СДСМ бара оставка од Савески, ВМРО-ДПМНЕ од Абази


Иако новиот државен јавен обвинител, Ненад Савески, дојде како некој што ќе го спасува владеењето на правото во државата и ќе донесе правда по „озлогласеното“ СЈО и Љупчо Коцевски, овие два дена се случува вистинска политичка хаварија околу неговиот статус и  улога. Откако премиерот јавно се пофали дека му се јавил на телефон да го праша за случај што не го води тој,  туку Ислам Абази од ОЈО ГОКК, и откако тој се правдаше дека не можел да не му крене слушалка, повторно се отвори прашањето за неговата независност. Денес СДСМ повторно побара Савески да си поднесе оставка, бидејќи според нив премиерот и државниот обвинител се договараат по телефон за предмети и за тек на истрага,при што Мицкоски нарачува, а Савески испорачува.

„Слушнавме како Мицкоски дели задачи од собраниска говорница, со неговите чувства. Слушнавме како елиминира независни обвинители од постапка на телевизија, а сега и по телефон дека дели задачи.  Ете, така изгледа партизираното судство и обвинителство во Македонија. Така изгледаат „реформите“ на Мицкоски и организирана криминална група ВМРО.Затоа 160 дена нема одговор, нема никаква реакција од обвинителството за криминалните тендери кои јавно ги објави антикорупцискиот тим на СДСМ“, реагираа денес од  СДСМ. 
 
Да не стануваше збор за обвинител кој откако дојде единствено што направи е да и ги земе предметите на Ленче Ристоска, и кој во неколку прилики седеше до премиерот и тоа го гледаше јавноста, некој можеби ќе ги отфрлеше како преуранети овие барања. Она што е сепак побитно е – зошто премиерот Христијан Мицкоски свесно му ја урива позицијата на Савески со изјави како последната и зошто упорно работи на создавањето впечаток дека новиот државен јавен обвинител е тука за тој да му нарачува што да работи и да работи против тие (Ислам Абази) што носат одлуки што нему не му одговараат?
 
Според оценка на познавач на судството  Мицкоски  во континуитет откако е избран го „фрла под автобус“ Савески, односно му става најтранспарентно до знаење дека го наместиле на функцијата за да им служи, а не за да покажува независност. Поточно, дека што и да прави треба да знае кој му е „газдата“, бидејќи силните реторики за ослободување на обвинителството од стегите на политиката важеле само додека Љупчо Коцевски ја држеше таа функција. А, сега е друга ситуација.
 
И сето ова се случува две недели пред ЕУ да ни каже колку сме (не)напреднале во реформите при што тие во судството и обвинителството се најприоритетните. Како да се фрлиле сите да го засилат впечатокот дека не ни функционира обвинителството, за да  елегантно избегаме од притисокот да ги менуваме суштински состојбите во земјата, технички правејќи тоа што бара Брисел. 
 
„Кога на граѓани и фирми им се отфрлаат пријави, никој не му се јавува на обвинителот за да му каже дека е „шокиран“. Премиер врти кај државен обвинител да праша за предмет само во држава без систем. И зошто воопшто му се јавува на државниот обвинител, а не на шефот на обвинтиелството што го водеше предметот за мазутот кое ја запре постапката? Какви се овие нарачки ЕСМ да се жали на одлуката, кога луѓе од самата компанија пред обвинител кажале дека не е оштетена?“, реагираше денес на социјалните мрежи новинарот Васко Маглешов, додавајќи дека очекувал државниот обвинител да му каже на премиерот никогаш повеќе да не му се јавува, а не да се правда. 
 
И, откако власта ја растури ДКСК, упорно подметнувајќи во неа кадри блиски до партијата или поврзани со злоупотреби, и откако го компромитираше Савески, сега почна  операција на компромитирање на Ислам Абази, обвинителот за корупција и организиран криминал на кој му се припишува блискост до СДСМ и ДУИ, бидејќи беше избран во време на претходната влада. Пратеничката позната по бројот на станови, Дафина Стојановска, порача денес дека Абази веднаш треба да си даде оставка поради скандалозно затворање на обвинителската постапка за предметот „Мазут’’ вреден 167 милиони евра. 

„Пред само една година, обвинителството кое го води Ислам Абази побара притвор за четири лица осомничени во овој случај, затоа што сметаа дека осомничените може да се дадат во бегство или да влијаат врз сведоци во постапката, за денес – година дена подоцна истите овие обвинители да одлучат дека нема основ да се продолжи овој случај. Оваа контрадикторност од страна на обвинителството кое го води Ислам Абази е само поради лукративно политички основи, а не на правни или обвинителски аргументи. Целата јавност во овој скандалозен случај, виде перење на пари, криминал и труење на животната средина, само Ислам Абази не виде ништо“, порача таа на прес конференција. Потоа почна да има дава задачи на сите што му пресудија на случајот.
 
Најпрво таа го повика Советот на обвинители да не седи настрана кога било евидентно дека имало влијание од страна на Ислам Абази во случајот наречен „Мазут’’. Од  обвинителката Катерина Коларевиќ побара да каже како утврдила дека нема никаква штета во случајот вреден 167 милиони евра, кога целата јавност видела и финансиска и еколошка штета, за која и АД ЕСМ поднела жалба до повисоките судски инстанци? И на крај, запраша „ до кога Ислам Абази, кадарот на Ахмети, Филипче и Заев, планира да биде џелатот на правдата и да испорачува за ова криминално трио?“, бидејќи по се изгледа само џелатот на правдата на ВМРО-ДПМНЕ има право да исполнува обврски. Па, заклучува дека „се додека правосудството го водат ликови како Ислам Абази, вакви контроверзни одлуки во полза на СДС и ДУИ ќе доминираат“.
 
Патем Абази ги троши последните месеци од својата функција бидејќи мандатот му истекува во октомври, а во ноември може да биде избран некој друг на оваа функција, така што барањата за негова оставка имаат повеќе пропагандно значење отколку реално , особено во ситуација кога власта купува горива од истите тие за кои бара да се повтори истрагата.  Од овие препукувања е јасно само едно – ниту има, ниту ќе има вистински промени во правосудството и дека нема ни обид да се сокрие тоа.