Вмровско збогување со Никола без да го повредат

Експремиерот Никола Груевски, сепак, останува почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Најавите на лидерот на партијата, Христијан Мицкоски дека во новиот статут ќе нема место за титулата „почесен претседател“, всушност, нема да го чепнат денешниот азилант во Унгарија бидејќи ниту во сегашниот нема точка која предвидува дали некој ќе стане почесен претседател.
За тоа одлучува исклучиво највисокото партиско тело – Конгресот, кој му ја додели титулата на Груевски на последниот конгрес во Валандово во декември 2017 година кога Мицкоски стана лидер. Од тие причини, како што велат во ВМРО-ДПМНЕ, не постои можност да се отповикува одлуката на конгресот.
Од друга страна, Груевски, кој беше на чело на партијата во периодот од 2003 до 2017 година, и натаму ужива висок углед меѓу голем дел од членовите и симпатизерите на партијата, поради што и не му е лесно на раководството да се откаже од него или како што се бара – да се огради од политиките што ги водеше додека беше на чело на државата.
„Сигурно дека имаше и грешки, поради што и ја изгубивме власта, но секако против него се водеше хајка од актуелната власт, која со ништо не докажа дека Груевски е криминалец. Дури и тоа што го осудија – купувањето на ‘мерцедесот’ за потребите на МВР, е комедија од процес“, велат од членството.
Не е тајна дека Мицкоски победи во Валандово и поради протежирањето што го доби од тогаш најсилниот партиски двоец: Груевски – Мијалков, поради што другите кандидати за претседател на партијата беа исклучително лути, па дури и бараа да се одложи конгресот. Таа стигма дека партијата се управува од Будимпешта го мачи Мицкоски и денеска, иако тој упорно објаснува дека не контактира со Груевски.
„Со Груевски немам контакт откако Заев го пушти да побегне“, одговара Мицкоски на прашањата за неговиот претходник на највисоката партиска функција.
Играјќи на картата елегантно отфрлање на наследството на Груевски, а притоа внимавајќи на неговиот лик и дело, најголемата опозициска партија жонглираше и при гласањето во парламентот за одземање на пратеничкиот мандат на Груевски. Иако раководството даде зелено светло да се гласа „за“, опозициските пратеници не добија шанса на дело да ја спроведат одлуката, затоа што нивниот довчерашен лидер даде отказ од Будимпешта.
Кога е во прашање статутот на партијата, се очекува за кратко време општинските комитети да ги достават последните забелешки до централата во Скопје. Најдоцна до крајот на есента, ВМРО-ДПМНЕ би требало конечно да го усвои својот нов устав, со кој се прави чекор поблиску до идеологијата на модерните народни партии.


Најавен пред година и половина, новиот статут минуваше низ прочистување по забелешките дека ќе дојде до уште поголема централизација на партијата, преку пополнување на органите и телата најмногу со луѓе блиски на претседателот и најтесното раководство, како и дека содржи одредби што не водат кон демократизација, туку кон елиминација на секој со слободно искажан став.
По измените, предвидени се неколку новитети: ќе се воведе Собрание на Општински комитет, преку кое ќе се избираат кандидати за градоначалници и советници, секој партиски функционер ќе може да биде избиран два пати, а за трет мандат ќе мора да добие најмалку две третини од гласовите на конгресот. Исто така, се ограничува државната функција со членство во управни и надзорни одбори, но и ќе се санкционираат сите што јавно ќе истапуваат со спротивен став од договорениот во партијата. Внатрепартиската дебата ќе биде добредојдена, но штом биде донесен став во партијата, особено за покрупните работи, членовите се должни јавно да го почитуваат. Се воведува и партиски Суд на честа, кој ќе одлучува во втор степен по жалба на општинските комитети и Извршниот комитет за изрекување дисциплински мерки.
Од партијата потврдуваат дека главните решенија во статутот се препишани од „сестринските“ партии: Народната партија на Австрија на Себастијан Курц, германската ЦДУ на Ангела Меркел, француската Еn Marche на Емануел Макрон, Словенечката демократска партија на Јанез Јанша и хрватската ХДЗ.

Горан Адамовски