Мицкоски: Битката на оваа генерација е да ги победи омразата, цинизмот и талогот што ја трујат Македонија

Денес татковината не е земјата и државата за која сонуваа илинденците и асномците, но нашата битка е токму да ја вратиме таквата татковина, речен Мицкоски


Илинден не е само датум, тој е и завет, но и карактер. Илинден е најсилниот доказ дека постојат народи кои можат да бидат окупирани, можат да бидат напаѓани, можат да бидат предавани, можат да бидат потценувани, но никогаш не можат да бидат покорени, затоа што слободата не започнува на границите на една држава, туку во срцето на еден народ, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање од Пелинце, по повод одбележувањето на националниот празник 2 Август, Илинден – Денот на Републиката.

Тој нагласи дека денеска не се одбележува уште еден празник во календарот на нашата држава, туку споменот за времето кое не се мери со години, туку со идеали, со жртви, со соништа и со луѓе кои знаеле дека има мигови во историјата кога човекот повеќе не живее само за себе, туку живее за народот, за својата татковина и за генерациите кои допрва ќе дојдат.

– Токму затоа денес ги славиме двата Илиндена како една историска целина, затоа што Крушево и АСНОМ не се две различни приказни, туку една низа, две страници од истата книга, напишана со вера, со храброст и со непоколеблива одлучност Македонија да биде своја, достоинствена и слободна, истакна Мицкоски.

Премиерот потсети дека во Крушево се родила идејата дека слободата вреди повеќе од животот. На АСНОМ, недалеку од ова место, во манастирот Св Прохор Пчински, потсети Мицкоски, таа идеја добила своја државотворна форма. Во Крушево, пак, дополни тој, се покажало дека народот никогаш не престанува да сонува, а на АСНОМ се покажало дека народот кој не престанува да сонува, знае и да создава.

-Два маркантни ликови ги водеа овие два процеси. Претседателот на Славната Крушевска Република Никола Карев и првиот претседател на АСНОМ Методија Андонов Ченто. И делегатите на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година го побарале својот темел, основата на која ќе ја градат македонската држава и таквата цврста подлога ја пронашле 41 година наназад, во македонскиот Илинден 1903 година, на темелите на борбата на комитите и војводите кои 4 децении пред нив го развеале знамето на Крушевската Република и се бореле за слободна и автономна Македонија чиј патрон е организацијата ВМРО – рече Мицкоски.

Тој додаде дека во моментите кога асномците во манастирот Св. Прохор Пчињски ги изгласувале основачките акти, решенија и одлуки кои ја дефинирале тогашната македонска државност, тие биле свесни дека историскиот континуитет со 2 август 1903 година е од суштинско значење за градењето и зацврстувањето на македонскиот национален идентитет и затоа поврзувањето на двата Илиндена јасно го запишале во документите како еден од најглавните столбови на Асномска Македонија.

-Декларацијата за основните права на граѓаните во Македонија била изгласана по примерот на Француската револуција од 1789 година и таа ги регулирала слободата на говорот, правото на национална припадност, правото на движење, правото на глас, за прв пат и правото на глас на жените, правото на вероисповед и правото на приватна сопственост. Со овој документ, АСНОМ пред македонскиот народ и останатите националности во Македонија ја претставувал новоформираната држава не само како држава со социјалистичко општествено уредување- со доминантна комунистичка идеологија, туку и како држава со примеси на граѓанско политичко уредување – рече Мицкоски.

Автор на овој значаен документ, додаде тој, бил Владимир Полежиновски, доктор по правни науки и еден од делегатите со највисоко образование кој бил и еден од авторите на поголемиот дел од документите изгласани и усвоени на Првото заседание на АСНОМ.

Антифашизмот, рече премиерот, станал трајна македонска определба, а благодарение на политиките на тогашното македонско воено- политичко раководство во Македонија била избегната идеолошка граѓанска војна со крвави последици, нешто што се случувало на поранешните југословенски простори за време на Втората светска војна.

