За еднаквоста


ПЕТАР АРСОВСКИ

ВМРО-ДПМНЕ во соопштение, алудирајќи на фактот дека не би имале којзнае колку против доколку му се одземе мандатот на Груевски, доста помпезно ни го објави својот заклучок дека законот бил еднаков за сите. Малку иронично звучи таа мантра, сè додека токму Груевски останува почесен претседател на партијата, особено ако се има предвид дека жестината со која опозицијата го нападна Павле Богоевски не е баш еднаква со жестината со која истите принципи би ги примениле и во сопствените редови.

Сепак, се гледа еден обид за дистанцирање од Груевски, што секако е чекор во вистински правец за ВМРО-ДПМНЕ. Тој, како политичка стратегија и најава за ребрендирање, е опортун потег, само мора ли баш да поминува со толкаво „триење“ за принципиелноста и чесноста.  Ок дечки, во ред е, ако може да се спасиме од фанфарите. Еднаквоста за која зборувате, прилично вештачки, притоа, не може да биде замена за здрав разум – вие не се однесувате кон сите баш еднакво, ниту е возможно за сè да се направи сега „урамниловка“.

СДСМ, исто така, викендов ни покажа слична лекција во еднаквоста – дека некои се, сепак, поеднакви од другите. Иако во духот на партиска „координација“ поминаа коренитите промени во владејачката партија, тој пацифизам, според мене, е транзиторен и Заев треба да очекува дополнителен отпор. Главните дилеми во овој проект на премиерот се дали навистина ситуацијата за власта е толку драматична за ваков потег да биде навистина неопходен, односно можеше ли истиот ефект да го постигне со помалку смени, па со тоа и со пониска политичка цена. Втората дилема е дали острината со која ги смени партиските кадри ќе се преточи во нов систем на работа, каде што испораката ќе биде поважна од подобноста и се разбира, дали конечно овие промени ќе се преточат во посериозна владина реформа, во СДСМ, но и во целата коалиција.

Во право се оние што велат дека вистинското мерило за тоа колку е Заев сериозен во промените ќе бидат владините, а не партиските смени, од две причини: прво, партијата е полесниот дел од проектот за промени, каде што тој е единствен и суверен „владетел“, додека владините промени се бескрајно потешки, бараат посериозни преговори и вклучуваат политички калкулации и коалициски комбинаторики. Второ, промените во Владата (сосе вториот и третиот ешалон) повеќе влијаат на животот на гласачите, па со тоа претставуваат и поважен дел од вкупната равенка.

Зошто на Заев му беше потребен ваков, доста радикален, потег?  Со текот на овој мандат, делумно поради предрасудите кон СДСМ, делумно поради високите очекувања дека по решавањето на проблемот со името, ќе бидеме инстант „телепортирани“ во иднината каде што Македонија е средено и напредно општество, се појави сериозна дискрепанција помеѓу општествената реалност и замислите на електоратот, која стана изразена до таа мера што беше возможно гласачите да се откажат од проектот за реформи, не без јасно образложение, туку од нетрпеливост, инает и незадоволство. Цената која нашето општество ја плати за евроатлантските интеграции е висока и електоратот со право очекуваше и висока и брза награда.  Недостатокот на истата брза гратификација направи електоратот да биде исклучително фрустриран, општо незадоволен (не од правецот, туку од брзината) од развојот на состојбите. Тоа се закануваше да се преточи во општа апатија и стереотипна перцепција за Заев, по која никаков потег немаше да може да го „ресетира“. Така, нужен беше проект со т.н. висока когнитивна дисонанца, нешто што истовремено ќе покаже дека премиерот е сериозен во намерата за промени и ќе му обезбеди ново внимание и нова шанса за впечаток кај јавноста.  Овој потег во партијата сега му создава на Заев нов политички капитал, па така, промените кои следуваат во Владата ќе имаат и поголем ефект.

Дополнително, и не помалку важно, овие потези го инсталираат и сознанието дека Заев не е баш секогаш целосно зен, како што оддава впечаток „на прва“. Очигледно, потценувањето на Заев неговите противници го прават на сопствен ризик. Овој, за волја на вистината, по малку авторитарен потег, сега на Заев ќе му овозможи и малку повеќе дисциплина кај оние што ќе останат и кај новите што ќе дојдат. Сега притисокот ќе се префрли на „Илинденска“, каде што, ако направиме аналогија од „Бихаќска“, никој не е безбеден. Лично мислам дека за Заев сепак е најдобар целосен ресет во Владата исто како во партијата, барем како симболичен гест. Но тоа сепак, условно речено, е партиска одлука.

На крајот, овој потег има и дополнителни бенефити кои мислам дека ќе бидат здрави за македонскиот политички амбиент. Потегот на Заев, со чистката во партијата, сега ќе биде репер и за другите партии. За ДУИ, која е дел од владината коалиција, ова ќе биде дополнителен притисок за промени и ќе им оневозможи пораката од електоратот (која за нив е уште повалидна одошто за СДСМ) да ја игнорираат, особено сега кога СДСМ „повлече нога“. За ВМРО-ДПМНЕ ова исто така ќе биде поттик за реформи и ребрендирање (се надевам дека ставот за Груевски е индикација токму за тоа), зашто без витална опозиција и најдобрата власта станува арогантна и корумпирана. Така, опозицијата сега може да се охрабри и да ги направи неопходните свртувања кон новиот геополитички наратив за Балканот, што би ги освежило и во идеологијата и во кадровскиот потенцијал. Христијан Мицкоски сега може да го следи примерот на Заев и да направи посериозно проветрување во партијата, ако сака да има конкурентен политички производ. Ако опозицијата сепак одучи да не менува ништо, туку да се вкопа во старите ровови оставени од Груевски, таму и ќе остане.