Во меѓувреме


ПЕТАР АРСОВСКИ

Имам впечаток дека целиот живот ни помина во меѓувреме. Можеби е тоа проклетството на мојата генерација, можеби траен ендемски феномен за ова поднебје. Додека сме ние заглавени со тоа каква боја салфетки нè служи стјуардесата, авионов прави вртење од 180 степени. Така, фокусирани на ситното меѓупартиско „мрчење“, мислам дека ја пропуштаме големата промена која се случува околу нас. Неделава имаме неколку интересни појави, кои како да се спојуваат во еден вкупен впечаток, а тој е дека формалниот пробив кон нормалноста сè уште е транзиторен, привиден, сè додека ние внатре не смогнеме сили да го направиме траен.

Ме потсети еден соговорник во последната дебата: после секоја голема општествена промена, која ја тангира самата „есенција“ на нашата вкупна државна стратегија и правецот во кој се движиме, се појавува еден вид „рефлукс“, ретроградна сила, особено во периодот пред таа промена да стане општо прифатена и трајна. Тоа кај нас е карактеристика на опонентите кои се противеа на евроатлантскиот пробив на земјата, кои сега се надеваат дека сè уште имаат време да ја расипат забавата, односно да ја спречат трасата по која се движиме. За нас тој период ќе трае до конечната ратификација на НАТО-протоколите и почетокот на преговори со ЕУ, кои ќе ги развеат ваквите ретроградни надежи и ќе го направат прозападниот правец неповратен. После тоа, ниту една сериозна политичка сила нема да се „занесува“ со илузиите за квази патриотизам како замена за напредок, туку западната ориентација ќе стане „мејнстрим“, општоприфатена реалност. Но меѓупериодот е критичен: во него популистичко-националистичките илузии сè уште се силни, а промената сè уште не „фатила корен“. Истовремено, пред преговорите со ЕУ, цената за Преспанскиот договор уште е висока и жива во меморијата на граѓаните, а бенефитите се уште апстрактни и несигурни.

За опозицијата би било идеално кога следните парламентарни избори би се случиле во тој период, а за власта би било идеално кога би се случиле после. Значи, за ВМРО-ДПМНЕ би било најдобро наредните избори да ги дочекаат без започнати преговори со ЕУ (имајќи предвид дека НАТО е веќе извесно), зашто така би можеле да тврдат дека сè уште има шанси процесот да се врати назад, а за СДСМ би било идеално кога следните избори би се одвивале на завршен терен, како членка на НАТО и со почнати преговори со ЕУ, зашто тоа би значело дека нивниот наратив трајно победил.

Вкупно, мислам дека тоа е игра со времето – трајната прозападна ориентација е неминовна. Дури и најтврдите изјави на опозицијата во кампањите ќе се претворат во прифаќање на реалноста ако тие некогаш дојдат на власт. Проблемот се лузните кои ваквите пораки ќе ги остават кај електоратот, кој мислам дека ќе остане поделен.

Помеѓу другото, посетата на Алексис Ципрас е добар тест за таа поделба. Тој дојде за да демонстрира (и за сопствени причини) дека приказната помеѓу него и Заев е успешна, дека проектот е траен и дека тој ќе донесе напредок во регионот. Тој исто така сака да го доминира овој наратив во обид сегашната опозиција (а најверојатно идната власт) во Грција да ја придвижи кон порадикални десни ставови, во обид да ја намали нивната предност или алтернативно да им го направи следниот мандат многу потежок. Тој, како и Заев, има стратегиска проценка дека без оглед на моменталниот „рефлукс“ и тука и во Грција, глобалното движење е неповратно, и дека туркајќи ја опозицијата во Грција и во Македонија кон радикализам, тие всушност им ја одземаат одржливоста на среден рок, правејќи десните партии да се фокусираат на гласачко тело кое со тек на време ќе го снемува, како што глобалната приказна сè повеќе ќе фаќа корен. Таа проценка е точна – национализмот кој доминира кај ВМРО-ДПМНЕ и кај Нова демократија на среден рок ќе ги направи неизбирливи маргиналци – под услов гамбитот со ЕУ да успее набрзо. Но, тоа е голем услов.

Во моментов Заев и Ципрас се тркаат со времето – дали побрзо тие ќе нè втурнат во преговори или побрзо ЕУ ќе стане многу поевроскептична. Имајќи предвид дека наредниот состав на Европарламентот, па со тоа и на Европската комисија ќе биде многу повнимателен со проширувањето, тоа е трчање зад последниот вагон кој забрзано го напушта перонот. Ако го пропуштиме тој вагон, тешко дека набрзо ќе имаме нова шанса за ваков пробив.

Тука се враќаме на основната стратегија на опозицијата тука, на која најмногу ѝ одговара следните избори да ги дочека во услови на несигурна иднина, сè уште незавршен ЕУ-проект и активна политичка криза. За нив постоеше и друга (за земјата подобра) алтернатива: да се ребрендираат во прозападни, тивко да ја прифатат промената, а својата кампања да ја базираат наместо на национализам, на економија и ветување за побрзи и поефикасни реформи. Тоа ќе беше вистински погодок и сериозен проблем за СДСМ, но ако го гледаме наративот на нивната кампања, по сè изгледа дека тие ќе се вратат во својата зона на комфор, односно дека ќе се консолидираат околу националниот романтизам наместо околу технократски напредок. Инаку како да ги толкуваме овие изјави за поништување на Преспанскиот договор, за укинување на Законот за јазиците, за ослободување на обвинетите за 27 април? Тоа е класичен пробив кон популизмот, обоен со романтични и ретроградни националистички излети.

Мислам дека тоа е поразот на сегашната стратегија – наместо Гордана Силјановска-Давкова да ја освежи платформата на ВМРО-ДПМНЕ и со тоа да направи пробив кон неопределените еврофили, партијата ја вовлече во нивните „црнила“ – и со тоа трајно ѝ го запали мостот кон најголемиот дел од гласачите во Македонија. Точно е дека „патриотите“ се консолидирани и енергизирани – но таа категорија е веќе загрозен вид, од која нема многу бенефит на долг рок.