-Асномците, македонските борци за слобода во НОБ со одлуките и решенијата на 2 август 1944 година, потврдија и трајно запечатија и уште еден историски факт, кој не може да го побие или негира ниту еден фактор, држава или историографија: Македонското народно ослободително движење во текот на Втората светска војна, македонските партизани, македонската војска, сама, со сопствени сили, без ничија помош од надвор ја ослободи Македонија од окупаторите и со тоа го верификуваше автохтониот, самостоен карактер на македонската државност. Слободата на Македонија не ја донесе никој однадвор, македонскиот народ и сите националности, сами се изборија и ја извојуваа македонската државност и ги остварија вековните идеали на ајдутите, комитите, војводите, партизаните и на сите знајни и незнајни борци низ децениите наназад – истакна премиерот во обраќањето во Пелинце.

Натаму тој се фокусираше на сегашноста при што порача дека битката на оваа генерација е да ја победи омразата, цинизмот и талогот што ја трујат Македонија.

„Историјата не бара од нас да ги повторуваме нивните чекори. Историјата бара да ја покажеме истата храброст. Зашто секоја генерација има свој Илинден. Некои генерации се бореле против империи. Некои генерации се бореле за држава. Некои генерации ја бранеле слободата со оружје. А нашата генерација има поинаква, но не помалку тешка задача — да ја зачува државата силна, да ја направи просперитетна, да ја направи праведна и повторно да ја направи земја во која луѓето ќе веруваат дека вреди да се остане, да се работи, да се создава, да се основа семејство и да се гради иднината, тука дома, во својата татковина.


 
Затоа денес не смееме да зборуваме само за славното минато. Минатото не смее да биде место во кое ќе се засолнуваме. Минатото мора да биде темел од кој ќе црпиме сила за она што допрва треба да го изградиме. Зашто народ што живее само од својата историја полека почнува да ја губи својата иднина. Но народ што ја почитува својата историја, а храбро ја создава својата иднина, никој не може да го запре.
 
А верувајте, и ова го кажувам со полна вера, оваа битка на оваа генерација е последната надеж за иднината на државата. И не смееме и не можеме да потфрлиме. Битката на оваа генерација е последната линија и сила на отпор против многу неправди, против многу историски одлуки за кои, иако не влијаевме, беа погрешни и влијаеја врз нас.
 
Денес татковината знам дека не е земјата и државата за која сонуваа илинденците и асномците, но нашата битка е токму да ја вратиме таквата татковина. И морам да ви кажам, можеби за некого не толку доволно, но за многумина секој ден, чекор по чекор, одлучно како и во минатото, правиме чекори со кои ја враќаме вербата и создаваме примери каде Македонија победува. Сетете се само пред неколку години какви беа односите на политичките сили. Колку граѓаните беа мајоризирани пред налетот на разноразни интереси на политичките елити тогаш на власт. Денес тие се длабоко во опозиција, распаднати помеѓу своите лични интереси и далеку од столчињата на власт кои ним им овозможуваа удобен живот.


 
Тие фотелји на власт тие ги држеа не со поддршката од народот, туку со предавствата и отстапките кои ги правеа. Горчливиот пелин од тие отстапки го чувствуваме и денес, и да бидеме реални, нема Македонец кој со чувство на тегоба не се потсетува на таквите одлуки. И она што ме загрижува е што лидерите на опозицијата, наместо натпревар со идеи, концепти и предлози, создаваат блато составено од многу нихилизам, омраза, ширење епидемија од дефетизам, како супститут на квалитетна понуда. На секој успех се гледа со недоверба, во секоја наша потешкотија или борба се гледа нивната радост и навивање да не успееме. Но сакам да им порачам дека никогаш, никогаш нема да се откажам од борбата да ја направиме Македонија подобро место за живеење — наш дом и наша иднина. Никогаш нема да го прифатам нивното однесување на отстапки кон прашањата кои се блокада на нашиот пат кон ЕУ и никогаш нема да го разочарам народот. Јас предавства на штета на државата и народот, како што се правеше во минатото, по ниту една цена нема да направам.
 
