Заробена или парализирана


НИКОЛА ПОПОВСКИ

Дали имате впечаток дека најголем дел од клучните личности на власта, особено оние од извршната, секојдневно и упорно се појавуваат во улога на едни од клучните говорници на разни конференции во земјава и странство организирани од разни здруженија, комори, асоцијации, НВО, агенции и слични организации на кои се троши многу време и енергија, а ништо посебно не се прави? Ако го имате тој впечаток, не двоумете се дали сте во прво. Тоа е точно.

Деновиве, во една своја јавна изјава, професорот Мојаноски го искажа своето мислење дека нашава држава од „заробена“ се претворила во „парализирана“ со неефикасни институции што испорачуваат непроменети услови за живеење во земјава. Мислам дека ова е една од најточните дефиниции што се дадени во последно време со цел да се опише реалноста во земјава. Парализирана е од огромната празнина во можностите да се испорачаат, ако не резултати, барем цврста и посветена волја за неопходните вистински промени.

На еден или на друг начин најголем дел од граѓаните веќе го знаат тоа, а еден дел од нив магловито го насетуваат, но веројатно никој од нив веќе нема некои посебни илузии за состојбите и за иднината. Тие двете се прилично разголени. Последната порака дека илузиите за состојбите и за иднината се разголени беше испратена на претседателските избори и тоа во двата круга. Изборите, како по обичај, резултираа со избор на претседател што во оваа констелација на партиите и кандидатите беше единствено можен и тоа во буквална смисла. Опозицијата тоа требаше да го знае многу порано, а се чини дека сепак не го знаеше. Но, покрај реализираниот избор на претседател, резултатите покажаа уште нешто многу поважно, а тоа е дека граѓаните искрено и немаат некакви посебни очекувања, единствено се борат состојбата да не се влоши уште повеќе. Поголем дел од нив, на пример, веројатно повеќе сакаа и сакаат да ја видат „метлата“ што следува, одошто самиот избор на претседателот. Но, тука почна да се наѕира нешто многу симптоматично. Имено, наспроти желбата да се појави поголема сериозност, професионалност и многу очекуваниот капацитет кај изборот на лицата што се носители на највисоките јавни функции, првите постизборни именувања ја покажуваат сосема спротивната тенденција.

Како да ни е малку од сè што до сега видовме. Како да не е доволно поучно како непријатно може да изгледа еден состав на Собранието или Владата со лица што заталкале или предвремено во својот живот се вселиле во нив. Како да не сме веќе доволно сити од сè поголемите скандализирања што ги следат сите институции (според проф. Мојаноски „парализирани“) и нивната бескрајна празнотија, негрижа, нестручност и површност, придружени со многу ниски страсти во политиката какви што се себичноста, непотизмот и според многумина сè уште високата корупција. Така понатаму не се може.

Таквата репродуцирачка состојба преземена и софистицирано, иако сè уште провидно надградувана од едни претходни времиња, е дегутантна и на неа треба што побрзо, ако не и веднаш да ѝ се стави крај. Ако тоа е воопшто можно. Нејзиното продолжување под разни форми, фирми и изговори нема да направи ништо освен што ќе ги врати на сила протагонистите на „заробената“ држава. Ова, меѓу другото беше втората важна порака што ја испратија гласачите на претседателските избори и што како ехо ќе одѕвонува сè до наредните државни избори на есен идната година. Таа порака преведена на едноставен политички јазик значи дека за секој непотистички вработен син, зет или татко ќе се добие по еден пратеник помалку. За секој корупциски денар, за што мислат дека никој не го гледа, ќе се добијат по два пратеника помалку, за секое неостварено ветување ќе се добијат по три пратеници помалку итн.

Посебниот вид на „парализираност“ како отровен боев гас ќе продолжи да се шири и да произлегува од секој неочекуван и непромислен потег на власта. Да појасниме: секоја промена на политика или секоја мерка што се презема и предлага, а не е нешто што може да го преживее тестот на времето како одржлива барем во наредните 5 години или, пак, да го преживее ситото на евентуален почеток на преговори за пристапување кон ЕУ (кога веќе и понатаму упорно и тврдоглаво се инсистира на тоа дека летово ни претстои препорака и почеток на преговори за придружување кон ЕУ) не треба воопшто ни да се презема. Да го илустрираме ова во продолжение со два примери.

Прво, Владата најавува дека набрзо ќе почне проектот за поврат на 15 отсто од наплатениот ДДВ на граѓаните од секоја поединечна фискална сметка што тие регуларно ќе ја платат. Замислата на проектот е од доменот на малку романтичната фискална политика и датира од лесно изречена таква идеја на еден тогашен пратеник во Собранието на Македонија во 2005 година кој сега има можност таа да ја реализира. Дали оваа мерка може да е одржлива во идните три, пет, осум, 10 години? Веројатно ни првите три години. Дали таа ќе го помине ситото во евентуалните пристапни преговори со ЕУ? Веројатно не и ќе се бара нејзино укинување. Дали ефектите ќе се буџетски значајни? Веројатно не. Веројатно и затоа таа не треба воопшто ни да се промовира. Ова нека се сфати и како сугестија, а доколку властите сметаат дека даночната евазија кај ДДВ е висока треба да преземат некои други мерки, вклучувајќи ги и оние класичните, како на пример зајакнување на контролите од страна на надлежната управа и/или нека се преиспита дали некои решенија во законот произведуваат можности за евазија. Даночната стапка од 18 отсто дефинитивно не е проблем бидејќи е умерена, а постојат и многубројни исклучоци со повластена даночна стапка од пет отсто. Но да ги претворите граѓаните во мини-инспектори можеби е малку неумесно.

Второ, пред неколку дена министерот за јавна администрација, веројатно како законски надлежен за даночниот систем на земјава, јавно најави дека Владата набрзо официјално ќе го претстави решението со кое компаниите од ИКТ-дејноста ќе плаќаат повластена стапка на данок на добивка од само три отсто со цел да се поттикне растот на оваа дејност и вработеноста во неа. Таквите мерки што имаат директна алокациска функција на пазарот и се од доменот на селективната даночна политика се одамна напуштени бидејќи многу сериозно ги нарушуваат функциите на пазарниот механизам кај добрата и услугите што се типично приватни добра (односно не се ни јавни, ни мешовити добра). Дали ако тие се воведат ќе бидат продуктивни за економијата на среден и долг рок? Сигурно не. Тие, де факто, се еквивалент на директно владино субвенционирање на ИКТ-дејноста со 7 отсто од износот на нивната неоданочена добивка. Дали тоа е во ред за другите дејности? Сигурно не. Дали тоа ќе го помине филтерот при евентуалните пристапни преговори со ЕУ во поглавјето за даночниот систем и политика? Веројатно не. Таа мерка е паушална и едноставно нема перспектива. Затоа таа не треба ниту да се промовира.

Конечно, многу попотребно е да се смени логиката и политиката на паушални краткорочно ориентирани, да не кажеме дезориентирани политики од времето на „заробената“ држава и да се промовира нешто сосема поинакво, отколку таа логика да се продолжи во форма на „парализирана“ држава со неефикасни институции што испорачуваат непроменети услови за живеење во земјава.