СДСМ за пораките на Мицкоски: Тендер-патриотите сакаат на сила да се вметнат во историјата!


СДСМ реагира на говорот на премиерот Христијан Мицкоски во Пелинце оценувајќи дека тој и ВМРО-ДПМНЕ повторно се обидуваат да се вметнат во историјата каде што не припаѓаат.
 
„ВМРО-ДПМНЕ (денес ОКГ) нема никаква организациска, идејна ниту кадровска врска со АСНОМ. Напротив – историското ВМРО на Ванчо Михајлов соработувало со фашистичките сили и бугарскиот окупатор. Тоа е факт. СДСМ е политички наследник на АСНОМ и на антифашистичката борба. Тоа никој не може да го промени. Токму тоа најмногу го нервира Мицкоски – затоа што на државниот празник, денот на државноста нема место за неговата партија. Затоа се обидува на сила да создаде континуитет, онаму каде што не постои.
 
Дури и денес Мицкоски не може да биде премиер на сите граѓани. Го искористи Илинден за да ги нападне оние кои го разобличија неговиот лажен патриотизам.Тој не води држава – тој води организирана криминална група водена исклучиво од интерес, а не од патриотизам.
 
Човек кој самиот рече дека ВМРО е „про-македонска“ партија (затоа што не може да биде македонска кога голем дел од функционерите и нивните семејства имаат бугарски пасоши и фирми во Бугарија) нема никакво право да зборува за Илинден – ниту за 1903, ниту за 1944.
 
Како и во времето на Ванчо Михајлов, и денес работат против интересите на Македонија:
ја блокираат европската интеграција, ја изолираат земјата, ја ограбуваат државата и го осиромашуваат народот. А потоа држат говори за патриотизам и државност.
 
Во говорот рече дека генерациите што доаѓаат треба да ја продолжат борбата против омразата, цинизмот и „талогот“.  Прво – кои генерации? Младите масовно ја напуштаат земјата токму поради него и неговата банда.
Второ – кој ја шири омразата?
Кој ја водеше кампањата „предавници и патриоти“? Мицкоски.
Кој дојде на власт со лаги? Мицкоски.
Кој е циничен? Мицкоски.
Кој ги нарекуваше граѓаните „талог на општеството“, „медиокритети“ и „мочуриште“? Повторно Мицкоски.
Со својот говор всушност ја повика цела Македонија да се бори против него, стои во реакцијата на СДСМ.
 

По обраќањето на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова , во кое кажа дека државата се чува со вложување во младите, со мудра надворешна политика и со национално помирување, опозицискиот СДСМ ја повика ова да му го пренесе на својот, како што велат, партиски колега Христијан Мицкоски.Според СДСМ, Сиљановска-Давкова треба да му каже на Мицкоски дека младите се иселуваат поради криминал, корупција и изолација создадени од неговата власт, а не поради некој друг.

„За мудрата надворешна политика нека му каже дека ‘ќе чекаме децении’ и ‘збогум Европа’ не е мудра политика. Тоа е политика на намерна блокада и пропаст. За националното помирување нека му каже дека помирување не се прави кога граѓаните ги нарекуваш ‘талог на општеството’, ‘мочуриште’, ‘медиокритети’ и ‘лешинари’. Не се прави помирување кога 40 проценти од медиумите систематски делат народ на ‘предавници’ и ‘патриоти’“,реагираат од СДСМ.

Опозиционерите велат дека помирување не се прави ниту кога се води антиевропска кампања и кога во земја членка на НАТО доминираат српскиот свет и руските интереси.

„Ако претседателката навистина мисли што рече денеска – нека му го каже тоа на Мицкоски. Тоа би значело нешто не само за младите, туку за сите граѓани кои сакаат подобра иднина во сопствената татковина“,додаваат од СДСМ.