Не паѓајте во замката на талогот кој тие го создаваат. Ве молам внимавајте и не му верувајте на тој талог од неуспеси, цинизам и мразење на сè што е успешно. Нашата генерација има обврска да се избори за нешто што е подеднакво важно — да ја зачува душата, да ја врати вербата во институциите, да го врати достоинството на чесниот човек и повторно да ја направи надежта најсилна движечка сила на нашето општество.
 
Затоа што денес не се води само политичка битка. Не се води само економска битка. Не се води само битка за нови инвестиции, повисоки плати, подобри училишта, модерни болници или нови патишта, иако сето тоа е неопходно и ќе продолжиме да го правиме со уште поголема решителност.


 
Денес се води една многу подлабока битка — битка за човековиот дух. Битка за тоа дали ќе дозволиме стравот да стане посилен од надежта. Дали ќе дозволиме цинизмот да стане погласен од чесноста. Дали ќе дозволиме лагата да стане повлијателна од вистината. Дали ќе дозволиме омразата да стане поголема од љубовта кон татковината. Затоа што има нешто што е поопасно од сиромаштијата. Има нешто што е поопасно и од секоја економска криза — тоа е моментот кога еден народ ќе престане да верува во себе. Кога ќе почне да мисли дека секој обид е однапред осуден на неуспех. Кога ќе се помири со просечноста. Кога ќе се навикне на неправдата. Кога ќе почне да го прифаќа поразот како нормална состојба.
 
Тоа е најопасниот отров што може да влезе во едно општество. И тој отров го шират една иста група луѓе кои, за разлика од напатениот народ, секој викенд се на јахти и договараат и се нудат за нови отстапки.
 
Тоа е отров кој не се гледа. Не се мери. Не се анализира во лаборатории. Но тивко ја убива енергијата на народот. Ја убива волјата да се создава, желбата да се остане. Ја убива довербата меѓу луѓето. И на крајот ја убива надежта. А народ без надеж никогаш не може да биде голем.
 
Токму затоа денес сакам јасно да кажам дека нашата најголема задача не е само да управуваме со институциите. Нашата задача е повторно да изградиме доверба. Да изградиме чувство дека оваа држава повторно му припаѓа на народот. Дека законите важат еднакво за сите. Дека чесниот човек нема да биде последен. Дека трудот ќе биде награден. Дека знаењето ќе биде почитувано. Дека младите нема да бидат принудени да ја бараат својата иднина далеку од домот, туку ќе ја гледаат токму овде, дома. И затоа, кога велиме непокор, не мислиме само на непокорот на револуционерите од 1903 година.


 
Мислиме и на непокорот против ваквите луѓе — создавачи на тој талог, непокор против криминалот, против неправдата. На непокорот против секој обид да се обесхрабрат чесните луѓе. На непокорот против секој што сака да ја убие вербата. Затоа што вистинскиот непријател на секоја држава не е само оној што ја напаѓа однадвор.
 
Вистинскиот непријател е секој што одвнатре ја разорува довербата меѓу луѓето, што ја поттикнува омразата, што шири чувство дека ништо нема вредност и дека секој успех однапред треба да биде омаловажен. Но постои огромна разлика меѓу критика која сака да поправи и цинизам кој сака да уништи. Постои огромна разлика меѓу политичка дебата и систематско труење на јавниот простор со песимизам, со омраза и со убедување дека оваа држава нема иднина. Ние нема да прифатиме таква татковина.
 
Нема да дозволиме нашите деца да растат слушајќи дека единствениот успех е да заминеш. Нема да дозволиме најголемата амбиција на младите да биде билет во еден правец. Нема да дозволиме надежта да биде исмејувана, а разочарувањето да се претставува како мудрост. Затоа што ниту еден народ не изградил силна држава така што секој ден си повторувал дека ништо не вреди.
 
