Зошто Мицкоски и на Илинден зборува за предавства, талог, отров, цинизам…?

Милошоски и Сиљановаска имаа умерена реторика во своите обраќања. Премиерот пак се реши да се пресметува со опозицијата и да ја обвинува за сѐ, и во минатото и денеска


Христијан Мицкоски во Пелинце (Фото: Влада)

 

Потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски, на Мечкин Камен на 2 Август зборуваше за демографијата и за надградба на татковината за која сонувале илинденците. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Скопје велеше дека е неопходна борба против корупцијата, организираниот криминал и партократијата, со цел младите да останат да живеат и работат во Македонија. 

А премиерот Христијан Мицкоски во Пелинце одржа жесток партиски говор, во кој повторно од сите оружја ја напаѓаше опозицијата, ја навредуваше и велеше дека направила национални предавства, отколку што зборуваше за заедништво. Европската унија ја спомена само еднаш во својот говор. И тој единствен пат беше поврзан со неговата работа како премиер и со неговото самоопределено херојство: „Никогаш нема да го прифатам нивното однесување (на опозицијата – н.з.) на отстапки кон прашањата кои се блокада на нашиот пат кон ЕУ и никогаш нема да го разочарам народот“.

ВМРО-ДПМНЕ во денешното утринско соопштение го преповтори говорот на Мицкоски и рече дека партијата никогаш нема да се откаже од борбата да ја направи Македонија подобро место за живеење, заеднички дом за сите во иднина.

„Народот никогаш нема да биде разочаран и никогаш нема да биде прифатено однесувањето од минатото на отстапки од националните идентитетски прашањата на евроинтегративниот пат, по ниедна цена.

Затоа ги повикуваме граѓаните да не паѓаат во замката на талогот кој борците за власт со предавства, а не со победа на избори и натпревар од добри идеи и програми, го создаваат. Ним не може да им се верува, тие на секој државен успех гледаат со цинизам и омраза“.

Што кажа Мицкоски во Пелинце во говорот со кој токму на Илинден отфрли дека опозицијата може да има различни ставови, да разговара, па дури и да одлучува за иднината.

Зошто и на еден од најсветлите денови на македонската историја премиерот не може да избега од неговата вообичаена реторика? Можеби мисли дека таа е најправилна, дека се сообразува со она што е расположение кај народот; или едноставно не сака да се соочува со политичари кои мислат поинаку од него и имаат поинакви мисли за иднината и сегашноста од него. И во едно предвидување за катастрофа што доаѓа, премиерот рече дека битката на оваа генерација што тој ја предводи била „последната линија и сила на отпор“.

Во Пелинце, премиерот Мицкоски, меѓу другото рече:

„Минатото не смее да биде место во кое ќе се засолнуваме. Минатото мора да биде темел од кој ќе црпиме сила за она што допрва треба да го изградиме. Зашто народ што живее само од својата историја полека почнува да ја губи својата иднина… 

А верувајте, и ова го кажувам со полна вера, оваа битка на оваа генерација е последната надеж за иднината на државата. И не смееме и не можеме да потфрлиме. Битката на оваа генерација е последната линија и сила на отпор против многу неправди, против многу историски одлуки за кои, иако не влијаевме, беа погрешни и влијаеја врз нас.

Секој ден, чекор по чекор, одлучно како и во минатото, правиме чекори со кои ја враќаме вербата и создаваме примери каде Македонија победува. Сетете се само пред неколку години какви беа односите на политичките сили. Колку граѓаните беа мајоризирани пред налетот на разноразни интереси на политичките елити тогаш на власт. Денес тие се длабоко во опозиција, распаднати помеѓу своите лични интереси и далеку од столчињата на власт кои ним им овозможуваа удобен живот“.

И потоа да се надоврзе на неговата омилена тема за предавствата:

„Тие фотелји на власт тие ги држеа не со поддршката од народот, туку со предавствата и отстапките кои ги правеа. Горчливиот пелин од тие отстапки го чувствуваме и денес, и да бидеме реални, нема Македонец кој со чувство на тегоба не се потсетува на таквите одлуки. И она што ме загрижува е што лидерите на опозицијата, наместо натпревар со идеи, концепти и предлози, создаваат блато составено од многу нихилизам, омраза, ширење епидемија од дефетизам. Никогаш нема да го прифатам нивното однесување на отстапки кон прашањата кои се блокада на нашиот пат кон ЕУ и никогаш нема да го разочарам народот. Јас предавства на штета на државата и народот, како што се правеше во минатото, по ниту една цена нема да направам.

Не паѓајте во замката на талогот кој тие го создаваат. Ве молам внимавајте и не верувајте му на тој талог од неуспеси, цинизам и мразење на сè што е успешно. Нашата генерација има обврска да се избори за нешто што е подеднакво важно — да ја зачува душата, да ја врати вербата во институциите, да го врати достоинството на чесниот човек и повторно да ја направи надежта најсилна движечка сила на нашето општество.

Има нешто што е поопасно од сиромаштијата. Има нешто што е поопасно и од секоја економска криза — тоа е моментот кога еден народ ќе престане да верува во себе. Кога ќе почне да го прифаќа поразот како нормална состојба. Тоа е најопасниот отров што може да влезе во едно општество. И тој отров го шират една иста група луѓе кои, за разлика од напатениот народ, секој викенд се на јахти и договараат и се нудат за нови отстапки“.

По ваквиот говор на Мицкоски прашање е дали тој може да повикува на национално обединување, а при тоа да исклучува големи маси граѓани кои не мислат како него. Или се чудат на неговите квалификации за политичарите кои ја однесоа земјата во НАТО, на чие членство тој и неговите министри се особено горди и го апопстрофираат речиси во секоја реченица.

СДСМ денеска реагираше дека Христијан Мицкоски го искористил и Илинден за да ја поттикнува поделбата на народот.

„Во својот говор повика на борба против ‘омразата, цинизмот и талогот што ја трујат Македонија’. Кој е тој ‘талог’ според Мицкоски? Сите што не мислат како него. Сите што ја разобличуваат неговата политика. Сите што бараат Европа, правда и одговорност.

На денот кога треба да се зборува за иднината, тој повторно напаѓа. Ова не е патриотизам, ова е политичка омраза облечена во празничен говор“, рекоа од опозициската партија.

Речиси во секоја држава во Европа (а особено во САД) политичките поделби се со голема магнитуда, не е тоа ништо невообичаено. Доналд Трамп ги нарекува демократите „радикални луди левичари “и бара од американските граѓани на сите начини да не им дозволат да победат на среднорочните избори во ноември. Партиите од крајната десница во Германија, Франција или Холандија имаат погрдни политички зборови за партиите од мејнстримот.

Но ретко ќе најдете случај од првиот човек од партијата која е на власт и кој е премиер да тврди дека главната опозициска партија шири отров во општеството, дека направила толку многу предавства. И само тој и неговата партија може да го „спасат“ и народот од таквите „предавства и цинизмот“. Можеби по ваквиот говор конечно од обраќањата треба да се исфрлат пледоајета за национално единство (најмногу за излегување од ќор-сокакот кон ЕУ) и премиерот отворено да каже – ги прифаќам да влезат на политичкиот брод само оние кои што мислат како мене. Или приближно како мене. (Н.В.)