Министерот за одбрана ги прекршил законите, состојбата во Армијата е драматично влошена, обвини претседателот на Независниот синдикат на војниците


Фото: Б. Грданоски

Претседателот на Независниот синдикат на професионални војници, Александар Насковски, изнесе сериозни обвинувања за незаконско постапување во Министерство за одбрана на РСМ, тврдејќи дека правата на припадниците на Армијата се системски прекршувани.

Според него, министерот за одбрана Владо Мисајловски направил три клучни прекршувања на законите.

„Прво – Министерот за одбрана Владо Мисајловски не го донесе Планот за преземање и распоредување на професионалните војници согласно член 40-а став 2 од Законот за служба во Армијата на РСМ. Имено, согласно член 40-а предвидено е : Планот од ставот 2 на член 40-а министерот за одбрана е должен да го донесе најдоцна до 31 декември во тековната за наредната година и Во случај планот за преземање и распоредување да не биде донесен во рокот утврден во ставот 3 на овој член министерот за одбрана ќе плати глоба во износ од 15.000 евра во денарска противвредност. На барање на синдикатот , Планот за превземање не ни е доставен за прв пат откога постои таа законска обврска. Со ова министерот за одбрана не го испочитува законот на штета на професионалните војници и согласно член 40-а став 5 треба да плати глоба во износ од 15.000 евра во денарска противвредност“, стои во дописот од Насковски.

Вториот случај се однесува на, како што наведуваат, утврдена индиректна дискриминација од страна на Комисија за спречување и заштита од дискриминација, поврзана со нетрансформирање на договорите од определено во неопределено време.

„На ден 16.07.2025 година со бр. 08-117/4 е донесено мислење на КСЗД за утврдена индиректна дискриминација врз професионалните војници на служба во Армијата на РС Македонија поради нетрасформирање на работниот однос од определено време на неопределено време согласно Законот за работни односи на РСМ.

„До денешен ден односно по истекување на законскиот максимален рок од шест месеци (16.01.2026 г.) според член 27 став 3 од Законот за спречување и заштита од дискриминација , министерството за одбрана НЕ ПОСТАПИ ПО НИЕДНА ПРЕПОРАКА од КСЗД, односно ниту го трансформираше договорот на професионалните војници, ниту иницираше постапка за измена на Законот за служба. Дискриминацијата врз професионалните војници сеуште трае и прави огромни штети на професионалните војници и на буџетот на РСМ“, содава тој.

Третото обвинување е дека ниту еден професионален војник не добил трансформација на работниот однос, и покрај законските обврски, што, како што велат, директно ги оштетува над 2000 лица во Армијата.

„Поднесовме барање до ДИТ да изврши инспекциски надзор и да превземе законски дејствија против правното лице во Министерството за одбрана со изрекување на глоба од 600 до 1.000 евра во денарска противвредност на правното лице предвидена во член 265 став 1 алинеја 17 од Законот за работни односи на РСМ. Само за овие три незаконски постапувања , министерот за одбрана треба да плати глоба од 18.600 до 19.000 евра во денарска потиввредност поради непочитување на Законот за служба во Армијата на РСМ, препораките од КСЗД и Законот за работни односи“, напиша тој.

Синдикатот пресметува дека за овие прекршувања предвидените казни изнесуваат околу 18.600 до 19.000 евра, но предупредува дека ако секој засегнат војник поднесе поединечна пријава, сумата може да достигне и до 2 милиони евра.

„Дискриминацијата трае со децении и уништува цели генерации професионални војници“, вели Насковски, обвинувајќи дека институцијата ја прикрива состојбата зад, како што ја нарекува, „лажна ПР кампања“.

Од синдикатот најавуваат дека ова е само дел од, како што тврдат, незаконските постапувања и дека во наредниот период ќе објавуваат нови информации и докази за состојбата во Армијата.