Женски претседателски вредности


РУМЕНА БУЖАРОВСКА

Жал ми е да признам дека сум прилично апатична што се однесува до претседателските избори. Ми се чини дека нема простор за натпревар или квалитетна дебата – како сè да е однапред одредено, како да немаме сила да се заморуваме со уште едни избори.

Но едно знам: никогаш не би поддржала кандидат(ка) на партија, без разлика колку тој, то ест таа, тврди дека е „натпартиски“. Митот со натпартиските кандидати во целава ситуација ми е навреда за интелигенцијата, срамно мачкање очи на двете наголеми партии што со години си ја подаваат власта во државата. Разликата е што едната од овие партии, ВМРО-ДПМНЕ, изврши невиден терор врз човековите права, врз правната држава, а и врз здравиот разум во годините на своето владеење, создавајќи и непоправлива физичка и естетска штета на главниот град. Тие ширеа говор на омраза врз основа на етничка и религиозна припадност. Тие носеа закони што ги ускратуваа правата на жените и ја промовираа дискриминацијата по основа на род и сексуална ориентација.

Нивниот пример, замисла за успех, е бел богат христијански македонски маж кој презира сè што не е исто како него. Да си жена и да се кандидираш за ваква партија, да стоиш рамо до рамо и да се ракуваш со шовинисти и националисти, да шеташ по партиски штапчиња на унии на млади сили и да се сликаш со момчиња кои тролаат феминистички настани, да сркаш кафе во „Крин“ со Љупчо Златев – и притоа да собираш поени врз основа на тоа дека си жена е една голема, опасна лага. Велам дека е опасна, оти Силјановска-Давкова е слаткоречива интелектуалка, заводлива во својата дикција и ум, и знае да ги користи т.н. „женски‘‘ принципи на наивност за да се претстави како нежна и кротка. Но таа, всушност, „опако“ манипулира со претставата за тоа што значи да се биде женствена. Во нејзините принципи никогаш немало ниту, пак, ќе има ни „ф“ од феминизам.

Патем, не оди тоа да си феминистка и националистка во исто време. Најчесто тие на кои им пречи етничката другост, им пречи и сексуалната, им пречи и родовата. Затоа смешна е премисата дека Силјановска-Давкова не ги застапува назадните вредности на ВМРО-ДПМНЕ. Само што таа тоа го прави преку пресметана злоупотреба на тековниот феминистички бран што го зафати светот, како и на празните флоскули во однос на женственоста што се присутни во секојдневниот говор (митот за „женската интуиција“, на пример). Така, Силјановска се обидува да се претстави како нешто што не е – а тоа е каков било поборник за правата на жените.

Не памтам дека Силјановска некогаш застанала во одбрана на некоја загрозена, дискриминирана група (се разбира, таа за дискриминирана и загрозена група, како и партијата што ја претставува, го смета мнозинството) ниту, пак, се истакнала како борец за женските права. Откако се кандидираше за претседателка, ѝ се случи да се појави на осмомартовски феминистички настан во МКЦ – инаку јавно не поддржувала ниту со своите изјави ниту со своето присуство, феминистички настани или движења. Во своите говори таа го споделува, таа го истакнува, големото разочарување на голем број феминистки од оваа влада, а тоа е ниската застапеност на жените како министерки и градоначалнички. Но да го зборуваш тоа опкружена со еден куп мажи на сцена, што самите го поттикнувале и промовирале тој процес на родова нееднаквост во текот на своето владеење, е апсурдно, лажно, и уште еднаш ќе кажам, навредливо за интелигенцијата.

Еднакво ми е дегутантно и користењето на терминот „мајка на нацијата“, што ме потсетува на националистичките кич изблици на фонтаната од „Скопје 2014“ на Олимпија која го дои и гаи Александар. Имено, концептот на мајка е единствениот концепт за жената кој е почитуван во едно назадно патријархално општество: таа негува, расте, ги брани своите чеда, и секако, безгрешна е. Таа е дополнителна функција; таа сама по себе нема моќ: таа служи за расплод. Понатаму, Силјановска го врзува женскиот род со национализмот: Македонија била именка од женски род (ако е така, и Грција и Албанија се), не ѝ требало придавка… тоа притоа го зборува жена која има две презимиња: значи, уште една додадена придавка која го одредува нејзиниот идентитет. И на крај, наместо да им даде моќ на жените, да ги охрабри да се огледаат во неа како лидерка и да им даде моќ за давање одлуки, таа им се обраќа на мажите нарекувајќи ги „прекрасни македонски мажи“.

Покрај сè, има една позитивна работа во кандидатурата на Силјановска, а тоа е самиот факт што е жена (без разлика што застапува назадни патријархални вредности). И не само жена туку повозрасна жена – која мора да се носи со сите предрасуди со кои се соочува токму поради нејзините род и возраст. Гледам, на пример, како политичар пет години постар од неа постојано ја исмева врз база на нејзината возраст играјќи со стиховите „нешто да те питам бабо“ – сведувајќи ја кандидатурата на Силјановска не на нејзините вредности, кои можат да бидат многу опасни за државата, туку површно, на изгледот и возраста на кандидатката, небаре самиот тој, патем, е младич по кого сите копнеат. И така, сакајќи или не, дискусиите кои испливаа во текот на нејзината кандидатура покажа колку свеста ни е сè уште ниска, во колку тажно шовинистичко општество сè уште живееме.