СДСМ тврди дека се подготвува нова шема за финансирање на провладините медиуми


Богданка Кузеска

 

Неодамна влијателниот „Еурактив“ напиша сторија дека Еуроњуз стана платформа за авторитарните режими. Истражувањето на „Еурактив“ покажа дека иако сè уште добива милиони евра европска помош, Еуроњуз го постави својот бизнис модел да стане сè повеќе зависен од политички поврзани инвеститори, лобисти и комерцијални партнерства со субјекти поврзани со неслободни држави.

Српскиот портал „Раскрикавање“ вчера објави дека компанијата „Јунајтед груп“, која ја поседува телевизијата Н1 планира да го продаде својот медиумски бизнис на луксембуршкиот фонд „Европски идни медиуми инвестментс“, кој е поддржан од португалската инвестициска група „Алпак капитал“, а која е блиску поврзана со доверливите соработници на досегашниот премиер на Унгарија Виктор Орбан.

Според „Раскрикавање“, фондот ќе плати само 30 милиони евра за неколку телевизиски и медиумски куќи во регионот, вклучувајќи ги Н1, Нова С, медиуми во Црна Гора, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина.

Опозициската СДСМ денеска соопшти дека во оваа шема наводно влегуваат и медиуми од Македонија.

„По рецептот на Вучиќ, и во Македонија, исто како во Србија моментално, започната е операција за спас на Алфа ТВ и нови извори за финансирање“, рече на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Според неа, свиркачи доставиле информации до СДСМ дека цлиот процес го водел вицепремиерот Александар Николоски по насока на премиерот Мицкоски и дека операцијата треба да се изведе преку Алта банка, која неодамна ја купи Стопанска банка Битола.

„Во Македонија, планот е преку нови фирми регистрирани кај нас да се преземат концесијата, опремата и студијата на Алфа ТВ, а целиот финансиски механизам да оди преку Алта банка. Алфа Скоп, фирмата сопственик на Алфа ТВ е блокирана сметка, должи 100.000 евра и веќе е пред стечај. Нашите инфромации говорат дека Ивона Талевска од пред неколку денови е назначена за координатор на Еуроњуз за Македонија преку преставиштвото на Еуроњуз во Србија“, рече Кузеска.

Наводно, во тек било регистрирање  фирми во Македонија кои ќе ја преземат концесијата и опремата и студиото лоцирано во Визбегово. Ќе се инвестира во нова опрема.

„Дополнително, се формира и маркетинг агенција која формално би работела ПР и маркетинг за Алта банка, а преку нејзиниот буџет би се финансирале новинари, аналитичари, апологети и медиумска пропаганда во корист на ВМРО-ОКГ“, рече Кузеска.

 

„Еурактив“: Како Еуроњуз стана платформа за авторитарните режими