Има разговори за излез од европскиот ќор-сокак, но Муцунски не смее да открива детали
Според министерот, опозицијата има право да критикува за сѐ, но не и за надворешната политика која тој ја води
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски нагласува дека се работи на трајно и одржливо решение за одблокирање на нашиот европски пат, но вели дека не смее да споделува детали од разговорите со цел да не ги осуди на неуспех. Тој во интервју за МИА уверува дека граѓаните треба да бидат спокојни дека владата јасно знае како го има добиено својот легитимитет, јасно го следи ставот на граѓаните во однос на ова прашање и има јасно исцртани црвени линии и позиции и прашања за кои што не е подготвена да преговара.
„Работиме на решение, но не решение по секоја цена и не решение коешто само по себе нема да биде одржливо и коешто ќе создава ризици повторно да бидеме во оваа ситуација во која што се наоѓаме сега“, вели Муцунски.
„Разликата помеѓу оваа влада и претходните влади е што ние не сме подготвени за попустливост по прашања поврзани со идентитет, историја, јазик и култура и затоа ние често зборуваме за тоа дека има разговори. Ние не смееме да ги споделуваме деталите од тие разговори, бидејќи ако почнеме со јавноста да ги споделуваме, тогаш ги осудуваме на неуспех“, додаде тој.
Во однос на критиките на опозицијата дека стагнираме на европскиот пат, Муцунски вели дека „опозицијата мора да почне да живее во рамките на реалноста, а реалноста е дека нејзината попустливост и немањето капацитет далекусежно да се гледаат последиците од тоа што се случуваше во 2021 и 2022 година не доведе до оваа позиција до којашто сме сега“.
Тој вели дека опозицијата има право да критикува за сѐ но за надворешната политика „треба да се извинат на граѓаните за сите грешки кои што ги правеа во тој седумгодишен период од владеење“. „Дозволете и на оваа влада да продолжи да го прави она што го прави, затоа што ние мораме да бидеме и објективни дека слушаме и поинакви пораки од високи претставници на земјите членки на Европската унија, дека спрема нашата држава треба да се преземат некои дополнителни обврски за да се гарантира предвидливоста на нашиот европски пат“, рече Муцунски.
На интервјуто реагираше СДСМ велејќи дека не постои земја во светот во која министер за надворешни работи јавно кажува дека води разговори за судбината на државата – но тие се тајна.
И го потсетуваат министерот дека премиерот Христијан Мицкоски го нарече Преспанскиот договор „ремек-дело на дипломатијата“; дека претседателката Гордана Сиљановска-Давкова изјави дека националниот идентитет, јазикот и културата се целосно заштитени и апсолвирани; а самиот Муцунски рече дека НАТО е одлична работа – не само за безбедноста на граѓаните, туку и за странските инвеститори.
„Нивните лаги повеќе не се ни креативни. Нема веќе материјал за креативност. Прашањето до граѓаните на Македонија е едноставно: После сите лаги со кои ВМРО дојде на власт, после сите лаги со кои Мицкоски и ВМРО-ОКГ владеат – Дали му верувате на Тимчо Муцунски и на неговите тајни разговори што ги води во име на граѓаните и нивната иднина?“, велат од СДСМ.