За поважните работи од претседателските избори


ЗДРАВКО САВЕСКИ

Во моментот на пишување на оваа колумна не се знаеја резултатите од првиот круг на претседателските избори. Но тоа не е главната причина зошто во оваа пригода нема да се занимавам со нив. Главната причина е што се ближи Први мај и што не смее да се дозволи претседателските им избори да ја засенат нашата борба за социјална правда и за повисок животен стандард на големото мнозинство од граѓаните.

Многумина ќе се зачудат – како може Први мај да биде поважен од прашањето кој ќе ни биде претседател на државата? А, фактички, она што е за чудење е како луѓето кои немаат средства за пристојна егзистенција, на кои им ги газат правата и достоинството, на кои не им го плаќаат трудот онолку колку што може и колку што треба, повеќе ги интересираат претседателските избори отколку подобрувањето на состојбата во која се наоѓаат. Претседателот на државата нема никакви надлежности околу економската и социјалната политика. Кој ќе биде претседател им е важно на врхушките на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, важно им е и на нивните партиски војници, но не сметам дека останатите граѓани треба нешто посебно да се заморуваат околу тоа Властољубивите и коруптивни врхушки на СДСМ-ДУИ-ДПМНЕ се разбира дека сакаат нивните приоритети да станат и ваши, но до вас е тоа да не им го дозволите. Тоа е најмалиот отпор што може да го пружите на нивната партократија.

Власта подготвува нов закон за работни односи, а тоа е целосно потиснато од јавниот дискурс. Тој може да отиде во три сосема различни насоки. Прво, со него можат да се озаконат нови намалувања на работничките права. Второ, тој може ништо суштински да не промени, а власта само да сака носењето на нов закон да го искористи за евтина пропаганда, да се фали дека, ете, донеле нов Закон за работни односи. И трето, може, со новиот закон да се вратат назад правата што ни беа ускратени овие 30 години. Што ќе испадне на крајот – и од нас зависи. Ако си молчиме и бидеме индиферентни околу тоа кои права ги имаме, а кои ги немаме, власта, во дослух со крупниот капитал, ќе ни ги скрати уште повеќе правата – за уште поголем профит на газдите. А ако извршиме притисок, можеби ќе успееме да издејствуваме подобрување на нашите права.

Власта не го објавува новиот закон за работни односи што го подготвува. Лишувајќи ја така пошироката јавност од можноста навремено да се информира што планира да преземе власта на овој план. А дека има простор за загриженост и за организирање на отпор е што во предлог-верзијата на законот која власта ја достави до синдикатите и невладините организации има намалувања на работничките права. Така, на пример, власта планира да ја укине забраната за ноќна работа на работничките во индустријата и градежништвото. Зошто власта го планира тоа? За да можат газдите уште повеќе да ја злоупотребуваат ноќната работа? И каде е тука наводната посветеност на унапредувањето на правата на жените? Или, тоа само важи кога се сликаат за 8 март? Ноќната работа е исцрпувачка за секој човек. Затоа мора да биде ограничена само на оние работни места каде природата на работите наложува работа ноќе. А не со закон да се овозможува ноќната работа од исклучок да станува правило.

А враќање на некое поважно право или воведување на ново право, има ли? Нема. На пример, на голем дел работници, особено на оние со пониски плати, им е многу важно што побрзо да ја добијат платата за веќе извршената работа. Сега, таа законски може да биде исплатена до 15. ден од следниот месец. На некои газдите и тоа им е малку па си дозволуваат и подоцна од тоа да ја исплаќаат. Иако за тоа следува глоба од 3.000 евра. И замислете ја таа ситуација. Вие веќе сте ја извршиле работата. А за таа работа законот вели дека можете сосема регуларно да бидете исплатени и по 15 дена. Без разлика што вам во тој период до 15 во следниот месец може да ви секнуваат парите, што можеби треба да се позајмувате од роднини, пријатели, да се „пишувате“ во маалското дуќанче. При веќе заработени пари од ваша страна! Па штом е така, зошто законски да не се утврди платата за веќе извршената работа да се исплаќа до петтиот, а не до петнаесеттиот ден во следниот месец? Зашто тоа нема да им се допадне на газдите, па, поради тоа, без притисок на работниците, власта тоа нема да го промени.

Периодот сме и сведоци на крајно ноншалантниот однос на власта кон социјално загрозените лица. Никако да им ја зголемат социјалната помош! Иако тоа им го ветија! Иако веќе предвидоа буџетски средства за тоа! Семејствата од четири члена кои дневно на располагање имаат по 200 денари за сите четворица, или самците кои треба да го поминат денот со 96 денари – уште од јануари го чекаат најавеното зголемување на социјалната помош. Но, нешто се инаетат меѓусебно СДСМ и ДУИ, па социјалците најрано со мајската исплата ќе го добијат толку очекуваното зголемување.

И замислете ја таа ситуација. За сè што е од нивни интерес, СДСМ и ДУИ знаат да се договорат. Но, за ова со месеци не успеваат да се договорат. Зашто толку им е гајле! Без притисок, социјалците нема и при мајската исплата да го дочекаат зголемувањето на социјалната помош. Можеле и досега денот да го поминуваат со 100 до 200 денари? Па белки можат да се стрпат уште некој месец. Додека СДСМ и ДУИ не ги завршат поважните работи – за нив. А внимавајте и на овој момент. Во буџетот за оваа година се предвидени дополнителни 35 милиони евра за зголемување на социјалните трошоци. И бидејќи социјалната помош веќе третина од годината остана иста, на крајот од годината ќе има вишок во буџетот по однос на оваа ставка од минимум третина од износот – незанемарливи 11,7 милиони евра. Каде ќе завршат тие пари? За што ќе бидат „пренаменети“? Министерството за труд и социјална политика, непритиснато од никого, си молчи околу ова прашање.

Уште едно прашање е особено поважно од претседателските избори. Пред неколку денови почина Тоше Илиевски. Уште еден млад живот згасна зашто не можеше да си го плати лекувањето. А ваквите случаи сè повеќе ќе ги има во иднина. За да не биде така, ако не сакаме да гледаме како на наши познајници, пријатели, блиски им се случува ова, мора да се организираме и да се спротивставиме!

Власта, очигледно во дослух со газдите на приватните здравствени установи, најави уште еден удар врз јавното здравство. Тој удар, кој го рекламираат преку симпатичниот израз „јавно-приватно партнерство“, може да го дотолчи јавното здравство. Поевтино ќе било, наместо да вложуваат во јавното здравство, да им плаќаат на приватните здравствени установи за лекувањето на граѓаните.

Тоа не е ништо друго освен изговор за да вложуваат сè помалку средства во јавното здравство! А целта не е граѓаните да добијат поквалитетна здравствена услуга. Целта е јавните пари да се пренасочат во џебовите на газдите на приватните здравствени установи. Целта е уште повеќе да се ослабне јавното здравство за тоа уште помалку да биде во можност да му конкурира на приватното. А граѓаните, како секогаш, ќе бидат жртви. Кој има пари, ќе се лечи. Кој нема, нека подига кредит, нека собира донации или – нека си умре! Веќе гледаме дека е така. Откако преку ваквите мерки целосно ќе го упропастат јавното здравство, тоа нема да биде исклучок, туку правило!

Затоа мора цврсто да застанеме во одбрана на јавното здравство! Повеќе вложување во јавното здравство, а не помалку, господине Филипче! За да не ни се случуваат Тамара, Тоше и десетиците други животи кои згаснаа без јавноста ниту да дознае за нив. Профитите остварени на сметка на здравјето, на животот на луѓето се крвави профити!