Зелен Хуман Град против „рудникот на смртта“ во Крива Паланка
Зелен Хуман Град покрена кампања против отворањето на рудник за антимон во Крива Паланка нарекувајќи го прокетот „рудници на смртта“.
-Зошто рудниците се многу опасни и не смееме да дозволиме да се отвараат нови?Во мај 2014, за време на големите поплави во Србија пукнала браната за јаловина на рудникот за антимон (Sb) „Столице“. Се ослободила огромна количина токсична јаловина, околу 100.000 м3 и се поплавиле десетици хектари земјиште. Имало загадување на околу 27 километри од речното корито на Костајничка и Коренита Река.
Студиите во Србија покажувале огромно загадување на почвите и водите со арсен, антимон олово цинк и кадмиум. Многу загрижувачки е што јаловиштето на рудникот Столице било затворено (неактивно) и се сметало за „стабилно“. Јаловиштата во стариот рудник за антимон Крстов Дол во Македонија не се сметаат за безбедни, напротив и по 50 години неактивност, интензивно ги загадуваат почвата и водата во околината на Крива Паланка.
Кога се ископува антимон заедно со други тешки метали завршува во реките и подземните води. Киселинскиот, рударски отпад може да загадува со години – дури и кога рудникот ќе се затвори, како што и сега е случај кај нас. Антимонот се таложи во земјата од каде што влегува во растенијата и на крај завршува во храната што ја јадеме.
Бројните заболувања што може да ги имаат луѓето од несанираниот рудник за антимон во Македонија ги опишавме во претходна објава. Македонија е мала земја и не може да си дозволи нови јаловишта или депонии со токсичен отпад како што се огромниот број на темпирани бомби: запуштени рудници и депониите со токсичен отпад на Југохром, Охис итн.
Рудникот Крстов Дол се наоѓа на два километри воздушна линија од селото Луке и 14 километри воздушна линија од Крива Паланка. Луке патем, нема амбуланта, а најблискиот здравствен дом во Крива Паланка им е оддалечен околу 30 километри, што за тамошните жители кои се најмногу загрозени од рудникот претставува дополнителна потешкотија.
Ископувањето антимон не значи развој, туку загадување и ризик што трае со децении за да може поединци да се богатат на сметка на здравјето на Македонците. Кај нас е воспоставена пракса некој да отвори рудник или загадувачка индустрија, да експлоатира колку може повеќе со миниум стандарди за поголем профит и на крај да прогласи стечај и да го остави несаниран рудникот / депонијата да ја уништува животната средина и здравјето на луѓето со децении!
Да не дозволиме краткорочен профит на властите да ни ги уништи водата, почвата и здравјето на нас и на идните генерации. Само од рак во Македонија умирааат околу 4.000 луѓе годишно! Да инвестираме во решенија што не ја уништуваат средината – затоа што општество што си ја труе природата, си ја труе и иднината.
Ги повикуваме жителите на Крива Паланка да се организираме и приклучиме на борбата против рудниците на смртта, заедно со струмичани, гевгеличани и прилепчани, кои веќе со години успешно ја бранат природата од канџите на криминалци и експлоататори, стои во објавата на Зелен Хуман Град.