Филипче бара од Мицкоски да се извини што ги лажел граѓаните за Преспанскиот договор
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција посочи дека претседателката Гордана Сиљановска Давкова со изјавата за Преспанскиот договор признала дека ВМРО со години ги лажела граѓаните за идентитетот и Преспанскиот договор.
„Гордана Силјановска изјавуваше дека никогаш нема да изговори Северна Македонија. Христијан Мицкоски велеше дека додека е тој во ВМРО, Преспанскиот договор не е завршена работа. И што сега се случи? Претседателката Гордана Сиљановска Давкова јавно изјави дека Преспанскиот договор го потврдува и зачувува македонскиот национален идентитет“, рече Филипче.
Тој додаде дека ВМРО со години преку манипулации и пропагандата преку своите медиуми ги лажеше граѓаните и побара премиерот Мицкоски да се извини за пропагандата што ја спроведуваше години наназад.
„Со многу силна пропаганда се сервираше секојдневно, преку целата медиумска и партиска машинерија. Орбановите медиуми, фармата на тролови увезена од сестринската СНС партија од Србија и преку платформата со ботови. Ништо не е продадено, ништо не е загрозено. Барам од Христијан Мицкоски да излезе и да се извини во свое име и во името на неговата партија. Кога умееше да клечи и да моли за да дојде до власт, може и сега да излезе и да се извини за лагите и за пропагандата што ја спроведуваше години наназад“, рече Филипче.
На прес-конференцијата, Филипче порача дека Преспанскиот договор не го загрозува македонскиот идентитет, туку напротив, го зајакнува.
„Во Преспанскиот договор нема ништо што го загрозува нашиот национален идентитет, напротив, го зајакнува. И ние во СДСМ сме горди на тоа, а денес треба да бидат горди сите наши граѓани кои досега беа лажени“, рече Филипче.
Тој појасни дека внесувањето на малцинствата во Уставот е услов поставен од Европската Унија, а не билатерално прашање со Бугарија, обвинувајќи дека ВМРО намерно создава конфликти, страв, ја лаже и манипулира јавноста.
„Внесувањето на малцинствата во Уставот, што е основен услов на Европската Унија, повторувам на Европската Унија, не на Бугарија, како што ВМРО таа сака да го прикаже, не е предавство“, рече Филипче.
Тој посочи дека внесувањето на бугарското малцинство во Уставот не претставува закана за македонскиот идентитет, туку напротив, дополнително го зацврстува.
„Никако не е ризик по нашиот идентитет, бидејќи на граѓаните веќе им е јасно дека бугарската теза од пред многу децении дека сме ист народ во две држави со ова паѓа во вода. Од тој момент, кога ќе бидат внесени Бугарите како малцинство во државата, тогаш се прави јасна дистинкција помеѓу македонскиот народ и бугарското малцинство. Се руши целата пропаганда дека нема посебен македонски народ. Со уставните измени го зајакнуваме, не го слабееме, никако не го ризикуваме нашиот национален идентитет. И тоа е успех на нашата дипломатија, на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија со поддршка на Европа“, потенцираше Филипче.