Придавката „македонски“ не може да се забрани, вели Сиљановска


Придавката „македонски“ не се забранува, ниту, пак, може да се забрани затоа што тоа е дел од самиот Преспански договор кој јасно го регулира користењето на терминот.

Ова денеска го изјави претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, одговарајќи на новинарски прашања во однос на усната нота што му беше упатена на амбасадорот на Бугарија во земјава, Желјазко Радуков, откако шефицата на бугарската дипломатија Велислава Петрова-Чамова го употреби терминот „северномакедонски“.

Според претседателката, потегот на македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија е во ред затоа што, како што вели, терминот „северномакедонски“ се врзува за државните институции и ентитетите кои се финансираат од државата, но не и кога се зборува за македонски јазик, народ и култура.

„Кога се чита Преспанскиот договор, а тие (Бугарија) се водат од Преспанскиот договор, се разбира таму името ‘северномакедонски’ се врзува за државните институции, за ентитетите што се финансираат од државата. „Македонски“ си останува кога зборуваме за македонски народ, македонски идентитет, си останува и за граѓанин, што значи дека треба да се следи оваа линија, затоа што за нас понекогаш ваквата употреба е погрешна. Не се забранува, ниту, пак, може да се забрани употребата на придавката македонски, впрочем тоа е е дел и од самиот (Преспански) договор“,рече Сиљановска-Давкова во изјава за медиумите по отворањето на Народната канцеларија на претседателот на државата во Скопје.

Прашана, во тој контекст, зошто го променила својот став кон Преспанскиот договор, во смисла дека посочува одредби од него кои се позитивни за нас, претседателката одговори дека воопшти не го променила ставот, туку дека сака да им укаже на оние што го потпишале да ја земат предвид неговата реалност кога настапуваат пред институциите во Европската Унија.

„Кога реков реалност (на договорот), мислам на следново: (во него) има значи грчка страна или првата страна, таа со двете имиња и втора страна, таа безимената страна кои го склучија договорот. Не го склучив јас, не го потпишав јас, ги имаме потписниците… Како кога тие отидоа таму (во Брисел) со Преговарачката рамка и заклучоците не укажаа дека таму има некој член 7 во кој се вели дека оваа вторава страна, Македонија, значи терминот, поимот значи територија, ама и народ со сопствена култура јазик и историја. Тие требало да се повикаат на тоа. Значи кога велам јас реалност, обврзани да повикуваат на реалноста се потписниците на договорот. Но, се разбира тие таму биле восхитени или возбудени од појавата на европските функционери, тие пак си мислеле дека bona fide се одвивала постапката и така тоа што не семеело да стане дел на Преговарачката рамка и на заклучоците, станало дел. Не можело да стане дел ниту според нашето национално право, ниту според Преспанскиот нивен договор, ниту според Европското право. Јас не сум го променила ставовите, туку ги потсетувам тие што го потпишале на неговата реалност“, вели Сиљановска-Давкова.

Во однос на нејзините очекувања од новата бугарска влада, предводена од доскорешниот претседател, а сега премиерот Румен Радев, во врска со спорот со Македонија, Сиљановска-Давкова рече дека од сите политичари очекува конструктивност и оти верува дека во регионот треба да се гради политика заснована на докази и на добра волја. Сепак, претседателката вели оти не може да каже како ќе се однесуваат, но вели дека и со Радев и со сегашната бугарската претседателка Илијана Јотова имала пријатни, пристојни, неформални разговори.

„Можеби така сè почнува, особено ние жените знаеме да создаваме атмосфера, секој дијалог, па и оној за којшто зборувате, со изразито изразена добра волја и намера, со повик на добрососедство, не заради нас ефемерните билки, туку заради бугарскиот народ и македонскиот народ, заради граѓаните во Бугарија и заради нашите граѓани, оти судбина ни била да живееме заедно. Не можеме ние да очекуваме во Европската Унија да бидеме разбрани ако сами не се почитуваме и ако сами не се разбираме. И мислам дека во сите можни асоцијации, во сите можни средби, меѓународни или било каде, можете да ги прашате претседателите на сите соседи јас секогаш повикувам на интегрирање на целиот т.н. Западен Балкан, бидејќи тоа е нашето решение. Очекувам, еве, би сакалa како во 2004 г. еден голем исчекор во поглед на Западниот Балкан“, изјави претседателката на државата.