Законот за пушење влегува во завршна фаза. Владата ќе го усвои во вторник

Угостителите се задоволни што ќе имаат грејс период од една година за да можат да ги адаптираат објектите според новите законски правила


Целта на законот е заштита на јавното здравје

 

Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун или сродни производи во вторник треба да се разгледа на владина седница, по што се очекува, во најбрз можен рок, да помине и во Собранието. Како што рече денеска премиерот Христијан Мицкоски на завршниот состанок со претставниците од тутунската индустрија и угостителскиот сектор, законот ќе стапи во сила веднаш, освен одредбата согласно која угостителите треба да ги преадаптираат и пренаменат своите локали. За оваа одредба се предвидени 12 месеци грејс период.

Мицкоски нагласи дека предложениот текст е компромисно решение, со консултации на сите засегнати страни – здруженијата, производителите, дистрибутерите, хотелиерите, луѓето кои имаат свои ресторани, ноќни клубови…

И претставниците на бизнис секторот потврдија дека законот се креираше со партнерски пристап. Тие искажаа благодарност за разбирањето од страна на Владата што им се овозможува една година за соодветно да ги преуредат терасите во објектите. 

Законот предвидува строги и ригорозни контроли за евентуално непочитување на неговото спроведување.

„Од самиот почеток ја искажавме нашата поддршка во носењето на законот за забрана од пушење во неговата крајна цел, а тоа е заштита на јавното здравје. Во оваа прилика сакам да искажам благодарност до премиерот и Владата, како и до министерот за здравство за инклузивниот и партнерски пристап во самото креирање на законот, како и за фазната имплементација, односно за т.н. едногодишен грејс период во кој ние, како угостителски сектор, ќе имаме можност да ги преадаптираме нашите тераси согласно новите законски решенија, со цел нашиот сектор да претрпи колку што е можно помали економски последици“, истакна Перица Голомеиќ од Туристичко угостителската комора при Сојузот на стопански комори.

Според Васко Ристовски од Групацијата за производство на цигари при Стопанската комора, бизнисот го цени тоа што при подготовката на законот се земени предвид дел од доставените забелешки, ставови и укажувања на деловната заедница.

„Цврсто ги поддржуваме заложбите за засилување на заштитата на малолетните лица, вклучително и ограничувањето на пристапот, продажбата и употребата на тутунски и сродни производи од нивна страна. Го поддржуваме носењето на балансирани регулаторни решенија кои овозможуваат одржливост, препознатливост и диференцијација меѓу различните традиционални и нови тутунски производи, преку сите нивни специфики“, рече Ристовски.

Премиерот Мицкоски и министерот за здравство Азир Алиу порачаа дека очекуваат доследна примена на законот по неговото донесување и апелираа дека нема да има повластени.

„Ако некој мисли дека ќе биде повластен, па бил близок со овој, оној, па нема да го почитува законот, па него немало да го фатат и слично, се лаже. Можете еднаш да поминете неказнети, ако не ве фатиме, па дури и вторпат, но третпат сигурно ќе бидете фатени и ќе бидете санкционирани“, потенцира Мицкоски.

Алиу се осврна на казните, со напомена дека се воспоставува функционален надзор.

„Наместо неколку органи со недоволно јасна поделба на надлежностите, новиот текст предвидува 14 надзорни органи со прецизно разграничени надлежности. Ова е важно зашто законот мора да биде не само добро напишан, туку и спроведлив на терен“, подвлече Алиу. (МИА)