СДСМ: Скандалозно е Мицкоски пак да му дава задачи на јавниот обвинител


Ненад Савески (Фото: Б. Грданоски)

 

Опозициската СДСМ денеска ги осуди директоното мешање на премиерот Христијан Мицкоски во работатата на обвинителството, откако самиот призна дека му се јавил на државниот обвинител по одлуката за откажување на прогонот во случајот со мазутот за ТЕЦ „Неготино“. Претходно, Мицкоски од собраниската говорница му подели задачи на обвинителот Ненад Савески.

„Имаме скандалозно признание на Мицкоски дека разговарал со јавниот обвинител Ненад Савевски, од позиција на премиер и му дал насоки како да постапува Обвинителството.

Мицкоски вели: ‘Ако тоа не се случи, тогаш обвинителството дефинитивно го губи својот кредибилитет’.

Што е ова? Чиста наредба. Како што правеше од собраниска говорница, како што прави од телевизија, сега повторно, нова наредба на Мицкоски за јавниот обвинител кој самиот го избра и го постави“, рече генералниот секретар на партијата Александар Димитриевиќ.

СДСМ бара секој што се огрешил да одговара, но да не наредува премиерот. Оттаму велат новиот јавен обвинител Савески работел по нарачка на Мицкоски и бараат од него да си поднесе оставка.

Мицкоски денеска рече за овој случај разговарал со обвинителот Савески, кој му одговорил дека не бил информиран за одлуката.

Но вчера, во изјава за „Фокус“, обвинителката што го водеше предметот во ОЈО ГОКК, Катерина Коларевиќ, рече дека таа лично му се јавила на државниот обвинител Савески и телефонски го известила за одлуката предметот да биде запрен затоа што нема докази за кривично дело.