Градоначалникот Ѓорѓиевски со ароганција ги обвинува вработените на ЈСП, тврди Левица


Орце Ѓорѓиевски (Фото: Б. Грданоски)

 

Партијата Левица преку соопштение денеска изјави дека градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, продолжува со „недозволиво ниво на ароганција и неодговорност“ обвинувајќи ги вработените во ЈСП „Скопје“ дека со своите тужби го блокирале претпријатието. Работниците по судски пат да ги бараат своите загарантирани права.

„Ваквиот пристап претставува опасен обид да се криминализира легитимното барање на работнички права и да се наметне наратив во кој жртвата се претставува како виновник.

Наместо јавно извинување за состојбата во која се доведени вработените, градоначалникот избра јавно да ги прозива и да ги изложува на нетрпеливост, создавајќи атмосфера на притисок и стигматизација.

Дали според Ѓорѓиевски работниците треба да молчат, трпат и да се откажат од своите права за да не ѝ пречат на неспособноста на раководството?

Овој однос јасно ја разоткрива перцепцијата на функционерите од ДПМНЕ – дека работниците не се носители на права, туку пречка што треба да се замолчи кога бара правда.

 Дополнително, оваа реторика претставува очигледен дефокус од клучниот неуспех – четири години блокирање на Советот од страна на ДПМНЕ, што директно придонесе за тоа Скопје и денес да нема нови автобуси и да функционира со деградиран јавен превоз. Наместо одговори за ветените инвестиции, за нефункционалниот систем и за секојдневниот колапс, јавноста добива обиди за префрлање вина кон опозицијата, а сега и кон самите работници.

Работниците во ЈСП не се непријатели, ниту виновници, тие се луѓе што го одржуваат системот во живот и кои, со право, бараат заштита на своите права. Нападите врз нив не се само политички некоректни, туку и морално недозволиви“, велат од Левица.