Зошто познатите лица на СДСМ бегаат од парламентот
Една од првите обврски што треба да ги заврши новиот состав на Државната изборна комисија, откако ќе биде избран, е верификацијата на мандатот на новиот пратеник на СДСМ. Тој би дошол на местото на Петар Атанасов, за кога, пак, е резервирано заменик-министерското место во ресорот „образование и наука“, кое не беше пополнето минатиот петок само за да не остане празно едно пратеничко столче.
Го побаравме вчера Атанасов на телефон за да ни каже зошто се префрла на функција која се смета за пониска на скалилата на власта, но тој ни рече дека не е во можност да зборува затоа што ја води седницата на собраниската Комисија за образование и наука, чиј претседател е сѐ уште.
Атанасов е еден во низата пратеници на СДСМ и коалицијата кои во изминатата година, по преземањето на власта, го напуштаат законодавниот дом за да преминат на извршни функции. И тоа на места кои, иако се формално пониски во државната хиерархија, очигледно, се поатрактивни – поради моќта, влијанието и бенефициите што ги носат. Иако, според поставеноста на системот, законодавната власт е над извршната, која ја избира и треба да ја контролира, а пратеничкиот мандат е стабилен (за разлика од другите функции каде што разрешувањата одат полесно) досега единствениот премин во обратна насока – од влада во парламент го направи Самка Ибраимовски. Тој се повлече од министерско место без ресор затоа што беше следен на листата за пополнување на едно пратеничко столче.
Нова пратеничка во парламентот, на местото на Атанасов, треба да биде адвокатката Снежана Калевска-Ванчева, која е дури на 16. позиција на листата на СДСМ во првата изборна единица – како показател колку многу кадри на владејачката партија се повлекле во меѓувреме од законодавната власт. Калевска-Ванчева беше едно време членка на ДИК, ама нема искуство како пратеничка.
Покрај првата постава на СДСМ, која од старт се повлече од парламентот за да влезе во владиниот кабинет, во изминатиот период од законодавната власт заминаа и повеќето поискусни и политички поекспонирани лица на сега владејачката партија. Со тоа, пратеничката група на СДСМ, која брои 50 члена, сега е сведена на неколкумина попрепознатливи политички ликови, додека најискусните кадри главно се од партиите од коалицијата. Боите на владејачката партија во парламентот сега главно ги бранат генералниот секретар на партијата Александар Кирацовски, партиската потпретседателка и поранешна министерка за труд и социјална политика Фросина Ременски, Хари Локвенец, Јагода Шахпаска… Тука се и пратениците Горан Мисовски, Горан Милевски, Соња Мираковска, Мухамед Зекири, Ферид Мухиќ, Ирена Стефковска, Павле Богоевски, Ивана Туфегџиќ…но тие или се кадри на коалициските партии на СДСМ или се без минат труд во законодавна власт, иако се препознатливи во јавноста од медиумите или како учесници во „Шарената револуција’.
За разлика од тоа, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е политички многу „попоткована“, бидејќи опозицијата нема простор да префрла свои кадри во извршната власт. Затоа меѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ има многу познати имиња почнувајќи од двајцата поранешни премиери Никола Груевски и Емил Димитриев, поранешниот спикер Трајко Вељаноски, поранешните министри Никола Попоски и Антонио Милошоски, потоа Илија Димовски… Меѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го нема единствено партискиот лидер Христијан Мицкоски.
Според неофицијалните информации, и координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев, како сообраќаен инженер и доктор по технички науки, се подготвува за нова функција. Наводно, тој е планиран за челното место во Агенцијата за цивилно воздухопловство, за што изборот оди преку парламентот. Претходно, неколку поекспонирани лица на СДСМ, како Петре Шилегов, Благој Бочварски, Стефан Богоев, преминаа од пратеници во градоначалници. Васко Ковачевски, кој своевремено беше носител на листа на СДСМ, стана директор на РЕК „Битола“.

Кон крајот на минатата година од парламентот замина и Стево Пендаровски за да биде национален координатор за НАТО – функција чие именување оди преку Владата. Тоа му беше прв пратенички мандат на Пендаровски, кој, сепак, е препознатлива фигура во политичката јавност како претседателски кандидат на СДСМ во 2014 година, а претходно како советник за безбедност и за надворешна политика во кабинетите на претходните двајца шефови на државата. Пендаровски вели дека пратеничката функција има своја тежина, значење и одговорност, ама дека тој заминал за координатор за НАТО затоа што сакал да даде придонесе во областа во која работел сите изминати години.
„Од претходно се знаеше дека 2018 ќе биде клучна година за нашата интеграција во Алијансата, како што се знаеше и дека овој јули ќе се одржи самитот во Брисел. Затоа беше потребен координатор за ресорите кои ја покриваат оваа проблематика, како што се министерствата за одбрана, за надворешни и за внатрешни работи. Со оглед на тоа што јас со години работам на токму во овие области, сакав со она што најдобро го знам да дадам свој придонес за остварување на стратегиските цели на државата“, ни изјави Пендаровски.
Тој е сега на функција која беше внесена во владината систематизација уште во 2005 година, за потоа да биде замрзната во последните десетина години, по блокадата на Македонија на самитот на НАТО во Букурешт. Затоа, пак, во изминатите месеци, оваа Влада не само што го пополни координаторското место за НАТО, туку назначи координатори уште за три други области, како гранична полиција, спречување ризици од катастрофи, борба против тероризам и насилен екстремизам, а именувани се и тројца заменик -национални координатори. На последните две владини седници имаше уште по едно именување на национален координатор. Прво, довчерашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски стана национален координатор за оваа област, а на последната владина седница за координатор за здравство е именуван Гоце Чакаровски, кој до скоро беше заменик-министер во овој ресор.
Александра М. Митевска