ВМРО-ДПМНЕ честиташе и за Крушево и за АСНОМ


По повод 2 Август – Илинден, Денот на Републиката, ВМРО-ДПМНЕ упати честитка до граѓаните, оценувајќи дека Илинден е најсилниот симбол на македонската борба за слобода, сопствена држава и обврска кон идните генерации.

Од партијата наведуваат дека во Илинден се испреплетуваат идеалите на илинденците од 1903 година и делото на генерацијата која преку АСНОМ ги поставила темелите на современата македонска државност.

„Илинден е најсилниот симбол на македонската борба за слобода и сопствена држава. Во него се испреплетуваат идеалите на илинденците од 1903 година и делото на генерацијата што преку АСНОМ ги постави темелите на современата македонска државност“, се наведува во честитката.

Според ВМРО-ДПМНЕ, Крушевската Република оставила порака што и денес има силно значење – држава изградена врз слобода, еднаквост и меѓусебна почит, а истите вредности, како што велат, биле потврдени и на АСНОМ.

„Наследството што ни е оставено не е само повод за гордост, туку и одговорност. Наш долг е да ги штитиме државните интереси, да ги зацврстуваме демократските институции и да создаваме општество во кое владеат правдата, солидарноста и еднаквите можности за сите“, стои во соопштението.

Од партијата повикуваат Илинден да биде потсетник дека секоја генерација има своја улога во градењето на државата.

„Нека Илинден биде потсетник дека секоја генерација има своја улога во продолжувањето на македонската приказна. Да бидеме достојни на оние што се бореле пред нас и со труд, знаење и одговорност да создадеме подобра иднина за оние што доаѓаат“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ, честитајќи им го Денот на Републиката на сите граѓани.