Големите народи стануваат големи тогаш кога, и во најтешките времиња, одлучуваат да веруваат во себе повеќе отколку што веруваат во своите стравови. Токму тоа е духот на Илинден“, рече Мицкоски.

И по овој разделувачки говор повторно повика на обединување.

„ Никогаш не сме победувале кога сме биле поделени, а секогаш сме победувале кога сме се обединувале околу голема цел. Така било во Крушево. Така било на АСНОМ. Така мора да биде и денес. Затоа што има работи што се поголеми од секоја политичка партија. Поголеми од секоја функција. Поголеми од секој мандат, од секој поединец. Тоа е нашата татковина. Тоа е домот што ни го оставиле генерациите пред нас и што ние сме должни да им го предадеме на генерациите по нас уште посилен, уште попросперитетен и уште подостоинствен. И токму затоа нашата борба денес не е борба против некого.

Нашата борба е борба за нешто. За држава во која институциите ќе бидат посилни од поединците. За држава во која законот ќе биде посилен од привилегијата. За држава во која знаењето ќе биде поважно од партиската книшка. За држава во која успехот ќе биде резултат на труд, а не на врски. За држава во која ќе владее правдата, а не стравот. За држава во која секое дете ќе има причина да сонува, а секој родител причина да верува дека неговото дете има иднина токму овде.

Тоа не е лесен пат. Но ниту еден Илинден не бил лесен. Ниту една голема победа во историјата не дошла без жртви, без трпение и без истрајност. Затоа нема да се откажеме. Немаме право да дозволиме омразата да стане поважна од љубовта кон татковината. Немаме право да дозволиме песимизмот да стане национална идеологија. Немаме право да дозволиме цинизмот да ја замени визијата. И најмалку од сè, немаме право да дозволиме некој да ја убие надежта кај народот. Затоа што надежта не е наивност. Надежта е одлука. Одлука да продолжиш и кога е тешко, да веруваш и кога многумина се сомневаат. Одлука да создаваш и кога е полесно да рушиш.

А нашата должност е еден ден и идните генерации со истата почит да зборуваат за времето во кое живееме ние. Да кажат дека тоа била генерацијата која повторно ја исправила земјата. Генерацијата која повторно ја вратила довербата, која не се исплашила од предизвиците, која не дозволила лагата да стане вистина, а разочарувањето да стане судбина.

Драги пријатели, И кога по многу години некој ќе праша што нè водело во овие времиња, сакам одговорот да биде едноставен. Не нè водеше стравот. Не нè водеше омразата. Не нè водеше желбата да бидеме поголеми од другите. Нè водеше љубовта. Нè водеше чувството на должност кон оние што ја создадоа. Нè водеше одговорноста кон оние што ќе ја наследат. Затоа денес, од местото каде што одекнува гласот на историјата, да испратиме порака што ќе се слушне во секое македонско село, во секој град, во секој дом и во срцето на секој човек: дека ќе останеме исправени кога е најтешко, ќе останеме обединети кога најмногу ќе се обидуваат да нè поделат, ќе останеме достоинствени кога ќе сакаат да нè понижат, ќе останеме непокорни кога ќе сакаат да нè поколебаат. И дека никогаш, никогаш нема да отстапиме од идеалите на Илинден и АСНОМ, затоа што тие не се само дел од нашето минато, туку се темелот врз кој ја градиме иднината на Македонија.

Затоа денес, со гордост, со вера и со длабоко чувство на одговорност, да си ветиме еден на друг дека ќе ја чуваме оваа држава, дека ќе работиме за неа, дека ќе ја оставиме посилна отколку што сме ја наследиле и дека секогаш ќе бидеме достојни наследници на илинденците. Нека живее вечниот дух на Илинден! Нека живее државотворната мисла на АСНОМ! Нека живее нашата единствена татковина! Бог да ја благослови Македонија!“-рече Мицкоски од Пелинце.