По Мицкоски и Тошкоски бил шокиран за мазутот. Обвинителката вели дека од ЕСМ дале исказ оти нема штета
Министерот вели дека нема ништо спорно што премиерот му се јавил на обвинителот и барал информации. Обвинителката откри дека од ЕСМ изјавиле оти сѐ било регуларно со мазутот, нема криминал
Еден од клучните случаи врз кои ВМРО-ДПМНЕ како опозиција, а потоа и како влада го креираше наративот дека претходните власти краделе многу од државните пари спектакуларно се распадна, а премиерот и министрите ги собираат искршените парчиња од „вазната“ за мазутот за ТЕЦ „Неготино“.
Прво премиерот Христијан Мицкоски изјави дека бил „шокиран“ од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) за запирање на истрагата поради тоа што немало докази дека има кривично дело. Вечерва и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, рече дека и тој бил „шокиран“ од таа одлука. Тошковски во „Само интервју“ на Канал 5 тврдеше дека не само што бил тој шокиран туку била шокирана и македонската јавност.
Само обивинтелката Катерина Коларевиќ не е шокирана. Таа во интервју за „360 степени“ изјави дека немало докази за кривично дело по истрагата што ја врешеле цела една година и дека надлежните од ЕСМ во записник изјавиле дека нема штета за компанијата.
„Јас сум шокиран и разочаран од одлуката на ОЈО ГОКК, исто како што е шокирана целата македонска јавност. Овој предмет беше работен заедно со Јавното обвинителство, по насока на јавите обвинители е постапувано и во рамките на предистражната постапка. Кривичната пријава е изготвувана по насоки на истиот јавен обвинител и кога таа е поднесена од МВР беа ценити околности во насока на определување мерки за обезбедување присуство, во конкретниот случај за дел од осомничените беше побарана и најтешка мерка. Како наеднаш се смени фактичката состојба треба друг да даде одговор, а не јас. Не смее да има тивок обид на затворање на една ваква постапка од страна на Обвинителството“, рече Тошковски.
Тој вели дека добил информации од луѓе кои биле дел од овој процес дека било постапено максимално професионално за утврдување на фактична состојба со цел да се разоткрие она што е правено. „Ни оддалку не сметам дека е доловена фактичната состојба“, рече Тошковски.
Министерот верува дека премиерот не би влегувал во незаконски комуникации, како што беше неговиот телефонски разговор со јавниот обвинител Ненад Савески. Тој не гледа ништо спорно во тој телефонски разговор.
„Лично, познавајќи го премиерот, сигурен сум дека никогаш не би влегол во рамки на одредени комуникации кои би биле незаконски, а камоли во насока да влијае на кој било обвинител, конкретно дали треба да постапува вака или онака. Така што, не верувам дека е направена каква било конкретна неправилност при која било дејност што ја презел во насока на комуникација со јавниот обвинител. Претпоставувам дека сакал да добие изворна информација за она што ја шокираше целокупната македонска јавност, како прв човек на Владата, претставник на македонските граѓани. Навистина не гледам ништо спорно во тоа што побарал информација за случајот, особено од аспект на она што е излезено во јавноста дека јавниот обвинител не е консултиран за предметната одлука“, рече Тошковски.
Откако сите беа убедени дека оние што беа осомничени се сигурно виновни, обвинителката Коларевиќ денеска ги распрсна таквите ставови.
„Во текот на истрагата беа преземени сите неопходни дејствија, а особено значајно е што во март годинава беа сослушани претставници на АД ЕСМ кои недвосмислено изјавија дека не постои штета за компанијата. Тоа е суштински елемент за постоење на кривично дело од аспект на штетните последици и токму тие искази дополнително ја потврдија веќе утврдената фактичка состојба. Во таа насока, јавниот обвинител беше телефонски информиран за исходот на постапката, но законска обврска за формално реферирање во ваков случај нема. Замислете ако секој предмет, особено кога нема спорни правни прашања, биде предмет за колегиумско одлучување. На тој начин би се довела во прашање и самостојноста на обвинителот кој постапува по конкретниот предмет. Во конкретниот случај, ОЈО ГОКК за донесената одлука го информира јавниот обвинител на Република Северна Македонија пред таа јавно да биде соопштена“, рече Коларевиќ за „360 степени“.
Таа уште даде едно дополнително објаснување во врска со кривичните пријави што ги поднесува МВР. Не секогаш тие се поткрепени со докази.
„Обвинителството не смее да поднесува обвиненија само за да ја задоволи јавноста или политичките очекувања. Нашата обврска е да поднесеме обвинение само тогаш кога доказите реално можат да доведат до осудителна пресуда. Сѐ друго би било неодговорно и спротивно на законот. Но, ниту еден од обезбедените докази не даде основ за поднесување обвинение од кое би можело основано да се очекува донесување осудителна пресуда. Имено, доказите прибрани во текот на истрагата не обезбедија степен на сомнение потребен за поведување обвинение, имајќи предвид дека согласно одредбите од ЗКП… Обвинителството не е врзано за квалификациите дадени во кривичната пријава, без разлика дали таа доаѓа од МВР, ДКСК или од која било друга институција. Нашата обврска е самостојно и независно, врз основа на докази, да утврдиме дали навистина постојат елементи на кривично дело и за кое дело. Не се потврдија клучните елементи потребни за постоење на кривичните дела наведени во пријавата, особено во делот на настапена штета, противправна имотна корист и постоење умисла“, рече таа.
Коларевиќ го наведува клучниот доказ за запирање на постапката – дека претставниците на ЕСМ и ТЕЦ „Неготино“ назначени од оваа власт во записник изјавиле дека нема штета од набавката на мазутот.
„Особено значајно е што претставници на АД ЕСМ, како субјект кој според пријавата требало да биде оштетен, јасно изјавија дека штета нема. И не само тоа. Претставниците на АД ЕСМ овластени од сегашниот директор на АД ЕСМ и претставниците на ТЕЦ ‘Неготино’ овластени од сегашниот директор на ТЕЦ ‘Неготино’ на записник во обвинителството изјавија дека постапките се спроведувале согласно правилата, дека немало проблеми во динамиката на испорака, дека договорите биле целосно испочитувани. Дополнително, вработени од АД ЕСМ доставија документација во форма на сублимирано појаснување добиено од Секторот за производство на АД ЕСМ, во која се образложува законитоста на постапките, а воедно примероци од записниците од исказите на претставниците им беа врачени веднаш по сослушувањето, кое се изврши на 4.3.2026 година“, нагласи обвинителката.
Правосудната полиција во неколку наврати пристапувала во просториите на АД ЕСМ со барања за доставување документација и докази за утврдување факти за кривична одговорност. Но такви никогаш од страна на ЕСМ не биле доставени, рече Коларевиќ.
Истрагата се водеше против 13 лица, меѓу кои сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, газдите на компанијата РКМ, Ерџан Сулкоски и Ратко Капушевски, како и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски.