Завршни зборови во процесот на поранешната директорка на Средношколскиот дом во Битола
БИТОЛА – Денес во Основниот суд Битола заврши судењето на екс-директорката на Средношколскиот дом во Битола, Елена Спасеновска. Овој процес беше поттикнат од истражувачките стории на новинарката од Битола, Анета Блажевска.
Судскиот процес се однесуваше на неколку кривични дела за Злоупотреба на службата, злоупотреба на Законот за трансформација во редовен работен однос, Фалсификување исправа и др. Делата за кои и се судеше на Спасеновска предвидуваат максимална казна затвор до три години.
„Од сите изведени докази неспорно произлезе дека обвинетата ги сторила кривичните дела кои ѝ се ставаат на товар. Особено е значајно што обвинетата во текот на постапката во суштина не ги негира дејствијата опишани во обвинението. Таа не негира дека биле склучени договорите, дека биле вршени исплатите, дека биле донесувани одлуките и дека била поништувана документацијата. Напротив, во целата постапка се настојуваше да се изнајдат оправдувања за ваквите постапки и да се префрли одговорноста врз други лица и органи, пред сѐ врз Управниот одбор на ученичкиот дом ДУД ‘Мирка Гинова’ Битола. Ваквата одбрана е во целост неоснована“, рече во завршните зборови обвинителката Ирена Атанасовска од ОЈО Битола.
Обвинителката наведе дека според статутот на Државниот ученички дом „Мирка Гинова“ Битола од 2019 година, јасно и недвосмислено произлегува дека директорот (Елена Спасеновска) е раководен орган на домот и е одговорен за законитоста на материјално–финансиското работење на домот. Надлежностите на Управниот одбор не подразбираат овластувања за одобрување на службени патувања, исплата на трошоци на лица кои не се вработени, користење службени поволности од трети лица, продолжување на користење на службен мобилен телефон на пензионирано лице или склучување на договори на дело предмет на оваа постапка.
Дури и кога постојат одлуки на Управниот одбор тие не можат да ја исклучат одговорноста на обвинетата, бидејќи биле донесени по нејзина иницијатива и за прашања за кои Управниот одбор воопшто немал законска или статутарна надлежност. За работникот Менде Петровски од доказите неспорно произлегува дека обвинетата свесно не донела решение за користење годишен одмор со што му овозможила исплата на надоместок за неискористен годишен одмор. Од листингот на преминување на државната граница и евиденцијата на работа, јасно произлегува дека Петровски бил отсутен од работа вкупно 11 дена, а за тој период примал плата“, рече обвинителката Атанасовска.
На пензионерот Менде Петровски, обвинетата Спасеновска и по пензионирањето продолжила да му исплаќа трошоци за службени патувања, дневници и стручни усовршувања, продолжил да користи службен мобилен телефон и претплата на товар на установата иако повеќе не бил вработен. Петровски со службениот телефон комуницирал во странство, на патувањата во странство биле утврдени бројни неоправдани трошоци што ги плаќала установата. Од приложените сметки јасно се утврдува дека Спасеновска трошела државни пари на храна и купување облека во продавници на „Њујоркер“.
„Ваквите трошоци не претставуваат службени трошоци, туку лична потрошувачка која била платена со средства наменети за функционирање на ученичкиот дом“, рече обвинителката Атанасовска и додаде дека обвинетата не спровела јавна набавка за сметководствени услуги, биле сторнирани фактури, а исплатите продолжиле преку договори на дело со управителот на сметководството „Сејф акаунт“ Битола, ама како физичко лице. Обвинителката рече дека крвичната одговорност е што договор за дело се склучува со физичко а не со правно лице. Понатаму обвинетата ангажирала повеќе од три лица за вршење физичка или интелектуална работа, ангажманот траел подолго од 24 месеци и за тоа немала согласност од Министерство за финансии.
За служебените патни налози обвинителата кажа дека има докази дека –„ била преправена третата страница од записникот на Управниот одбор од јуни 2023 година и заменета со нова страница со изменета содржина во делот на служените патувања“.
По ова, обвинителката Атанасовска рече: „Му предлагаме на судот обвинетата да ја огласи за виновна и по правилна оцена на сите олеснителни и отежнителни околности да и изрече соодветна кривична санкција, која ќе одговара на тежината на сторените кривични дела и на степенот на нејзината кривична одговорност“, заврши во излагањето обвинителката.
Адвокатот Здравко Камбовски ангажиран од Средношколскиот дом во Битола, во целост се приклучи кон завршните зборови на обвинителството, па побара и надомест на штетата на домот што ја предизвикала обвинетата Спасеновска.
„Му предлагам на судот да донесе одлука со која ќе ја прогласи за виновна и ќе ја задолжи обвинетата да ја надомести материјалната штета во износ од 1.430.865 данари што е утврдено со вештите наоди“, рече бранителот на Средношколскиот дом Камбовски.
Адвокатите на обвинетата во завршните зборови кажаа дека ОЈО Битола не докажало дека Елена Спасеновска е сторител на кривичните дела за кои се товари.
Тие го нападнаа и известувањето на новинарката Блажевска велејчи: „Напротив, остана нивната неоснованост и апсурдност, базирано врз паушални, тенденциозни написи од т.н новинар во според нас ‘жолт печат’ што за жал ОЈО ги зеде така сериозно предвид. Ова е еклатантен пример од самодекларирани т.н истражувачки новинари се подигнуваат обвиненија“, рекоа бранителите на обвинетата.
Во февруари година Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ѝ ја додели годишната награда за известување на дописниците на дописничката на „Независен“ од Битола, Анета Блажевска. Признанието на Блажевска е за текстовите во кои се обработуваше темата за злупотребата на функцијата поранешната директорка на средношколскиот дом во Битола. Овие текстови што ЗНМ г награди адвокатите на обвинетата Спасеновска г ги нарекуваат „тенденциозни написи“.
Одлуката на кривичниот судија Елена Журовска се очекува следниот месец.