ВМРО-ДПМНЕ никако да се реши дали е добар или не е Преспанскиот договор што го потпиша Македонија и благодарејќи на кој стана земја членка на НАТО. Откако премиерот, шефот на дипломатијата и претседателката на државата со месеци зборуваа дека ни требаат гранции за јазикот и за македонскиот идентитет, вчера претседателката Гордана Сиљановска-Давкова направи салто мортале и порача дека Преспанскиот договор – иако а бил спротивен на меѓународното и домашното право – го потврдува постоењето на македонскиот народ, јазик и култура.
Утрово пак од ВМРО-ДПМНЕ испратија спротивно соопштение, во кое тврдеа дека екс-лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој патем го направи договорот со Грција, го бришел зборот „македонски“ од институциите, додека „уценетиот“ Венко Филипче е спремен да го доврши бришењето на македонскиот идентитет, иако според претседателкатра – веќе ни е гарантиран.
Ваква политичка какафонија од ставови на иста тема и за исто прашање тешко дека има на друго место во Европа, што објаснува зошто во Брисел и натаму не им е јасно што всушност сакаме и зошто идентитетот на волкот вчера (дали е куче или тоа што мислеле дека е) беше почитана тема од оваа на ВМРО-ДПМНЕ.
Впечатокот е дека тој што станал утрово да пишува соопштение не го прочитал ставот на претседателката од вечерта, освен ако не станува збор за истата фамозна политичка тактика на владејачката партија, со праќање разни сигнали и давање различни ставови да имаат аргументи и да се бранат кај што треба, и да напаѓаат кога им треба, а никој да не знае што работат воопшто. Во тој стил е и соопшението на ВМРО-ДПМНЕ денес на фамозната тема идентитет:
„СДСМ бесрамно лажат дека ги заштитиле идентитетот и историјата, а на институциите им ги менуваа имињата од македонски во национални, така на пример Македонска опера и балет стана Национална опера и балет, дури одеа дотаму што вршеа притисоци Фудбалската федерација на Македонија да го смени името, иако тоа е независна организација.
Да не се заборави и дека пред споменици на македонски историски личности, ставаа табли дека се дел од хеленска што значи старогрчка историја, а не хеленистичка, што е сосема различно и не значи грчко туку според историчарите ја означува космополитската култура на сите народи кои биле под владение на македонската империја на Александар Македонски.
Но, терминологијата секогаш е слаба страна на СДСМ, па така српскиот пиар на Башановиќ, сега го тера Филипче да се резили со напади врз терминот ‘промакедонски’ кој во политичкиот и општествениот дискурс е прифатен како термин кој се однесува на застапување на македонските национални и државни интереси и се кажува дека приоритет се става на Македонија. Затоа само СДСМ и Филипче немаат проблем кога некој нѐ нарекува северномакедонци, тие се горди на тоа, затоа само тие сметаат дека Бугарија не го негира македонскиот идентитет“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, токму затоа како што Бугарија се противи на гаранции дека нема да блокира и да бара отстапки од македонскиот идентитет и историја, на истото се противи и Филипче.