ВМРО-Народна го нарече „мегафон на власта“ новиот директор на МРТВ
Зачудени сме од лежерноста кон последното грубо кршење на законите при изборот на новиот директор на МРТВ, реагираат од ВМРО-Народна партија.
„Кога првиот човек на институција која се финансира од граѓаните се избира во затворени кругови и кога критериумот на пријателство со моќници од Власта претежнува над мериторниот систем, тогаш јавниот сервис престанува да биде сервис на јавноста и станува мегафон на Власта.
ВМРО-Народна партија смета дека процесот на избор не беше спроведен со доволна транспарентност и јасност во однос на критериумите за избор. Особено загрижува недостигот на детално образложение за донесената одлука, како и отсуството на јасни и мерливи критериуми врз основа на кои е направен изборот меѓу седумте кандидати. Дополнително, загрижува фактот што како пресуден елемент во изборот се наведува предлог-програмата за работа, која по својата природа претставува визија и концепт, а не реално проверлива изведба.
Јавниот радиодифузен сервис заслужува целосно транспарентни, професионални и објективни процеси, засновани на јасно дефинирани стандарди и вреднување на стручноста и искуството. Затоа ВМРО-Народна партија бара јавно објавување на биографиите на кандидатите, бодовната листа и програмите на сите кандидати за директор на МРТВ“, стои во соопштението на оваа партија.