ВМРО-ДПМНЕ во нова рунда напади против Абази и обвинителката Коларевиќ
По премиерот Мицкоски и потпретседателот на Собранието Милошоски им подели задачи на обвинителите што да работат
Штета немало од 167 милиони евра како што стоеше во кривичната пријава на ВМР за случајот со мазутот за ТЕЦ „Неготино“, туку се калапи политичка штета за ВМРО-ДПМНЕ затоа што три години тоа беше еден од главните адути на нивната кампања.
По жестоката кампања против Вилма Русковска, Љубомир Јовески, Љупчо Коцевски сега на ред да биде цел на жестоки напади е обвинителот Ислам Абази, шеф на ОЈО ГОКК, од каде што беше запрена истрагата за мазутот поради немање докази и непредизвикана штета.
Во оваа капнања по трет пат е вклучен функционер од врвот на партијата, потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски. Тој денес на прес-конференција рече дека Ислам Абази „веројатно има лична и политичка концесија кон Ахмети, Заев и Филипче, како ментори на неговата кариера“. И на листата за „виновни“ што пропадна случајот ја нареди и обвинителката Катерина Коларевиќ.
„И покрај тоа што стручни истражители од Министерството за внатрешни работи обезбедиле релевантни докази за оваа коруптивна и скапа набавка (од 167 милиони евра), сепак Ислам Абази и неговата соработничка Коларевиќ од ОЈО ГООК, одлучуваат оваа истрага да биде прекината“, рече Милошоски и го повика претседателот на Советот на јавни обвинители, да изврши надзор над работата на овие двајца обвинители.
Милошоски, како и премиерот Мицкоски подели задачи за обвинителите: тој побара од
Советот на јавните обвинители темелно да ги сослуша Абази и Коларевиќ и да биде истражена постапката како е прекинат случајот „Мазут“.
„Владеењето на правото нема да се зајакне со вакви контраверзни одлуки и прекинување на истрагите“, рече Милошоски. Но владеењето на правот не се зајакнува ни со беспоштедни напади врз обвинителите и јавното доделување задачи што да прават.
Контроверзноста и нелогичноста на овие напади е што самото ЕСМ не пријавило штета за време на истрагата и дека тоа било наведено во записник во обвинителството. Тоа го изјави обвинителката Коларевиќ во интервју за „360 степени“. И од ТЕЦ „Неготино“ изјавиле дека нема никаква штета, туку напротив, во електраната за време на енергетската криза се произведувала поевтина струја отколку што можела да се купи на пазарот.
Во изјава за „Фокус“ од обвинителството појаснија кој го потпишал исказот за непредизвикувањето штета.
„Со овластување од генералниот директор на АД ЕСМ од 4.3.2026 година помошник- директор за производство на електрична енергија од хидроелектрани и управување со производни капацитети и советник за комерцијални работи биле овластени како претставници на АД ЕСМ да дадат исказ како сведоци и претставници на оштетеното АД ЕСМ. Истиот ден, на 4.3.2026 година двајцата се сослушани и дале исказ во врска со кривично-правниот настан од аспект на нивната надлежност. Воедно, на прашање дали како резултат на трите склучени договори опфатени во постапката АД ЕСМ има претрпено каква и да било штета двајцата одговориле дека штета нема претрпено“, велат од Обвинителството.