Муцунски ја префрла одговорноста кај опозицијата за неостварување на реформите
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски побара поддршка од опозицијата за усвојување на клучните закони поврзани со европските реформи, нагласувајќи дека без договор во Собранието нема да може целосно да се реализира пристапот до европските средства.
Според него, меѓу најважните прашања се измените на Изборниот законик и реформите во правосудството, за кои е неопходно пошироко политичко усогласување и двотретинска поддршка.
„Пред сѐ, кај изборниот законик и правосудните реформи е потребна политичка зрелост. Не декларативна поддршка на прес-конференции, туку конретна, во институциите и Собранието“, изјави Муцунски.
Тој посочи дека законските измени се клучни и директно ќе влијаат врз кредибилитетот на државата, владеењето на правото и користењето на европските фондови.
„Секое блокирање, одолговлекување или политизирање на овие процеси не е удар врз Владата, туку врз европската перспектива на државата и врз интересите на македонските граѓани“, изјави Муцунски.
Според него, во период кога државата добива сериозна доверба и поддршка од Европската унија, политичките чинители имаат обврска да покажат одговорност и да придонесат кон измените, нагласувајќи дека „реформската агенда е директно поврзана и со Планот за раст на ЕУ, кој отвора сериозни можности за инвестиции, инфраструктура и економски развој“.
Муцунски најави дека во наредниот период државата очекува „историски висока исплата“ во рамки на Планот за раст, оценувајќи дека тоа претставува потврда оти европските институции го препознаваат институционалниот капацитет и подготвеноста на земјата за спроведување на реформите.
На новинарско прашање како би се постигнал консензус меѓу власта и опозицијата, со оглед на нивните спротивставени ставови, Муцунски одговори дека клучен е реформскиот процес, во рамки на кој треба да се усвојат неколку важни закони во Собранието, за што е потребен консензус или двотретинско мнозинство. Тој истакна дека овие закони се предмет и на оценка од европските институции, поради што, како што рече, сите политички чинители треба да покажат одговорност.
„Ако опозицијата секој ден држи прес-коференции и вели нема нешто позначајно од ЕУ, треба да ги користиме фондовите, но во пракса не ги поддржуваат европските закони, тогаш заклучокот е јасен“, изјави Муцунски.
Според него, прес-конференцијата не била организирана за меѓусебни обвинувања, туку за да се упати повик за зрелост и за, како што рече, опозицијата да постапува во согласност со заложбите што јавно ги промовира.
„Денешната прес-конференција не е свикана за да се етикетираме, туку за да ја повикаме опозицијата да дејствува согласно тоа што го говори. Не може кога тие се повикани да учествуваат во работна група за закон кој Европа го бара од нас, да си речат ние ќе го бојкотираме процесот бидејќи не ни се допаѓа претседателот на Владата“, изјави Муцунски.
Повикот на Муцунски експресно беше одбиен од лидерот на СДСМ Венко Филипче. Според Филипче, реформите се уставни измени и тоа е вистинскиот пат кон Европската Унија.
„Кој Муцунски бара национално единство и реформска агенда? Тој што беше против Преспанскиот договор и бојкотираше референдум или тој што вика сега дека НАТО е добро? Кој Тимчо го бара тоа? Што ќе каже за Груевски, дали и тој смета дека е суден во наместени процеси или смета дека треба да одговара? Се докажува дека бил дел од тим што лажел и сега бара реформи и Европа. Не сака тој реформи, реформите се викаат уставни измени и тоа е вистинскиот пат, нека не мачка очи. Ако не сакаат, нека си заминат. Што правеа две години? Ништо не направија, која реформска агенда. Патот напред е уставни измени, и тие ништо не загрозуваат. Секој ден лажеа, немаат кредибилитет да ја водат државата “, изјави лидерот на СДСМ.
Тој на прес-конференција праша што правела власта за реформската агенда две години.
„Да сакаа заедничка работа немаше на сила да ја укинат техничката влада. Зошто го донесоа законот за Влада како што никогаш досега не бил донесен. Во 2018 година сè му е дадено на Христијан Мицкоски, техничка влада на негово барање со консензус донесена од сите партии, сега на сила ја укинаа и ја видоизменија. Пазете техничката влада е веќе видоизменета и за следниот изборен циклус не може технички министер да си формира свој кабинет. Трик повторно. Нема чесна намера во оваа група на власт“, рече Филипче.