во средните училишта ќе има над 35 илјади слободни места. За гимназиско образование се предвидени 10.985 места, додека за средно стручно има 24.358 слободни места. Максималниот број поени останува ист како изминатите години и е 80 по сите основи, како што се успехот, оценките од предметите битни за струката, за поведение и за први места на натпреварите. За гимназиско образование се потребни минимум 60 поени, за стручните, пак, се движат од 70 за здравствената, за економско, правна и трговска 60, за дел од профилите во сообраќајната и електротехничка од 50 до 60 поени, а за сите останати образовни профили 45.

Роковите за првото пријавување во средно образование за полуматурантите е денес и утре. Резултатите, пак, од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени на 20 јуни. Квалификационо тестирање за учениците ќе се одржи на 22 јуни, ама ако за тоа има потреба, односно доколку се пријават повеќе ученици од бројот на места предвидени со конкурсот. Оние што ќе останат незапишани, нова шанса ќе имаат на второто пријавување, за во училишта каде што останале слободни места, и тоа на 28 јуни. Училиштата за второто пријавување можат да го намалат утврдениот број минимум поени утврдени во Конкурсот најмногу до 10 поени, освен за гимназиско образование, економско – правна, трговска и здравствена струка. Потребните документи за упис се: пријава за запишување, оригинални свидетелства од 6 до 9 одделение, дипломи од натпревари и Извод од матичната книга на родените, учениците што ќе конкурираат за спортска гимназија треба да достават потврда за способности за вештини за спортот за кој се пријавиле.

Од Министерството за образование и наука апелираа што повеќе ученици да ја препознаат предноста од избор на средно стручно образование кое овозможува да стекнат занает и проодност понатаму во високошколските установи.

Вероника Мароска-Леова