ДУИ: Владата на ВМРО- ВЛЕН додели околу 90% од грантовите за спроведување на Охридскиот договор на српската заедница


Демократската унија за интеграција (ДУИ), денеска преку соопштение до медиумите реагира на распределбата на средства наменети за спроведувањ ена Охридскиот рамковен договор. Според ДУИ, станува збор за „невиден скандал и сериозен аларм за правецот во кој се турка државата“.

Од оваа партија посочуваат дека Владата доделила околу 90 проценти од средствата од програмата за спроведување на Охридскиот договор на организации на српската заедница.

„Охридскиот договор, постигнат по жртвата и политичката борба на Албанците за еднаквост, денес оваа Влада го користи за финансирање на политичките и идеолошките приоритети на друга заедница, додека на Албанците им се укинуваат механизмите за застапеност, им се одзема јазикот од институциите, се отстрануваат од раководните позиции и се заменуваат во државната администрација“, се вели во реакцијата.

За ДУИ, кога приближно 90 проценти од една програма завршуваат во една насока, станува збор за однапред умислена владина политика.

„Настанот станува уште поалармантен во време кога политичкото, институционалното, културното и медиумското влијание на таканаречениот проект „Српски свет“ е сè поочигледно во Северна Македонија. Институциите постепено се ставаат во служба на агенда што ја оддалечува државата од нејзиниот мултиетнички карактер, од духот на Охридскиот договор и од евроатлантската ориентација“, се вели во реакцијата на ДУИ обвинувајќи го коалицискиот партнер во Владата, ВЛЕН, дека повеќе не е само нем набљудувач на деградацијата на Албанците туку  е активен дел од механизмот што ја спроведува.

ДУИ бара итно објавување на целосната листа на корисници, износот доделен за секој проект, составот на комисијата за евалуација, доделените бодови и записникот од процесот на одлучување.