Живи нè изгоре неспособноста


НАУМ КОТЕВСКИ

Ѓаволот првоаприлски ја однесе шегата, па и Армијата мораше да интервенира во сеопштата пламена фешта што деновиве ни ја приредија неколкумина пиромани кои се смеат во лицето на државата и нејзините немоќни институции.

Гореше од Струга до Берово. Тажни беа сликите од пустошот што огнената стихија го остави во Националниот парк „Галичица“, во паркот на природата и домот на ретки птици „Езерани“. Вознемирувачки беа сцените и од Струмичко, Делчевско, Берово, Македонски Брод, Крушево… Отидоа јабана стотици хектари непроценлива букова и борова шума, за кои ќе бидат потребни години и години за да се обноват. Страдаа и нискостеблести растенија меѓу кои и јагоди, капини, малини од кои, да речеме, населението во Малишевијата ги прави познатите природни сокови.

Фрапантно изгледа податокот дека само во првите три месеци од годинава гореле над 650 пожари. Факт е дека ова никогаш не било случај, а сè уште летото како најризичен период не е започнато. Ќе се сложиме со директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Аднан Џаферовски, дека незапаметено е да имаме за еден месец над 120 налети со целосниот капацитет од три авиони и над 300.000 литри исфрлена вода. Но огнените рекорди не може да бидат алиби за очигледната институционална неподготвеност за превенција од пожарите. Затоа што многу поважно е како тие да не се случат, отколку како потоа ќе се гаснат.

„Ова е човечки фактор, ова е намерно палење на шумите. Ќе мора да бидеме поригорозни со законската регулатива и да ја следиме европската регулатива“, ќе каже гласно Џаферовски, радосен што успеал да ја убеди Владата да прифати да почнат темелни реформи во системот за управување со кризи.

Па, бидете веќе еднаш поригорозни во овој домен. Кој ви брани. Претворете се сосе шумската полиција, локалните инспектори во ревносна пајак-служба за пироманите, откако веќе јасно сте детектирале дека опожареното дрво е евтино огревно дрво и затоа ги опожарувале шумите, а сточарите палеле сува трева за да може со пролетните дождови да никне нова, за да имаат пасишта (истото важело и за тие што палеле стрништа).

Направете, конечно, адекватна законска регулатива и функционален систем за заштита и спасување на ниво на држава во кој ќе бидат вклучени сите релевантни институции. Со опомени и апели не бива. Додуша МВР за 650 пожари годинава поднела осум кривични пријави за предизвикување на општа опасност против осум лица кои запалиле оган на отворено и предизвикале поголема материјална штета. Тамам!

Во дел од случаите, како што велат од МВР станува збор за пожари предизвикани од палење стрништа, но дел се и намерно подметнати.

Не е тешко да се претпостави што кажуваат во своите искази (не)луѓето кои откако ќе го запалат огнот ги обзема чувство какво што ништо друго не може да им го создаде во животот. Или велат: „Не знам, не сум јас“, или во напад на искреност ќе речат: „Тоа беше посилно од мене… не можев да одолеам“.

Со оглед на суровоста на нивните (не)дела не е лошо освен предвидената затворска казна од шест месеци до пет години, да се размисли и за формирање на посебен регистар како во случајот со педофилите за целокупната јавност добро да ги запознае. Од првиот пламен нивното однесување е опсесивно, повторувачко, речиси ритуално. Кај нив дефинитивно се создава фатална привлечност со пламените јазици каква што е, да речеме, меѓу струшкиот градоначалник Рамиз Мерко и „аудито“.

Мерко е само еден од припадниците на локалната власт од кои јавноста бара заедно со нивните инспекторати поактивно да се вклучат на терен во делот на превенцијата и едукацијата на луѓето да не ги палат стрништата, отпадоците и меѓите на нивите бидејќи брзо можат да се прошират наоколу и пожарот да излезе од контрола, но и во делот на откривањето на потпалувачите. Сепак, ако се гледа конкретно неговата извртена листа на приоритети, тешко дека ќе мрднеме од статус кво.

Како човек може да биде оптимист кога мераклии за луксуз како Мерко ќе те дават со приказни дека морале да купат автомобил од 70 илјади евра затоа што тој одел побрзо, му требал поради работа, а како градоначалник не му личело да се вози во „шкода“. И сето тоа во ситуација кога општината има долг од четири милиони евра и располага со пет противпожарни возила за кои две се речиси половина век стари, две се произведени пред 30 години, додека најновото им датира од 1992 година.

За жал, проблемот не е само Мерко. Таков е приоритетот за добар дел од локални власти, покажаа неодамнешните податоци од дата-базата на Центар за граѓански комуникации. Џабе се лелеците од противпожарните служби дека клучни проблеми во справувањето со пожарите се недостигот на нови возила и кадар.

Во сета несреќа има и малку среќа. За деновиве е најавен дожд. Нема да бидат потребни „ху баба ху“ мантри за стекнување на божјата милост и надминување на пречките во општеството кое очигледно има пречки во развојот.