Трифун Костовски најавува дека ќе формира партија
Поранешниот градоначалник на Скопје, Трифун Костовски, преку текст во порталот „Либертас“ најави дека има планови да формира партија за Македонија да излезе од политичкиот и економскиот ќор-сокак
„Македонија е буквално распната на крстопат. Едниот пат води кон апатија, иселување и исчезнување. Другиот води кон правда, работа и нова надеж. Изборот е наш. Јас го избирам патот на борбата, вистината и надежта. Ги повикувам сите што ја сакаат Македонија да размислат, да се вклучат и да дадат свој придонес. Патриотизмот треба да ни биде обврска, а не парола. Ако не сега, кога? Ако не ние, кој?“, вели Костовски.
Тој нагласува дека за сегашната состојба „и јас лично чувствувам вина, бидејќи сум можел во некои дамнешни времиња да влијаам за да се променат нештата во нашата држава. Во изминатите 35 години на врвни позиции изнедривме луѓе кои повеќе работеа за сопствени и партиските интереси, а не за интересите на целата заедница во нашата држава, затоа денес владее криминалот и корупцијата и апатијата меѓу нас граѓаните дека нашата Македонија се движи кон исчезнување“.
И вели дека размислува за создавање на нов политички субјект. „Политичка партија без национално и верско обележје, со членови кои ја сакаат својата татковина и желба да ја градат иднината на нашата земја. Ги повикувам сите искусни и неискусни мои сограѓани кои имаат желба Македонија да опстои како држава во која ќе создадеме иднина за нашите поколенија, да размислат и да се приклучат кон ваквата моја визија. Не барам власт за себе, туку можност за освестување на државно ниво, Македонија да биде пред секоја партија! Ова никако не е повик за поделба, туку повик за обединување на сите што ја сакаат Македонија без услови и лична корист“, вели Трифун Костовски.