Мандатот ми е успешен, договорот од Преспа го потврди македонскиот јазик: Сиљановска за двете години
Ако Преспанскиот договор го потврдил македонскиот идентитет, кој е сега предавник, регаираше лидерот на СДСМ Венко Филипче
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова сама ги пофали своите две години како шефица на државата, велејќи дека „нејзиниот мандат досега бил успешен“. Според неа тоа било особено во зајакнување на меѓународната видливост на државата, унапредување на интегритетот на претседателската функција и подобрување на директната комуникација со граѓаните.
Во интервју за Македонското радио таа рече дека „многу работи се придвижиле“ откако таа стапи на функцијата, посебно нагласувајќи дека нејзиното долгогодишно искуство во европските институции одиграло значајна улога и државата добила препознатливост во меѓународната политика.
Таа имаше пофални зборови за Преспанскиот договор, иако според неа бил спротивен на меѓународното и домашното право. Но, вели, тој денес е реалност. Според неа, договорот го потврдува постоењето на македонскиот народ, јазик и култура.
Во интервјуто најмногу внимание посвети на евроинтеграциите и спорот со Бугарија. Иако и тој договор е реалност таа ги отфрли критиките дека „им држи лекции“ на европските претставници, потенцирајќи дека само укажува на двојните стандарди и на потребата од почитување на Копенхашките критериуми и европските вредности.
„Водена од националниот интерес, но и од правото и правдата, само укажувам на неодржливоста на односот кон нас“, изјави претседателката. И повторно го споменуваше Лисабонскиот договор, Повелбата за фундаментални права и практиката на Европскиот суд за човекови права, нагласувајќи дека Европската Унија мора да го почитува националниот и културниот идентитет на народите.
Забележливо е дека за овие две години Гордана Сиљановска-Давкова ниту еднаш не беше во Брисел во посета на европските институции.
Според неа, прашањата за македонскиот јазик, историја и култура се затворени, а барањата за уставни измени кои не произлегуваат од европското acquis се несоодветни.
На оваа изјава за Преспанскиот договор, лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче во коментар на социјалните мрежи рече дека таа потврдила оти со него е апсолвирано прашањето за македонскиот национален идентитет.
Според Филипче, ваквиот став на претседателката се надоврзува на изјавата на шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски дека влезот на Македонија во НАТО, што дојде по Преспанскиот договор, бил позитивен за земјата.
„По вчерашната изјва на Тимчо Муцунски дека НАТО е феноменална работа (иако ВМРО-ДПМНЕ не сакаше да гласа за тоа), сега и претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова вели дека Преспанскиот договор го потврдува македонскиот национален идентитет! Дали е ова доволен доказ дека СДСМ е најдржавотворната партија? Дали сега е јасно кои се предавниците?“, напиша Филипче на Икс.