Мицкоски најавува преразгледување на случајот со мазутот
Премиерот Христијан Мицкоски „со неверување“ ја слушнал одлуката на Јавното обвинителство за гонење корупција и криминал дека во случајот околу набавката на мазут за ТЕЦ „Неготино“, во кој беа обвинети 13 лица, меѓу кои газдите на „Пуцко петрол“, Ратко Капушевски oд РКМ и Васко Ковачевски – немало докази за незаконски активности воопшто.
Мицкоски рече дека бил и шокиран, и дека АД ЕСМ ќе поднесе жалба за донесената одлука, по што очекува случајот повторно да биде разгледан.
Тој додаде дека „овој обвинител веќе сме го коментирале“, без да го спомене името на Ислам Абази, обвинителот на ОЈО ГОКК. Тој немаше дилема и „за каков јавен обвинител станува збор“, додавајќи дека за оваа одлука зборувал со државниот обвинител Ненад Савески кој му рекол дека воопшто не бил информиран од Абази за исходот од истрагата – како Савески хиерархиски да е надреден на Абази и треба да му поднесува извештаи за својата работа.
Ако слуќајот не биде вратен и преразгледан, според премиерот, Обвинителството дефинитивно ќе го изгуби својот авторитет.